Среда, 24 Декември 2014   
Доблесниот иселеник Антон Димитров од Гевгелија

slave-katin-3
СЛАВЕ КАТИН

ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛАТА НА МАКЕДОНЦИ ВО СВЕТОТ

Печалбарските движења од Македонија во прекуокеанските земји се карактеристични за традиционално иселеничките краишта на Западна Македонија и егејскиот дел на Македонија. Меѓутоа, поттикот за иселување од Македонија во вистинската смисла на зборот започнува непосредно по Илинденското востание, а особено по Балканските и Првата светска војна. Војните, наместо слобода од петвековното ропство, на Македонците им донесоа трајна поделба, асимилација, денационализација и физичко угнетување. Така се појавија и првите печалбари од јужно - вардарскиот регион кои привремено или постојано се доселиле, пред сè, во Соединетите Американски Држави, а и во други европски и прекуокеански земји.

Се смета дека првите печалбари од гевгелискиот крај кои „со торба на рамо” тргнале по светот со цел да стасаат во „ветената земја”- Америка, се појавиле токму по немирните воени времиња кога кај нив се почувствувала поголема патриотска настроеност. Имено, масовното бегање било последица на тоа што во тој период овој крај бил под бугарска окупација, период кога Македонците ги напуштале родните огништа со цел да ја избегнат принудната воена регрутација.

Според “Македонски алманах”, публикација на весникот “Македонска трибуна”, од  Индијанаполис, 1940, еден од првите печалбари бил Никола Бочваров, роден во Гевгелија, а кој во 1912 година емигрирал во САД. Тој бил еден од искрените македонски родољуби кои живееле во местото Албани, во државата Њујорк. Тој се занимавал со трговија; поседувал бакалница во Албани и одржувал деловни врски исклучиво со Американци. Како и голем број Македонци во тоа време, така и Никола членувал во Македонската патриотска организација (МПО) „Аргир Манасиев” од Њујорк. Инаку, овој огранок на МПО што го носел името на бележитиот македонски војвода, бил формирана на 30 јануари 1938 година. Поголемиот број членови на малата колонија во Албани биле од гевгелискиот крај.

Се претпоставува дека и Антон Димитров дошол во САД заедно со други доселеници од гевгелискиот крај. Во периодот меѓу двете светски војни веројатно тој имал блиски контакти со своите сограѓани кои живееле на подрачјето на градот Њујорк и, како и другите гевгеличани, на одреден начин бил вклучен во Македонската патриотска организација (МПО) „Аргир Манасиев” во Њујорк.

new-york
Њујорк

Во врска со членувањето и активностите на Македонците во САД и Канада треба да се истакне дека и покрај тоа што живееле далеку од Балканот тие, сепак, ги доживувале истите процеси што ги доживувало македонското национално движење во Македонија.

Во периодот меѓу двете светски војни кај македонските иселеници се чувствувала забележителна раздвиженост и активност на национален план. Како резултат на тоа, на 30 септември 1922 година во Форт Вејн, во државата Индијана, се свикал конститутивен конгрес на македонските доселеници во САД и Канада, на кој била основана новата организација под името Сојуз на македонските патриотски организации во САД и Канада, што потоа станала многу попозната по кратенката МПО.

За иселеничкиот пат на донаторот Антон Димитров има многу скудни податоци, можеби затоа што уште од раното детство го напуштил својот роден крај и заминал по белиот свет. Се претпоставува и се верува дека уште како голобрадо момче ја напуштил Гевгелија и заедно со други познати и непознати печалбари тргнал по светот уште пред завршувањето на Првата светска војна и стасал засекогаш на американскиот континент.

При истражувањето на идентитетот на овој донатор и поранешен сограѓанин на Гевгелија се ангажираше и југословенското дипломатско претставништво во Њујорк, Извршниот совет на Собранието на општината Гевгелија и екипа на Радио-телевизија Скопје, но без успех. За жал, не е пронајден ниту неговиот гроб во САД, ниту некои поважни детали за неговиот живот, активности и работа. Дури и најстарите во Гевгелија тешко го идентификуваа.

Новинарот Кире Јанашлиев, во текстот под наслов “Исполнет завет та печалбарот”, објавен во „Нова Македонија”, на 14 април 1985, вели:

За жал, името на Антон Димитров не постои ниту во книгата на родените во гевгелиската општина. Меѓутоа, според кажувањата на старата жителка на Гевгелија - Марија Попова, се дознава дека Антон Димитров бил шура на Тано Кочов од Гевгелија, а имал и една сестра по име Катерина. Таа, исто така, вели дека тој бил бистро момче и ја сакал книгата, но немаштијата го натерала да замине на печалба заедно со други момчиња од гевгелискиот крај. Во Гевгелија сега нема никој од неговите поблиски роднини, ниту пак деца или роднина во Америка.

Меѓу постарите гевгеличани и од поодамна вратени печалбари полека бледат сеќавањата за Антон Димитров. Останува впечатлив само неговиот тежок печалбарски живот и постојаната желба да се врати во родниот крај, сè до последниот момент од животот кога во прекуокеанскиот Њујорк оставил печалбарски завет: дел од своето со пот спечалено богатство да му го додели на својот роден град Гевгелија”, пишува Јанашлиев.

Според Тестамент на Антон Димитров сочинет во Њујорк, на англиски јазик, тој починал на 10 декември 1975 година. До својата смрт живел во Њујорк, на 308 Вест, улица 103, а тестаментот го направил на 5 јануари 1970 година. Според текстот во Тестаментот, тој го ставил својот потпис и го објавил и изјавил своето последно завештание, а ги отповикал сите претходни направени завештанија.

Во Тестаментот се вели дека им одобрува, односно им наредува, на извршителите Д-р Живко Ангелушев, познат македонски иселеник кој уживаше висок авторитет меѓу Македонците во САД и кој беше еден од организаторите и претседател на Одборот за изградба на болница во Скопје, и на  господинот Борис Панов и дека од нив не се бара да дадат никаква гаранција или друго покритие за пожртвуваното извршување на нивните должности, било тоа да е од државата Њујорк или од друго место, да ги платат неговите долгови и погребните трошоци што е можно поскоро. Останатиот негов неподвижен, личен и мешовит имот што го стекнал и поседува или има право на него, или му е доделен со тестамент, вклучително и секоја непозната оставина, ја дава, ја завештува и ја остава во наследство на градот Гевгелија, а им дава инструкции на своите извршители ова наследство да го предадат на главното Извршно тело на градот Гевгелија. Во Тестаментот вели дека наследството мора да се користи само за образовни цели, како што е изградба и подобрување на училишта и библиотеки.

gevgelija
Гевгелија денес

Исто така, во документот се вели дека Антон Димитров го разделува својот имот на гореспоменатиот начин бидејќи е роден во Гевгелија кога можностите за школување во неговата младост биле навистина многу мали. Затоа има желба сегашната младина на неговиот роден град да има подобри можности за школување отколку што ги имал тој. Понатаму, вели дека тој е убеден оти Извршното тело на градот Гевгелија ќе знае како најдобро да го искористи споменатото наследство со цел да му се исполни неговата желба.

Инаку, според преводот на Досието бр. 5999/1975, Њујорк, Суд на оставина, од 19.Х.1983 целокупната вредност на имотот според Тестаментот што Антон Димитров го оставил изнесувала 154.068,92 американски долари. Од вкупната вредност на имотот исплатени се сите лични, судски и други трошоци, како и адвокатскиот хонорар, а на сметка на Собранието на општината Гевгелија пристигна сума од 119.205 американски долари.                                          

За време на судскиот спор имаше голем број преписки, тешкотии и проблеми. Сепак, на крајот сумата од 119.205 американски долари пристигна во неговиот роден град Гевгелија. Така, печалбарскиот труд на иселеникот Антон Димитров се вгради во новото Основно училиште „Владо Кантарџиев”. Училиштето го носи името на младиот борец од Гевгелија, Владо Кантарџиев, кој како момче загина во Народноослободителната борба за слобода и подобра иднина на својот народ и својата земја.

По повод хуманиот гест на овој иселеник и донатор, на 22 јуни 1985 година, во Матицата на иселениците од Македонија се одржа пригодна свеченост, на која посмртно му беше изразена благодарност на сонародникот Антон Димитров. На свеченоста   присуствуваа тогашниот претседателот   на   Матицата   Боге   Сотировски, претседателот на Собранието на Општината Гевгелија Ангел Ангелов, митрополитот американско - канадски г. Кирил, познатиот Македонец и патриот Атанас Близнаков, повратник од САД и основач на истоимената фондација за стипендирање студенти, како и голем број претставници на повеќе културни институции од Републиката Македонија.

Во своето обраќање кон присутните гости на свеченоста, претседателот на Собранието на Општината Гевгелија Ангел Ангелов, меѓу другото, рече:

„Нашиот сограѓанин и Македонец Антон Димитров, покрај сите патила и страдања што ги доживеа во метежот на светските војни, на крајот од својот живот, давајќи си сметка пред себе си за својот живот и животен пат, реши целокупниот свој имот, пари и други вредносни добра да ги подари за добротворни цели на својот роден град Гевгелија. Чувствувајќи се длабоко во себе Македонец, кога деловните активности го губат своето значење, тогаш душата на иселеникот бара пристан во мислата кон својата родна земја, но и со дело, барем на крајот од животот да докаже дека целиот свој век бил неразделен од неа.”

Во таа пригода, претседателот Ангелов го замоли тогашниот митрополит американско - канадски г. Кирил во своите црковни богослужби во прекуокеанските земји да го споменува името на Антон Димитров, а во чест на донаторот во Македонската православна црква „Св. Спас” во Гевгелија се одржа помен за покој на неговиот дух.

Денес, во ова училиште, во кое се школуваат повеќе од 1.000 ученици од прво до осмо одделение, на централното место во непосредна близина на бистата на Владо Кантарџиев, стои спомен - плоча со името на донаторот Антон Димитров на која е изразена благодарноста на учениците и граѓаните од Гевгелија кон неговото хумано и патриотско дело. На плочата пишува:

„Нашиот сограѓанин Антон Димитров, кој живееше и почина во градот Њујорк, сеќавајќи се со љубов и почит кон својот роден град Гевгелија, подари парични средства со што даде значаен прилог во изградбата на ова училиште. Граѓаните и учениците од Гевгелија на овој начин му изразуваат вечна благодарност.”

Во Осумгодишното училиште „Владо Кантарџиев” од Гевгелија, чија изградба е помогната со средствата на печалбарот и донаторот Антон Димитров, се обезбедени сите потребни услови за вршење на образовните и воспитните процеси за најмладите. Токму онака како што сакаше, како што запиша во својот Тестамент донаторот Антон Димитров, чиј гест пленува, обврзува и поттикнува. Затоа, неговиот роден град Гевгелија и младите генерации ќе му бидат благодарни и вечно ќе се сеќаваат на доблесниот патриот Антон Димитров, кој Татковината засекогаш ја задржа во своето срце и остави траен спомен кој ќе свети и ќе ги потсетува гевгеличани на неговата љубов кон родното место во Македонија.

---------------------------------------

Текстот за донаторот Антон Димитров е презентиран на Симпозиумот  “Дојранските ракувања”, Стар Дојран, 1 и 2 јули, 1989 година, а е објавен во делото „Какедонски иселенички паноптикум“ од Славе Николовски – Катин, во издание на Друштвото за наука и уметност, Битола,1996, 243-251.

makedonski-iselenicki-panoptikum

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.