|
|
„The New York Times“ 11 ноември 1903 г. - Вознемиреност во Битола |
Странскиот печат внимателно ја следи состојбата во Македонија за време на Илинденското востание и по него. Нивните дописници редовно известуваат за настаните во Македонија. Специјалниот дописник на Тајмс од Софија и Битола известува за недовербата и вознемиреноста која владее во Битола и Македонија по обновувањето на барањето до Портата за спроведување на Австро-Рускиот план за реформи. „The New York Times“ на 11 ноември 1903 година објавува специјален каблограм во кој дописникот пишува: „Лондон, 11 ноември. - Катастрофата во Битолскиот вилает е потешка отколку што генерално се претпоставуваше, вели дописникот на Тајмс во Софија. Во Ресен постои голема мизерија, а во западните области на Охрид условите се уште полоши. Во Ресен на неколку жени на кои им беа поделени ќебиња подоцна им биле одземени од страна на војниците.
Десет Бугарски селани кои го предале своето оружје по ветувањето за помилување биле нападнати и убиени од страна на Башибозукот додека се враќале во нивното село.
Постои екстремен скептицизам меѓу сите класи во Македонија во однос на Австро-рускиот план за реформи. Властите се потпираат на дипломатските способности на Султанот да го избегне поразот, а револуционерите нема да го положат оружјето се` додека не добијат гаранција од обединета Европа против турската одмазда. Генерален впечаток е дека работите ќе останат вакви какви што се на неопределено време. Потрагата по оружјето во Битолскиот вилает е спроведена со најголема жестина, вели дописникот на Тајмс од Битола. Во некои случаи очигледно е присуството на голема суровост и евидентно e дека се случиле голем број на борби, судејќи според количеството на плен и бројот на ранети војници. Турските власти велат дека во Вилаетот е апсолутно мирно, дека имало само неколку нарушувања, и дека постоечката катастрофа е надмината со богат грант на султанот од еден милион франци. Многу од револуционерите ја прифатиле прогласената амнестија за оние кои носат оружје, но многумина ја одбиваат, стравувајќи дека ако кучињата се убиени, тогаш волците ќе направат терор во нивните домови“. |