|
|
Ерусалим – „Градот на мирот“ и војните |
Ерусалим е вечната борба меѓу маслиновата гранка и мечот. Тој е сведок на највозвишените чувства и на најниските страсти, особено кога псалмите ќе станат дел од политичките говори Ерусалим е расположен на неколку суви, вжештени и безводни ридишта со што доминира над сета околина. Многубројните цркви, други верски објекти и модерни градби му нудат контрастна слика на восхитениот посетител. Месностите Маслиновата Гора, Голготата и Гетсиманската Градина, како и цвеќињата во дворовите на богатите Ерусалимци му даваат посебна убавина и привлечност, за што и странецот за овој град добива впечаток дека тој е создаден само за филмско платно или за прекрасна разгледница. На старохебрејски “Ерусалим” значи “град на мирот”. Арапите го викаат ал – Кудс што значи “свет град”. Евреите, христијаните и муслиманите веруваат дека Господ е еден и единствен. А да веруваш во Господ значи да посакуваш мир за себе и за другите. Маслиновата гранка е симбол на мирот. Во близината на Светиот град се наоѓа Маслиновата Гора во која Исус ја оплакувал судбината на Ерусалим. Навистина историјата на Ерусалим е вечна борба меѓу маслиновата гранка и мечот. Светиот град и местото каде што се преплетуваат трите големи монотеистички религии, со векови е сведок на највозвишените чувства и најниските страсти, особено, кога псалмите ќе станат дел од политичките говори. Прогласувањето на императорот Константин за цар во 313 година значи пресвртница во историјата на Црквата. Константин, не само што се покрстил, туку христијанството го издигнал на ниво на државна религија, пред се’, зашто во него гледал обединувачка сила за своето поделено царство. Со тоа христијанството станало официјална религија во Ерусалим. Во тој период почнале да се градат манастири и цркви, а стариот дел бил обновен и претворен во модерен трговски центар, кој претставувал вистинска туристичка атракција. Подоцна, во 634-та година, калифот Омар го освоил Ерусалим и го вовел Коранот, а градот го нарекол град на храмови. На ридот на храмовите никнале нови храмови а се градел и познатиот Храм на молитвата. Но, како што се граделе новите храмови, така се уривале и старите. Така, во 1012 година агресивниот калиф Ал –Хаким ги разурнал синагогите и црквите, по што Ерусалим станал мал град со одвај 30-тина илјади жители. Со Ерусалим Арапите владееле 450 години, се’ до доаѓањето на крстоносците во 1099 година, кога тие Ерусалим го претвориле во свет град. Тогаш тие ги масакрирале муслиманите и Евреите, а градот останал центар на крстоносците, добивајќи ново име Ерусалимско царство. Во тој период крстоносците ги обновиле и познатите христијански места.
Меѓутоа во 1250 година градот го освоил Мамелук, а Ерусалим станал мал неважен град далеку од светот со само 10-тина илјади жители. Се вратил исламот и се граделе исламски свети места. Турската власт, пак, се зацврстила за времето на Селим Први кој го освоил во 1517 година. Дури пет векови подоцна, Ерусалим почнал да се менува и да јакнат европските интереси за Блискиот Исток. За време на Првата светска војна овде навлегува британската војска и воспоставува британски мандат и власт. Подоцна, на 29 ноември 1947 година, со одлука на Обединетите нации градот станал интернационален и поделен на два дела. Така, во Стариот град живееле муслиманите, а во Новиот град Евреите. Вака поделениот град останал се’ до војната во 1967 година, кога по израелската поделба двата дела се споени во единствена целина на денешниот Ерусалим, кој со изградбата на новите населби многу брзо се шири по издигнатите ритчести предели. Оттука и се вели дека по површината што ја зафаќа, тој е најголем град во Израел и е најблиску до Јудејската Пустина. Сепак, со тоа спојување и со масовното ширење на градот, речиси ништо не е изменето, зашто тој и понатаму останува поделен како што бил порано на стар и нов дел. Стариот град и денес го сочинуваат четири дела: еврејски, ерменски, христијански и муслимански, кои се обиколени со ѕидишта од сите страни. Секоја страна е долга по околу еден километар, а целата ѕидна обиколка е од ерусалимски камен. На места има блокови тешки и по 400-тини тони. Тука се и осумте порти, од кои секоја засебе има своја историја, свое значење, своја судбина, свое име. Тоа се портата на Давид, Златната порта, Портата на Свети Стефан, Јафа Портата, Портата Дамаск итн. Маслиновата Гора во Ерусалим е поврзана со преданијата за спасителот Исус Христос, кој “ќе се врати и ќе дојде овде да ги воскресне мртвите”. Според преданијата, тие што се најдблизу до местото од каде што ќе доаѓа спасителот, ќе воскреснат најбрзо. Затоа за да се купи место овде, за малата парцела за урната со посмртните останки се плаќаат по 5.000 долари. Странските државјани, пак, од кои во последно време се’ почесто се изразува желбата “да почиваат во вечниот мир на Маслиновата Гора”, нудат многу повеќе.
Честопати низ шега Израелците меѓусебно си дофрлуваат дека одвај чекаат да умрат за да бидат погребани на Маслиновата Гора. Но, колку и да е тоа шега, сепак е непобитно дека ова е едно од најобожаваните места кое е поврзано и со непрегорот со подигањето на градот на овие ритчести предели, со желба да се опстои во тешкиот живот во пустината. Целиот овој простор порано бил со маслинови дрвја кои давале богат плод, со што ридот го добил и своето име Маслинова Гора, кое се користи и денес. Тогаш маслинките биле единствените плодови, со чија преработка и трговија можеле да се обезбедат минималните потреби за живот. Со огромни камени тркала издлабени во пештерите се пресувале маслинките за да се добие маслиново масло. Оттука и не случајно се вели дека производството на масло е еден од најстарите занаети и датира повеќе од 2.000 години. Сега со ова производство се занимаваат некои кибуци каде се подигаат нови плантажи со маслинови дрвја, а се изградени и современи индустриско – преработувачки капацитети. Денес над Маслиновата Гора се вкрстуваат патиштата на трговијата со многу други производи, што не е ништо необично, па секојдневно овде на камената ограда што ја дели Маслиновата Гора од сообраќајницата има продавачи на разни сувенири и други украсни предмети. Тука најчесто застануваат и автобусите на разните туристички и бизнис групи што доаѓаат во посета на светата земја. Има и зошто, бидејќи оттука на целиот овој простор можат да се видат најсветите места и други историски споменици интересни за секој дојденец. Според преданијата, пак, Исус Христос посматрајќи го Ерусалим од Маслиновата Гора, рекол: “О Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците, И ги каменуваш оние кои ти се испратени, Колку пати сакав да ги соберам децата твои, како што кокошката ги собира, пилињата под крилјата свои…”
Често се вели дека никој не може да го разбере човештвото, ако не ги разбира неговите вери, зошто религијата го обзема и човечкиот живот од најраните времиња. Според библиските преданија во Ерусалим во текот на вековите, доаѓало до судири меѓу разни вероисповеди за поседување на правото на светите места. Во црквата на Светиот гроб, местото каде што Христос е погребан и воскреснал, најсветото место меѓу христијаните, во текот на овие расправии, свештениците се тепале, па дури и се убивале едни со други. Се смета дека Кримската војна барем делумно била предизвикана од расправиите меѓу европските сили кои поддржувале разни цркви и настојувале да докажат дека имаат право над светите места. И денес, многу земји овде градат цркви во својство на амбасади, обидувајќи се на тој начин да го обележат своето присуство на Светата земја. За жал, Македонија како библиска земја нема свое духовно катче во Ерусалим или на друго место во Израел, прашање кое треба да се остави на идните генерации да го реализираат. Стратегиското значење на оваа земја повторно се буди. Израел повторно стои на граница меѓу Европа, Азија и Африка. Спротивставувањето на интересите на разни цркви кои опстојуваат во Светата земја и денес е очигледно. Така, за да се влезе по покус пат во црквата на Светиот гроб, треба да се минат капиите на Коптската и на Сириската црква. Но грчките свештеници не се во добри односи во коптските и за да дојдат во црквата и да вршат богослужба, мораат да ја минуваат целата чаршија од Стариот град, при што се разминуваат со трговците, и со многубројните туристи. Дознавме уште еден куриозитет. Од времето на османлискиот период, со генерации клучот од црквата на Светиот гроб се наоѓа во сопственост на едно муслиманско семејство кое секое утро ја отвора главната врата и на тој начин е најден компромис да се избегнат расправиите меѓу христијанските исповеди околу тоа кој би требало да се грижи за клучот, а со тоа и за Црквата. Затоа со право се вели дека како и речиси се’ друго во овој древен свет град, и самата историја на Ерусалим е проткаена со неизвесности и спротивности. Како спомен на родната маслинова плантажа е Гатсеманската градина. Во неа се зачувани седум маслинови дрвја стари околу 2.000 години. А тука, во прекрасната базилика, се остатоците од некогашната карпа каде што се пресувале маслинките. Таа уште се вика и Базилика на агонијата, зашто според библиските преданија од Новиот завет Исус често доаѓал да се моли на карпата, а тука ги доживеал и најтешките мигови во неговиот живот, кога почувствувал дека ќе биде жртвуван. Според библиските преданија, со Исус таа вечер биле неговите ученици Јакоб, Петар и Јован кои требале да бидат будни и да се молат за него. И додека Исус ја изговарал молбата “Боже, ако не можеш да го отфрлиш ова од мене и ако мора да бидам жртвуван, тогаш јас сум подгот-вен да го прифатам тоа”, неговите ученици трипати заспивале и трипати тој ги будел. Сегашната базилика е изѕидана по Првата светска војна, во 1919 година и во нејзината изградба се вклучиле 12 нации од исто толку земји, поради што таа денес се нарекува и “Црква за сите народи”. Таа е изградена без прозорци, со што уште при првата посета се забележува мрачната атмосфера со која се доловуваат најтешките часови на Исус. Не се зборува додека се стои до олтарот, зад кој се видливи остатоците од некогашната карпа. Тука е и Црквата на солзата – Доминус флевит. Таа, всушност, претставува превртена солза, зашто според преданијата тука Исус ја проронил првата солза за тагата по Ерусалим, за кој претчувствувал дека ќе биде разурнат по неговото жртвување и воскреснување.
И покрај сите историски искушенија, во Ерусалим се слушаат и еврејски и христијански и муслимански проповеди. Има, навистина и проклетства. Меѓутоа исконската човечка желба за мир секогаш мора да смета на суровата реалност. Сите светски проблеми, недоразбирања и историски (не)правди се преплетуваат во ерусалимскиот микрокосмос. Затоа Ерусалим е град над градовите. Се додека постои Ерусалим, со сите свои псалми и проклетства, ќе постои и оваа наша цивилизација; несовршена, можеби и болна, но единствена што ја имаме. Оние кои суштествувале под сонцето на Светиот град кажувале дека животот во Ерусалим е тежок. Можеби смртта е лесна. Затоа илјадници луѓе доаѓаат во Ерусалим со една единствена желба – да умрат во него.
|