|
|
Од патувањата по светот – Индија (2) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО ИНДИЈАСе чини дека Индија го одушевила и го магепсала и големиот војсководец и освојувач Александар Македонски. Така, според голем број извори, и тој откако го покорил Персиското Царство на Дариј, во летото 327 година пред Христа тргнал по неговиот пат за Индија, поробувајќи голем дел од сегашна Индија и дошол до реката Ганг. Треба да се нагласи дека додека Александар Македонски бил во Персија, особено по освојувањето на градот Суса, каде што била одржана голема свеченост со парада на војската, со одликување и награди за заслужните борци, големиот освојувач дошол на идеја за збратимување со Персијците и создавање единствен свет. Се стремел да ги спои македонскиот и персискиот народ и да направи асимилација на персиската аристократија. Затоа им предложил на своите офицери и војници да се оженат со Персијки, придржувајќи се на персиските обичаи за полигамија. Во таа пригода покрај него во брак стапиле уште 80 хетери и 10.000 војници. Во Индија, пак, целта на походот била создавање нова светска монархија, запознавање со нови народи, нови морски патишта, нови економски односи и да се достигне крајниот свет, што во тоа време се мислело дека „таму е крајот на светот“. Походот на Александар Македонски бил поддржан од околу 120.000 војници, кои тргнале од Бактрија на чело со големиот Александар, преку денешен Авганистан и Пакистан, до Индија. Оваа експедиција го чинела Александар многу труд, борби и војници. Во „земјата на чудата“ Македонците влегле во 326 година пр.н.е. Индискиот цар Пор дал силен отпор и тоа била една од најкрвавите Александрови битки, но како и во другите делови на Земјината топка тој ја остварил својата цел – покорил дел од Индија. Се смета дека Александар во освоениот дел на Индија изградил 12 храмови со височина од 22 метри, кои ги посветил по имињата на своите богови, како Амон, Аполон, Херкул... На огромен обелиск напишал „Тука застанал Александар“. Исто така, и во Пенџаб и долж реката Инд изградил многу градови, пристаништа и бродоградилишта, со што се воспоставиле цврсти врски меѓу Македонија и Индија.
Затоа, со право се вели дека со Александровите походи и освојувањата, дошло до големи промени во историјата на човештвото. Во воена смисла се истакнува дека Александар како војсководец бил таков гениј како никој друг во историјата. Се изнесуваат неговите лични особини, натпросечна интелигенција, големо другарство, храброст, дисциплина, неговите доблести во управувањето и контролата на Македонската Империја. Особена позитивно се оценуваат неговите настојувања за глобализација и создавање мостови на соработка меѓу народите на Европа, Азија и Африка. Индиските уметнички производи се доста познати на целиот свет околу 5.000 години. Народната уметност секогаш била една од основите на индиската економија, бидејќи производите биле извезувани во многу земји - од Египет до Кина. Така, индиската жена, по традиција, мора да биде украсена од главата до петиците. Главните украси од сребро, потоа и дијаманти вклучуваат во себе изработени клинци со розетки, приврзоци, ѓерданчиња и венчиња (што се ставаат во косата), обетки, бразлетни (со различни украси) и прстени. Половината ја опашуваат со широки појаси на кои се ставени по неколку редови синџирчиња и други приврзоци. Филигрански производи се ставаат и на прстите на рацета и на нозете. Квалитетот на украсите што ги носат жените зависи од материјалната состојба на семејството, но нивниот број најчесто е поголем само на празнични денови, додека жените на село своите украси - нараквици, прстени, обетки и друго, ги носат постојано. Традиционална и најзастапена женска облека е сарито - ткаенина со должина од 4 до 9 метри, која како завеса го обвиткува женското тело. Шарата на секое сари е неповторливо уметничка композиција. Таа може да биде исткаена, печатена, везена или нанесена при процесот на боењето. Бенарес е центар каде што се изработуваат скапоцени сари, сребрени шалчиња и шамии со најбогата орнаментика, испреплетени со златни и сребрени конци. Низ цела Индија се изработуваат најразновидни производи од метал, преку лиење, жешко и ладно, ковање и изработка на филиграни. Металниот прибор секогаш го придружува орнаментика. Во северниот дел на Индија орнаментот го карактеризираат мотиви на растенија или геометриски фигури. Во јужниот дел, пак, најзастапени се фигури на луѓе и животни, а во храмовите и на декоративните предмети - фигури на богови. Орнаментот се нанесува со гравирање, со чекан, ковање и зарежување. Често гравираната шара се прелива со бојосан емајл или со специјални лакови.Најпознати се месинговите и бронзените изработки со емајл во државата Раџастан, каде се изработуваат во легени со зафатнина од неколку литри вода, и помали - јувелирни украси, а по вакви предмети се познати и мајсторите од Кашмир. Уште еден занает, раширен низ цела Индија, е плетењето. Од слама, јута и палмини влакна, украсени и најукрасени, се плетат најразлични предмети како рогозини, кошнички, салфети, дамски чанти и торби за домаќинствата, капи итн.
Продолжува |