|
|
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (7) |
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлевски (7) Во потрага по македонските патриоти Македонската историја постојано беше прекриена со велот на тајноста. Меѓутоа, нешто што е забрането, нешто што преставува мистерија, постојано ги привлекува, како постарите, така и помладите генерации. Така и младиот Мане, додека престојува во странство се обидува да дознае нешто повеќе за сопствената татковина, за патриотите и македонската историја, за која не можеше да прочита или слушне во својата татковина. Авторот на книгата „Македонија, мојот копнеж - Маноил Мане Јаковлевски“ К. Кипровски, за потрагата на Маноил по враќањето во Берлин за вистината за Македонија, за тогашните македонски патриоти и проблемите со безбедносните служби, ќе забележи: „По враќањето во Берлин, Манојил уште повеќе се посветува на проучување на македонската историја и на актуелните проблеми, со кои се соочува негова тататковна. Во ЈНА многу работи му станаа појасни. На своја кожа ја почувствува нерамноправноста меѓу војниците, врз национална основа. Попривилегирани беа Србите и Црногорците, во споредба со Македонците, Босанците, Хрватите, Албанците... Тоа уште повеќе придонесе, да се зголеми револтот кон тогашните власти. Неправилностите кои ги гледа, уште повеќе го мотивира да ја проучува македонската историја. Настојува да се запознае со македонските дејци, кои во миграција вложувале се од себе за Македонија, протежирајќи ја идејата за самостојна и обединета држава. Настојувајќи да им се приклучи на нивните активности, патот ќе го одведе дури во Шведска. „Читајќи ја „Македонска нација“ и постојано разговарајќи за македонското прашање, во 1975 година одлучив да се запознаам со луѓето, што го правеа списанието. Во него немаше ниту адреса, ниту телефонски број за контакт, туку стоеше само бројот на поштенскиот фах, што не ми беше од некаква помош. Решив да ги побарам во Гетеборг, Шведска, каде живееја и работеа. Но, пред да заминам за Шведска, отидов кај Јован Исаковски, по потекло од долнореканското село Битуше, кој што имаше ресторан во Бремен, Германија. Претпоставував дека како добар пријател на Драган Богдановски, кој беше одговорен уредник на „Македонска нација“, ги има неговата адреса и телефонски број. Исаковски ме советуваше да не одам во Гетеборг, стравувајќи дека ќе имам проблеми со југословенската безбедносна служба, доколку остварам средби со Драган Богдановски и со Миле Илиевски. Но, бев решен да ги пронајдам и да се запознаам со нив и да поразговарам. Никој не можеше да ме натера да ја променам одлуката. И така, со автомобил тргнав за Шведска. Кога стасав на море, се качив на брод на кој го ставив и автомобилот, во кој случајно сум го заборавил револверот. Во Гетеборг, веднаш по излегувањето од бродот, полицаецот на границата ми рече со автомобилот да влезам во бараката, за да извршат контрола. Тогаш, се сетив на револверот. Помислив да го фрлам в море и да се ослободам од него, но се откажав од идејата, се плашев да не ме забележат цариниците. Решив да го сокријам во ракавицата од сунѓер за чистење, што се наоѓаше во полицата на автомобилот. Неа со револверот ја ставив до менувачот на БМВ-то. Цариниците ги отворија четирите врати и влегоа да извршат преглед. Претресот траеше неколку минути и за моја голема среќа ракавицата не ја претресоа. Се спасив, контролата ја преживеав. Доколку го пронајдеа, сигурно ќе ме уапсеја. Револверот го носев со себе, бидејќи се чувствував небезбеден и загрозен, поради моите промакедонски активности. Такви беа тие времиња. УДБ-а секогаш беше будна, превземаше повеќе акции против политичките мигранти и доколку имаше потреба организираше атентат врз нив. Кога стигнав во Гетеборг, се сместив во хотел. Повикав такси и на германски на таксистот му реков, да ме однесе во македонски клуб. Ме остави крај една зграда, на која пишуваше „Македонски клуб“. За секој случај, го замолив да ме причека. Влегов во клубот и на присутните им се обратив на македонски јазик. Не ме разбираа, сфатив дека клубот не е македонски, туку грчки. Излегов надвор и таксистот го замолив да ме однесе во друг македонски клуб, но ми рече дека во градот друг таков клуб нема. Тогаш побарав да ме однесе во македонска црква, но незнаеше да ли во Гетеборг има таква. Така го поминав денот, без да воспоставам контакт со наши луѓе. Но, надежта не ја загубив. По вечерата се вратив во хотелот, го зедов телефонскиот именик на Гетеборг и ги запишував презимињата, кои завршуваа на - ски. Запишав околу триесетина. Следниот ден почнав да вртам на телефонските броеви и лицата што ќе ми се јавеа, ги прашував дали можеби го познаваат Миле Илиевски, кој живееше во градот. Во дваесетината телефонски разговори, соговорниците ми дадоа идентичен одговор: „Не сакаме да имаме ништо заедничко, со политички мигранти.“ Ми зборуваа дека немаат соработка со нив, дека не сакаат да ги знаат, бидејќи биле против Југославија и сл. Кај некои од нив почувствував страв, кога ќе го слушнеа името на Миле Илиевски. Името на Драган Богдановски не го споменав, зашто знаев дека никој нема да ми ја каже неговата адреса. Поради тоа, решив следниот соговорник да го изблефирам, обраќајќи му се со зборовите: „ Ви се молам, хитно ми е потребна информација, каде може да го најдам господин Миле Илиевски, треба да му соопштам жална вест дека има смртен случај во Македонија.“Соговорникот ми рече: „Со Миле и со неговите соработници,немам ништо и не сакам да имам. “На инсистирање, дека морам да го најдам, за да му ја пренесам веста, го замолив барем да ми каже каде работи, името на фабриката. По мало двоумење, ми кажа. Со такси пристигнав пред фабриката, на главниот влез. На пријавницата, им се претставив и им реков дека го барам Миле Илиевски. Портирот ми рече да причекам. По пет минути, во портирницата дојде средновечен човек, средно висок, по изгледот оценив дека е Македонец. Зборуваше шведски, не знам од кои причини не ми се обрати на македонски јазик. Но, кога му се претставив и кога му кажав дека доаѓам од Западен Берлин, дека сум брат на Гојко и дека сакам да го видам Миле Илиевски, без да проговори ниту збор си замина. По десетина минути, дојде лично Миле Илиевски. Го препознав. Го имав видено на фотографија. Кога се доближи до мене ме праша: „Дали си ти Мане, братот на Гојко? Прав војвода, двометраш. Сум слушал за тебе и мило ми е да се запознаеме“. Потоа, побара да му ја кажам причината за моето доаѓање во Гетеборг. Му реков дека сакам да се запознаам со него и со другите македонски патриоти во Шведска. Ме праша, дали сакам да го видам Драган Богдановски. „Со задоволство“ – му одговорив. Ме покани на гости кај него, вечерта во 20 часот. Ми ја даде адресата, ми рече дека ќе дојде и Богдановски и уште неколкумина други Македонци. Задоволен се вратив во хотелот, ручав и со нетрпение чекав да дојде 20 часот, за да отидам на гости кај Миле, да се запознаам со Драган и со другите македонски патриоти. Со такси пристигнав пред убава куќа со два влеза. Во едниот дел живееше Миле, а во другиот брат му Илија. Кај него веќе беа пристигнати неколкумина гости, меѓу кои и Драган Богдановски, кого исто така го препознавав од една фотографија. Се прегрнавме, како да се знаеме со години. Ме праша дали сум братот на Гојко, и притоа рече дека слушал за мене, дека сум многу висок. Се запознав и со другите мигранти. Таму беа: Тоде од Велмевци, демирхисарско; Владо од Велес, на чии презимиња не се сеќавам; Илија, братот на Миле и Македонка, на чие презиме, исто така не се сеќавам, ниту знам и од кое место на Македонија потекнуваше. Таа била мажена за Хрват, осуден за атентат, и во тоа време лежеше во затвор во Југославија. Таа беше олицетворение на вистинска македонска патриотка и не случајно го носеше големото патриотско име. Се запознав и со други Македонци, кои беа дојдени да се видат со мене. Разговаравме долго во ноќта. Ме прашуваа зошто сум дошол, а јас им раскажав дека и во Западен Берлин постојано зборуваме за Македонија, дека имаме исти ставови и цели, како нив. Се согласивме дека е тешко да се работи со Македонците во странство, заради големите пропаганди што се водат против нас,но дека нашата борба треба да продолжи, а идејата за обединување на Македонија да се шири насекаде, како и да се избориме за националните права на Македонците во соседните држави. Следниот ден, ми понудија да одиме во македонскиот клуб во Гетеборг. Понудата со задоволство ја прифатив. Во македонскио тклуб, имаше голем број македонски иселеници. Всушност, тој ден се одржуваше некаква прослава, на која присуствуваа околу илјада гости. Претпоставував, дека меѓу гостите се наоѓаа и агенти на УДБ-а. Немаше слободна маса, но кога присутните видоа кои се новите гости, веднаш ни направија место. Имено, братот на Миле, Илија Илиевски, беше претседател на Црковната општина. На прославата, бевме јавно поздравени со име и презиме. Се пееја македонски песни, се играа македонски ора. Тие неколку часа, се чувствував прекрасно, зашто од сите страни зрачеше македонски патриотизам. Разговорите ги продолживме и вечерта. Тогаш ги запознав со проблемот, што го имав со револверот на шведската граница. Владо од Велес, побара да му го продадам пиштолот. Му реков дека го носам за лична безбедност, дека случајно го заборавив во автомобилот. Беше упорен, иако категорично му реков дека не го продавам. Но, кога размислив подобро и кога сфатив дека треба повторно да ја минувам граница со него, решив да му го подарам. Му го дадов клучот од автомобилот и му реков пиштолот сам да го земе. За да донесам таква одлука придонесе и Драган Богдановски, кој ме убедувааше да му го дадам револверот на Владо, за што бил физички загрозен. Со Драган наредниот ден, сами прошетавме низ Гетеборг и цело време зборувавме за нерешеното македонско прашање, за илинденските идеали и за иднината на Македонија...Додека шетавме, Драган ми рече дека не следат лица на УДБ-а.Му реков дека се далеку од нас, а тој ми кажа дека не снимаат. Многу години подоцна, разбрав дека тогаш навистина сме биле следени и снимани и тоа со далечински микрофони и фото апарат. На крајот на средбата, ги разменивме телефонските броеви и го поканив да дојде на гости во Западен Берлин. Во разговорите, ми рече дека е близок со Томе Јаневски (мигрант од Виница), кој живееше во Гослар (близуХановер). “Импресиите и впечатоците од неколкудневното патешествие и од средбите со македонските патриоти во Гетеборг, Шведска, Манојил исцрпно му ги пренесе на брат му Гојко. „Средбите и разговорите со Драган Богдановски, со Миле Илиевски и со другите македонски патриоти, ќе останат вечно врежани во мојата душа. Многу бев среќен, што се дружев со големите македонски патриоти и со иделогот Драган. А, и домаќините беа многу радосни, за мојата ненајавена посета. „ Ќе му раскаже Манојил на Гојко, а истовремено и ќе го информира, дека следната средба со Богдановски, ќе ја имаат во Германија – задоволно коментираа.“ По еден месец, Манојил оди на гости кај Томе Јаневски, во Гослер, каде веќе бил пристигнат Драган Богдановски. Тој ги запозна, дека се вршат подготовки, за одржување на Конгрес на ДООМ. Тогаш Манојил, побара да им се испраќаат повеќе примероци од „Македонска нација“, бидејќи од ден на ден интересот за списанието расте. Притоа, Драган го замоли, да ја организира дистрибуцијата на „Македонска нација“, во трафиките во З. Берлин. „Понудата со задоволство ја прифатив“ – се сеќава Манојил. „ На почетокот добивав 50 примероци, а потоа овој број значително се зголеми. Списанието бесплатно им го делевме на Македонци, кои доаѓаа во „Ново Скопје“. Многумина се плашеа да го земат. Сепак, имаше значителен број, кои сакаа да го читаат и да ги прераскажуваат неговите содржини, меѓу своите блиски. „Македонска нација“ обработуваше политички, историски и актуелни теми за Македонија, како и теми, кои ги третираа проблемите на мигрантите. Кога се вратив од Гослер во Берлин, успеав во два киоска во строгиот центар на градот, да ја организирам продажбата на списанието преку Австриец. По извесно време, тој дојде кај мене и ме запозна, дека на плоштадот во З. Берлин, го следеле непознати лица и не му дозволувале, да го остава списанието во киосците. Дури, му се заканувале со убиство, ако продолжи со дистрибуција на „Македонска нација“. Откако не успеале да го заплашат, продавачот во киоскот забележал, како најголемиот дел од тиражот, го откупува едно исто лице, за кое утврдивме дека работи во Воената мисија на Југославија во З. Берлин. Го купувал, со цел да не се шири македонската идеја меѓу Македонците. По извесно време, повторно организиравме средба во Гослар. Јас и уште двајца Македонци од З. Берлин, разговаравме со Богдановски во ресторанот на Томе Јаневски, до доцна во ноќта. Следната година, едниот од двајцата Македонци, кои со мене беа во Гослар, Симеон, замина на одмор во Струмица. Долго време не се врати во З.Берлин, а јас немав телефонски број, за да му се јавам. Кога конечно се врати, дојде кај нас во ресторанот, ме повика настрана и микажа, дека имал големи проблеми со УДБ-а во Струмица и дека знаеле се, за нашите средби и состаноци. Го прашав кој им кажал, а тој ми рече дека од службата му го посочиле Томе. Тогаш помисливме дека Томе игра двојна улога, дека бил соработник на УДБ-а.Но, многу подоцна, од полициското досие на брат ми Гојко, во кое и јас сум често споменуван, сфатив дека Томе не ги давал информациите и дека намерно бил наклеветен, а доушник на УДБ-а бил мојот тогашен, добар пријател од З. Берлин. Заради тоа сакам посмртно јавно да му се извинам на Томе, бидејќи се сомневавме, де ка тој ги давал информациите. Томе беше голем патриот и беше опседнат со македонското прашање. Бог да го прости.“, говори со тажен глас Манојил, за тие тешки години....“ Многу настани му се врежеани во меморијата на Манојил, особено настаните во далечната 1976 година, кога драстично ќе му го сменат неговиот живот. Поради поклонетиот револвер со кој бил извршен атентат, Мане станал предмет на следење на УДБ-а и други европски тајни служби, а за кои веќе пишувавме. (продолжува) |