|
|
Од патувањата по светот – Израел (4) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО ИЗРАЕЛСекоја светост, за да остане трајно во колективното паметење и да биде вечна инспирација на новите генерации, мора, најпрвин, да биде осквернавена. Храмот во Ерусалим бил разурнат од вавилонскиот крал Набу-кодоносор, а Евреите биле протерани како робови во Вавилон. Оттогаш потекнува псалмот кој со текот на времето се претвора во заклетва. Тој гласи: „Ако те заборавам Ерусалиме, нека ми се исуши десната рака, јазикот нека ми се залепи со непцето, ако те заборавам, ако ти, Ерусалиме, не ми бидеш најголема радост“. Во летописот на Ерусалим се наоѓа и Александар Македонски. Имено, Ерусалим бил освојуван од бројни воини, меѓу кои и од Александар Македонски. Интересно е тоа што градот доживува значаен процут за времето на Александар Македонски, кој овде дошол во 332 година, пред новата ера, протерувајќи ги оттука Персијците. Во неговото време, како и во времето на неговиот наследник Птоломеј, Ерусалим јакнел како религиозен центар и станал израз на духовната хармонија на Израелците. Познато и потврдено е дека, походот на Александар Македонски против Персија бил успешен. Во неколкуте поголеми борби персиската војска била разбиена, а со тие територии загосподарил Александар Македонски. На тој начин и Евреите, кои дотогаш се наоѓале под власт на Персија потпаднале под власта на Македонија. Овој настан ја засегнал политичката и економската положба на еврејскиот народ и неговиот внатрешен живот, неговиот бит и обичаите, културата и, воопшто, целокупното живеење на еврејскиот народ. Во врска со покорувањето, односно завладувањето со Евреите, при нашата посета на Израел ни беше речено дека меѓу Евреите останала забележана и една интересна легенда која пластично го претставува и „Освојувачот“” Александар Македонски. Имено, во еврејската историја се раскажува дека Александар Македонски на враќање од Египет, каде што бил примен со големи почести и прогласен за син на Богот Амон, решил да го завладее и Израел. Самарјаните по поразот на Персијците на Ис, побрзале да му ја изразат својата покорност на македонскиот завојувач и без отпор ја примиле неговата власт. Меѓутоа, јудејските управници, кои се чувствувале обврзани со клетвата за верност кон персискиот владетел, одбиле да го сторат тоа. Нивното обраќање го разгневило Александар Македонски, кој решил да ги казни и тргнал на чело на армијата кон Ерусалим. Така, имено дошло до легендарната епизода што се одиграла пред древните ѕидишта на бесмртната еврејска престолнина. Кога ја виделе опасноста од „Освојувачот“Јудејците вознемирени, побрзале да формираат многубројна делегација од првенци и свештенослужители, кои требало да го омекнат гневот на Александар. Тие облечени во великолепни свештенички одежди и со запалени факли во рацете го дочекале пред градските ѕидишта, на чело со првосвештеникот Јадуа. Потоа, историската легенда зборува дека кога Александар се исправил пред јудејските свештенослужители и првенци, кои го очекувале, како да настанало некак-во чудо. Изненаден, тој го запрел својот коњ, и на големо изненадување на неговите полководци и придружбата, пристапил кон првосвештеникот Јадуа, и со почит му се поклонил. Од неговиот претходен бес немало ниту трага. Полководецот Парменион не се воздржал и го прашал царот зошто толку бргу неговиот бес се претворил во необична милост кон покорените Евреи. Ти си највеликиот цар на земјата – рекол Парменион Зошто се понижуваш, поклонувајќи се пред овој стар Евреин? Александар, меѓутоа, ја прифатил раката на првосвештеникот и одговорил: „Кога бев уште во Македонија и мечтаев да ја покорам Азија, ми се јави на сон едно чудно провидение, кое многу прилегаше на ликот на овој првосвештеник. Тој ми претскажа да не се плашам и да го преземам својот поход, бидејќи походот ќе заврши со блескава слава и со големи победи. Сега, кога го видов јудејскиот првосвештеник, се сетив за мојот сон. И поради тоа сакам да бидам милозлив и великодушен кон народот на чело на кој стои овој свештенослужител“, меѓу другото рекол Александар Македонски. Потоа, легендата вели дека Александар Велики го поткрепил со својата моќна десница стариот белобрад првосвештеник и заедно со него, влегол во Ерусалим. Меѓутоа, неговото влегување во Вечниот град било не како покорувач, туку како најверен пријател, со цел да му принесе на Храмот жртва на израелскиот Бог. Наредниот ден Александар Македонски им соопштил на првенците дека им дозволува слободно да ја извршуваат својата власт и верските обичаи, според нивните закони и разбирање.
|