|
|
Од патувањата по светот – Индија (1) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) ИНДИЈА – ЗЕМЈАТА НА СКОПЈАНКАТА МАЈКА ТЕРЕЗАИндија е земја која кај намерникот буди и возбуда и потрага по непознатото и љубопитство и предизвик да се види што поодблизу, да се почувствува што повеќе нејзината пулсација. За љубителите на уметноста таа е трезор на древните храмови; за етнолозите таа е земја во која се вкрстуваат повеќе религии и култури, во чуден спој, виден само во Индија; за историчарите и статистичарите таа е втора најнаселена земја во светот. Според големиот број пишани материјали кои ги прочитавме при нашата посета, дознавме дека Индија е држава лоцирана во Јужна Азија и го зафаќа поголемиот дел од индискиот потконтинент, опфаќајќи многу значајни и историски трговски рути. Со крајбрежје од преку 7.000 километри, Индија дели граници со Пакистан, Народна Република Кина, Мјанмар, Бангладеш, Непал, Бутан и Авганистан. Шри Ланка, Малдивите и Индонезија се одделни островски нации. Индија е втора земја по број на жители во светот и седма по географска големина чиј главен град е Њу Делхи. Како дом на прастарата цивилизација на индиската долина и област на историските трговски патишта и пространи империи, индискиот потконтинент бил идентификуван со своите комерцијални и културни богатства во поголемиот дел од својата долга историја. Четири од главните религии во светот: хиндуизмот, будизмот, џаинизмот и сикизмот, потекнуваат од тука, додека зороастризмoт, јудаизмот, христијанството и исламот, пристигнале на тие простори во првиот милениум пред нашата ера и го оформиле регионот на разновидни култури. Постепено, припиена од страна на Британската-источноиндиска компанија од почетокот на XVIIIвек била колонизирана од страна на Велика Британија восредината на XIX век. Индија станува независна држава во 1947 година, по борбата за независност која била одбележана како ненасилен отпор предводен од Махатма Ганди. Индија е федерална уставна република со парламентарна демократија што се состои од 28 држави и унија на седум територии. Составена е од плуралистичко, повеќе јазично и мултиетничко општество, Индија, исто така, е дом на разновиден жив свет во најразлични заштитени животни средини. Индиската економија е единаесетта по големина светска економија и четврта по големина од паритетот на куповната моќ. Од воведувањето на пазарната економија и економските реформи во 1991 година, економијата на Индија станува една од брзо растечките економии во светот, но, сепак, земјата продолжува да се соочува со сиромаштијата, неписменоста, корупцијата и предизвиците поврзани со јавното здравство. Индија е класифицирана како една од ново индустријализираните земји. Таа е шеста држава во светот „де факто“ држава со нуклеарно оружје и е трета по големина вооружена сила во светот, а нејзините воени трошоци се рангирани на десеттото место во светот. Индија е регионална сила во Јужна Азија. Оваа земја имала значајна улога во историјата на светот, бидејќи била место каде што се развивале четирите најголеми стари цивилизации кои биле центри на трговијата и големата владетелност. Во Индија се развивале три големи религии: будизам, ламаизам и хиндуизам, а и исламот оставил неизбришлива трага. Цртежите од каменото време сведочат за постоењето на Индијците. Остатоците од првите населби во Индија се стари 9.000 години, а луѓето најчесто се населувале по долините на реките Инд и Ганг поради поволните услови за живот. Оваа земја имала неколку владетели кои биле од различни религии и на различен начин придонесувале за нејзиниот развиток. Индија е држава која се протега на југ од Хималаите, преку рамничарскиот дел на Индискиот Полуостров, до Индискиот Океан, а на исток од Арабиското Море до Бенгалскиот Залив и реката Ганг. Индија е земја на монсунските дождови, на старата цивилизација, земја на богатството и, конечно, на најсиромашните на планетата Земја. Првите староседелци биле Дравидите кои живееле од IV до VI век пред Исус Христос, потоа од север дошло племето Аријци, кое со Дравидите војувале повеќе од илјада години, до нивниот пораз. За оваа вековна нетрпеливост и омраза меѓу овие два народа се напишани многу легенди, особено во ариевските верски книги, а подоцна и во Махабхарата и Рамајана, светски познатите дела на санскритски јазик. Индија има бурна историја, почнувајќи од пред нашата ера до денешни дни. Богатството на Индија како што е зачинот, златото, слоновата коска и скапоцените камења, привлекувало голем број освојувачи уште од древни времиња. Еден од нив бил персискиот цар Дариј I, кој успеал да ја покори Индија и да го формира држава која ја нарекол Пенџаб.
Продолжува |