|
|
Од патувањата по светот – Израел (7) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) СУДБИНСКАТА ПОВЕЗАНОСТ НА ЕВРЕЈСКИОТ И НА МАКЕДОНСИКИОТ НАРОРКога патувавме кон југ покрај Мртвото Море пристигнавме до остатоците од познатата планинска тврдина Масада, местото кое е запишано со големи букви во историјата на Евреите. Имено, Масада е пустинско плато што на околу 400 метри се извишува над западниот брег на морето од каде тешко може да се забележи. До висината на платото се стасува за неколку минути со современата жичарница, а само најхрабрите се искачуваат или слегуваат (како што ние направивме) по „змискиот пат“, што стрмо се спушта од големата височина. Искачувањето кон Масада значи задоволство, завет и голем предизвик не само за Евреите, туку и за бројните туристи кои доаѓаат да се потсетат на она што се случувало во почетокот на минатиот век, а кои на убав начин се пренесени преку спектакуларниот англиски филм „Масада“ за Евреите чии делови им се презентираат на посетителите при посетата на ова свето место. Според сведоштвата на познатиот римски историчар Јосиф Флавиј, во книгата „Јудејска војна“, се вели дека жителите на ова место, чиј број бил околу 1.000, бегајќи од римската наезда на војници, се скриле и дошле да живеат во Масада. Тоа се случило во 70-тата година по Христа, кога римската војска ја прегазила Јудеја и сите други тогашни предели на тие простори. Кога Римјаните дошле пред Масада, на местото каде една мала група Евреи им пркосела, сметале дека проблемот ќе го решат многу брзо, за неколку месеци, од причини што биле уверени дека во пустината Евреите не би издржале долго без вода и други прехранбени продукти. Меѓутоа, во Масада бил вљубен Ирод Велики, кој, веројатно, плашејќи се од непријателите, ја одбрал за свое место Масада каде ќе може, во случај на опасност, да се скрие и таму да живее подолг период. Така, изградил систем за собирање на дождовницата која се собирала во цистерни издлабени во камењата, како и други помошни простории за вода, дури и два отворени базена за капење. Ирод Велики на платото подигнал голем број магацини за складирање храна и место за чување домашни животни и гулаби. Според сведоштвото на Јосиф Флавиј жителите на Масада ја издржале тригодишната опсада. Меѓутоа, римската војска успеала да направи рампа на западната страна за да стаса до утврдувањето. За тоа биле ангажирани голем број робови од Египет, кои успеале да го поврзат просторот со платото. Пред тоа, Евреите се собрале во синагогата и одлучиле секој да си го убие своето семејство. Потоа од мажите што останале биле избрани десетмина кои ги убиле останатите мажи, а од десетте мажи што останале деветте биле убиени од еден, кој веројатно бил водачот и кој умрел пред римската војска.
Масада При нашата посета на Масада слушавме дека денес на ова историско место за Евреите, тенковските единици на израелската армија земаат заклетва и се колнат дека ќе ја бранат својата татковина и ако треба ќе загинат за неа, исто како нивните предци. Исто така, обичај е децата - Евреи кои полнат 13 години, во Масада свечено да станат членови на еврејската заедница. Тоа зборува за нејзината историска и национална важност, од која и не е лошо да учат другите народи како и на кој начин јакне духот на еврејското опстојување. Инаку, кога се зборува за судбинската поврзаност на македонскиот и еврејскиот народ и на Македонија и Израел, треба да се спомене дека Република Македонија се граничи со четири земји: Албанија, Бугарија, Грција и Србија. За жал, овие земји како во договор имаат аспирации и негаторски однос кон Македонија. Така Србите го негираат постоењето на автокефалноста на Македонската православна црква како продолжувач на Охридската архиепископија; не ја признаваат целосно границата меѓу двете држави. Грција го негира уставното име на Република Македонија и со сите можни средства се бори да ја омаловажи и државата и народот со употреба на неприфатливата додавка ПЈРМ. Албанија има територијални претензии кон западниот дел на Македонија, каде се случува популациска инвазија. Бугарија, пак, ја призна државата, а го негира македонскиот јазик. Од тие причини и не случајно Македонија е наречена „јаболко на раздорот на Балканскиот Полуостров“. Исто така и Израел се граничи со четири држави и тоа: Либан, Сирија, Јордан и Египет. Израел се наоѓа во изолирана положба како еврејска држава која е опкружена од Арапи, кои претежно се муслимани. Сите тие соседни земји, на свој начин имаат територијални претензии и се однесуваат негаторски кон еврејскиот народ и еврејската држава. Затоа, и Израел често се нарекува како „јаболко на раздорот на Блискиот Исток“. Меѓутоа, макотрпниот живот, целокупните состојби, силната љубов кон својата вера, народ, земја, минато и иднина направи и Македонците и Евреите да си формираат свои суверени и независни држави. Од Израел и од израелскиот народ треба да се учи колку тешко, макотрпно и со многу пожртвуваност се формира држава, како уште потешко се стекнува слободата и, како сето тоа возвишено, со силна вера, со голема љубов и со најголема надеж треба да се брани, да се гради, да се чува и да се развива новосоздадената држава. А, еврејскиот случај на создавање на држава и опстојување на истата е единствен пример во светот.
|