|
|
Од патувањата по Беломорска Македонија (4) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) ОД КОСТУРСКО ДО ЛЕРИНСКОМолчешкум го напуштивме Желево и се упативме кон кафеаната што е единствениот нов објект на патот кон Костур, се поздравивме со стариот желевчанец кој со љубопитност прашуваше и сакаше сѐ да знае за нас и за нашата посета, а потоа се упативме кон Лерин. Пред да стасаме до планинскиот превој, застанавме на една ширинка од каде што се гледаше голем дел од Лерин, селото Арменско, дел од Пелагонија и неколку села што се нанижани на патот што води од Лерин кон Воден и Солун. Тука, нашиот познајник ни раскажуваше за неговиот дедо - комита кој ја пролеал крвта за Македонија некаде на Бигла, предаден од попот Ставрос од селото Псодери. Потоа ни кажа дека македонските комити не му останале должни на попот Ставрос – го заклале, осветувајќи му се за неговите зли дела. Посебна епизода во приказната за убавините на Егејска Македонија, секако,е Мала Преспа, природен резерват на убавина и на бројни историски и културни знаменитости. Тука е островот „Свети Аил“ на којшто уште живеат околу дваесетина Македонци што останале на родните огништа и со столетија ги чуваат спомените за големиот македонски цар Самуил. Имено, на овој остров некаде околу 970 година живеел Самуил и тука го изградил огромниот манастир и црква посветена на светецот Аил, чии коски ги донел од Лариса. Сѐ уште стојат делови од таа црква, заедно со една помала црква на задниот дел на островот. Меѓутоа, за жал, од другите петнаесетина цркви што биле изградени за време на Самуил не е зачувано ништо. Прастарите фрески насликани на камен и црквите изградени во дупките во карпите крај Преспанското Езеро, навистина, се нешто што кај секој патник предизвикува восхит. Особено црквата „Света Богородица“, која, како гнездо, виси на врвот од една карпа во непосредна близина на јазолот каде што се допираат границите на Република Македонија, Албанија и Грција. Црквата некогаш била блиску до водата, но по повлекувањето на езерото, сега таа е високо горе и до неа се стигнува по подолго качување по скалите засечени во карпата. Од Преспа заминавме кон Лерин, град што е сместен меѓу шумовитите планински врвови на планината Бигла и пространото плодно Пелагониско Поле на исток. Тој е трговски и административен центар на Леринската околија. Лерин е еснафски град. Тоа се гледа по бројните дуќани кои се душата на градот Тоа е поднебје во кое земјата е ровка, богатите шуми се користат за потребите на индустријата и во домаќинствата.
Во Лерин посетивме еден наш добар пријател кој потекнува од едно преспанско село, а живее и работи во градот. Тој е еден од многуте Македонци кои имаат дуќани во центарот на Лерин. Таму, домаќинот нѐ почести со ракија и локум во својот убав дом што е во непосредна близина на центарот на Лерин, а ни раскажуваше за својата посета на Перт, Австралија, каде што престојувал три месеци кај своите блиски – ќерката, зетот и двете внучиња. Ни раскажуваше за животот на нашинците во таа далечна демократска и мултикултурна земја, каде што Македонците зборуваат на својот мајчин јазик и одат во македонски цркви, а децата учат англиски и мајчин македонски јазик. Тоа го кажуваше и со радост и со восхит, но, во исто време, и со голема тага, бидејќи, како што рече, неговите две внучиња од синот кои учат во Лерин ја немаат таа среќа во својот роден град и својата земја. Е, затоа, домаќинот рече дека неговата тага е голема и таа тага и болка ќе ги однесе на другиот свет. Но, овде Господ е голем! Тој наградува и казнува, а во исто време и го чува семето македонско на сите страни во светот, зошто тоа се раширило од пред времето на Филип и Александар, од времето на Апостол Павле, па сѐ до денес. Сите кои ја опишувале Македонија било низ преданијата и легендите, низ трагите на камењата, градбите, археолошките предмети, папирусите и потоа, патеписците и историчарите, ја доживуваат земјата како библиска, фасцинирани од нејзиното богатство и убавина, волшебност и гордост. Силна е националната свест кај Македонците во Егејска Македонија, а битката се води дома и пред меѓународните организации на Европа и Обединетите нации. Формирањето на партијата на Македонците „Виножито“ е голем чекор напред и постоење на едно јадро, чии членови лавовски се борат, а партијата исклучително многу значи за зачувувањето на идентитетот и борбата за права, човекова правда и вистина. Но, вистината е сосема друга. Имено, во егејскиот дел на Македонија продолжуваат уште повеличествено да се слават духовните и националните празници по македонските села и градови. Се прават свадби и венчавки со две рала тапани и многу сватови и стари обичаи кои се пренесуваат од генерација на генерација. На Илинден во селото Овчарани се собираат и се веселат илјадници Македонци кои стануваат препознатливи по најголемото оро кое тие го вијат. Во Нерет и на други места, исто така, народот се збира на свои слави. На овие свечености се собираат Македонците од Егејот, од Република Македонија, од целиот свет. Исто така, Македонците го имаат Домот на културата во Лерин кој уште опстојува со многу пречки и подметнувања од властите. Таму постои и Редакцијата на весникот „Зора“. Македонците имаат свои ресторани и хотели каде ечи македонска музика. Во 2006 година ентузијастите, борците и храбрите, и покрај сѐ, по цели осумдесет години успеаја да го отпечатат Букварот на македонски јазик. Беше извршен силен притисок од тогашната влада во Атина, меѓутоа, таа мораше да попушти пред Лигата на народите. За жал, со манипулации и подметнувања „случајно“ избувнал пожар токму на возот кој го пренесувал Букварот до Солун и така заврши неговото појавување, односно, потаманување. Но, тој Абецедар со современата азбука и јазик, иако по многу време, сепак ја дочека светлината на денот.. Тој беше промовиран во Солун и Атина и покрај антимакедонските фашистички екстремистички побуни. За жал, во „демократска“ Елада на Македонците сѐ уште и во XXI век на пописите не им се дава право да можат да се изјаснуваат тоа што се во Егејска Македонија. Според многу податоци од Егејска Македонија има повеќе од еден милион население, а сега во тој јужен дел на Македонија една половина се Македонци. Грчката власт не го признава нивното постоење. Многу експерти од светот дошле и самите на лице место се увериле дека Македонците се во огромен број, со свој јазик, традиции, култура, религија, обичаи и, воопшто, со посебни национални обележја, поразлични од грчките, поразлични од другите. Патувањето го продолживме од Лерин кон Битола, по патот кој минува низ Пелагонија, низ нејзиниот југозападен дел. А, таму поради познатите миграциски процеси и иселувањето на Македонците, голем дел од плодните површини се останати како неми споменици на времето. Таму се сместени селата Света Петка, Клабучиште, Долно и Горно Клештино, Кладораби, Кабасница, Буф и др. Овие села се познати по тоа што од нив голем број Македонци започнале да заминуваат на печалба во прекуокеанските земји, САД, Канада, Австралија уште пред Првата светска војна, а особено тоа било изразено по Граѓанската војна. Таму, во новиот свет, далеку од својата родна земја, за среќа Македонците ја почувствуваа слободата, правдината и ги уживаат човековите права и слободи.
|