|
|
Античката историја на Македонија и Балканот во делата на западните автори (26 дел) |
(од фалсификати до коректно презентирање) Пишува: Јанко ТОМОВ Пишувања во врска со јазикот Од сето ова гледаме дека терминот "грчки превод на Библијата" е несоодветен за преводот наречен Септугинта, кој всушност бил превод на јазикот коине. Кога веќе ја спомнуваме писменоста, сакаме да ги истакнеме и истражувањата на македонскиот палеолингвист Васил Иљов, кој тврди дека во Македонија се пронајдени многу стари букви. Во нашата претходна книга пренесовме дел од неговите истражувања преку фотокопии и извадоци. Коректен став кон јазикот на античките Македонци нуди и авторот Џон Шеа во својата книга под наслов "Македонија и Грција - борба за создавање на нова балканска нација". Овде авторот го пренесува тврдењето на античкиот историчар Тразимах, па вели: "Тразимах пишува дека Грците зборувале различен јазик во однос на странските антички Македонци" (на англиски: "Trasymachus thought that the Greeks spoke a different language than the foreign Macedonians"). На стр. 40, Џон Шеа пишува за книгата на античкиот историчар Давид Т. Хогарт, во која бил спомнат Филип Втори и Македонската армија. Овде читаме: "Хогарт пишува дека во поставувањето на неговата армија, Филип ги отстранил разликите помеѓу Македонците од различните реони и племиња, но во исто време тоа ги засилило разликите помеѓу Македонците и Грците" (на англиски: "Hogarth says that in setting up his standing army, Philip eliminated distinctions between Macedonians from different areas and tribes, but at the same time, increased the disctinctions between Macedonians and Greeks"). На стр. 46 Шеа сосема правилно пишува дека стариот балкански народ Бриги ја внел својата крв и култура во античко-македонскиот народ. Тој смета дека етнонимот "Бриги" настанал од македонскиот збор "брег", што значел "рид". Потсетуваме дека зборот "брег" постои и во денешниот македонски јазик, иако со малку изменета етимологија. Во продолжение Шеа нуди дел од античко-македонската топонимија, за која цитира странски учени, кои тврделе дека оваа топонимија не била ни грчка, ни тракиска, а ниту илирска. Продолжуваме со книгата "Империјални владеења - историја на светот од 400 година пред Христос до 200 година по Христос". Во оваа книга, во врска со старо-грчкиот јазик, на стр. 18 читаме: "Јазикот беше грчки, но беше толку расипан со примеси од варварите, што Атињаните не можеле да го разберат" (на англиски: "The language was Greek, but so tained by barbarians strains, that Athenians could not understand it"). Авторот не прецизира за кое време станува збор кога пишува за овој, неразбирлив за Атињаните, "грчки јазик", но во суштина и тој признава дека т.н. "старогрчки јазик" бил мешавина од разни јазици. Кога сме кај јазикот на античките Македонци, ќе приложиме уште еден силен доказ дека овој јазик не бил грчки. Имено, изненадуза неупатените ќе делува фактот дека не постои ниту еден натпис на грчки јазик на територијата на цела Македонија, кој датира од петтиот век пред Христа, т.е. од времето пред прифаќањето на грчката култура во Македонија! Знаеме дека стари натписи на грчки јазик се пронајдени многу поодамна од петтиот век пред Христа, на територијата на денешна Грција, но такви натписи во Македонија - нема! Како доказ за ова ќе споменеме повеќе сведоштва на грчки археолози. П р о д о л ж у в а
|