|
|
Од патувањата по светот – Индија (4) |
(ДЕЛ ОД КНИГАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“) МИСИЈАТА НА МАЈКА ТЕРЕЗАЖивотната сторија на Мајка Тереза започнува во таканаречениот „Латински кварт“ на скопскиот десен брег на реката Вардар, кога Македонија беше дел од Отоманската Империја. Во Скопје ја прима католичката вера и се приклучува кон нејзиното латинско семејство. На 26 август 1910 година се раѓа Агнеса Гонџа, како најмлада од трите деца на Никола и Дрона (Трендафила) Бојаџиу. Куќата во која растела Гонџа се наоѓала на влезот на денешниот Градски трговски центар, на поранешната „Поп Кочина“ улица. Под неразјаснети околности татко £ Никола починал и бил погребан на католичките гробишта во Скопје, кога Агнеса Гонџа имала само седум години. Тоа било и пресвртница во животните насоки на семејството Бојаџиу. Така, нејзината мајка и нејзината сестра Агу заминале како мисионерки на Католичката црква во Албанија, каде што умреле без повторно да ја видат својата сакана Гонџа и тоа, пред сè, поради непопустливоста на тогашните албански власти, кои не им потклекнале дури и на големите притисоци од светски личности и не ‘и дозволиле на Мајка Тереза влез во Албанија и посета на своите најблиски - мајката и сестрата. Нејзиниот брат Лазар заминал за Италија каде што се оженил со девојка од грофовско семејство со која има ќерка која го носи името на својата славна тетка Гонџа. За Мајка Тереза како млада скопјанка и за нејзиниот живот во Скопје во времето пред почетокот на Првата светска војна многу малку е напишано, а податоците се често непрецизни и нецелосни. Повеќегодишните истражувања за животот на Мајка Тереза, односно Гонџа Бојаџиу, првин во Скопје, а потоа во Калкута, даваат една посеопфатна слика за детството и младоста поминати во Скопје и за нејзината необична и несебична животна определба втемелена во Индија и проширена во светот. По смртта, како и во текот на животот на Мајка Тереза, во бројни текстови за нејзиното хумано дело се појавија огромни намерни или ненамерни пропусти или погрешни факти. Меѓутоа, вистината е дека таа е родена во Скопје, дека беше латинка со католичка вероисповед, кај кои нема поделба на националност, туку само вероисповед. Мајчин јазик и‘ беше хрватско-српскиот и не зборуваше друг јазик сè додека не отиде преку Загреб во Ирска каде учеше англиски јазик и од каде замина за Калкута, тогашниот најголем град на Британската Империја по Лондон. Мајка Тереза пристигнала во Калкута на 6 јануари 1929 година и таму остана до крајот на својот живот. Двапати го посетила своето родно место Скопје, во Република Македонија.
На 24 мај 1931 година, Гонџа Бојаџиу ја донесува својата судбоносна одлука - го менува своето име и го зема монашкото име во чест на Света Тереза од Авила, шпанска калуѓерка од XVI век и станува Мајка Тереза. Таа се соочува со страдањата на луѓето низ улиците на Калкута, каде предано работи на нејзиното мисионерство подолг временски период. Затоа, во 1948 година, папата Пие XII £ дава дозвола да живее како независна калуѓерка, а истовремено таа станува жител на Индија. Во тој период го основа редот „Мисионерство на милосрдието“, чии карактеристики се: едноставно бели сари со сини ленти и со по еден крст закачен на левото рамо. Така од срце со неверојатна волја и енергија започнува нејзиното несебично и пожртвувано ангажирање да се помогне на сиромасите, болните, сираците, старците и инвалидите. Целиот свој живот им го подарува токму на нив. На таков начин Мајка Тереза станува позната и призната граѓанка не само во Индија, туку и во светот, а еден од нејзините редови „Сестри на милосрдието на Мајка Тереза“ постои и во Република Македонија. Инаку, Мајка Тереза не сакала многу да зборува за себе, дури ниту со своите најблиски пријатели и соработници, ниту сакала за неа да се пишуваат биографии. Таа тоа го објаснувала со зборовите: „Животот на Исус Христос не беше напишан за време на неговиот живот, па, сепак, тој ја направи најголемата работа на Земјата – го спаси светот и го научи човештвото да го сака неговиот Татко. Работата е негова. Работата, и така останува тоа. Сите ние сме само негови инструменти, кои прават нешто свое, сосем малку, и заминуваат“. Исто така, Мајка Тереза често велела „Сепак, не јас, туку Христос живее во мене“. Затоа, оние што имале можност да се сретнат и да зборуваат со Мајка Тереза, ќе се сетат на неа како на крајно едноставна, но топла личност која пленувала и која не се заборава, туку трајно останува во сеќавањата. Таа претставува синоним за сето добро, благородно, чесно за тоа како од срце искрено се помага на оние на кои помошта им е најмногу потребна. Таа била често именувана како светица на сиромаштијата и сиот свој живот им го посветила на невините жртви на насилството, на оние кои умирале низ улиците, на болните од лепра и од сида. Таа живеела едноставно, како за време на животот, така и по нејзината смрт – остана синоним за доброто во светот. Мајка Тереза за многумина претставуваше светица во согласност со старите канонски правила; побожна, нежна, совесна, кревка, едноставна. Многумина ја осознаа додека беше жива, или за многумина стана светица дента кога таа почина.
Продолжува |