Среда, 19 Февруари 2020   
Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески (44)

1 4

Ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин, функционираше од 1969 па се до 2003 година. Во ова познато македонското катче, кое функционираше и како македонската неформална амбасада, во текот на повеќе од три децении  работење беа гости низа политичари, биснисмени, спортисти, естрадни уметници и граѓани од Македонија и светот и се случуваа низа настани кои станаа дел од поновата историја на македонскиот народ.

Затварањото на ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин, ќе предизвика низа емоции меѓу Македонците, како меѓу македонската дијаспора во Германија, така и меѓу Македонците од земјата кои кога патуваа во Берлин беа чести гости во ова македонско катче, во кое наоѓаа не само утеха, туку и поддршка од сопствениците браќата Јаковлевски.

Ресторанот „Ново Скопје“ од кој потекнаа низа иницијативи за македонската кауза, на почетокот на 2003 година замина во историјата, а од него останаа само спомени. Во последната ноќ од работењето на ресторантот, во книгата на гостите, гостите ќе ја забележат своите емоции поради разделбата од своето омилено катче. По повод затварањето на ресторантот, авторот Киро Кипровски, во монографијата „Македонија, мојот копнеж – Манојил Мане Јаковлески од книгата на гостите ни ги пренесува чуствата на посетителите, сеќавањата на браќата Јаковлевски, како и пишувањето на медиумите за затварањато на овај познат македонски ресторан во срцето на Берлин. Од овие забелешки, статии и сеќавања од кои може да се види целата историја од тридецениското работење на култниот ресторан „Ново Скопје“, авторот на читателот ќе му го пренесе следното:

„НОВО СКОПЈЕ“ ЗАМИНА ВО ИСТОРИЈАТА, СПОМЕНИТЕ ОСТАНАА

„Пречекот на новата 2003 година, беше и последната ноќ од 34-годишното опстојување на македонскиот ресторан „Ново Скопје“ во Берлин, главниот град на СР Германија.

На разделбата од „Ново Скопје“ натурализираните берлинчани, чии корени се од Македонија, со болка и тага во душата, го прославија доаѓањето на новото лето Господово, 2003–то, а по два дена беа гости на сопственикот, Манојил Мане Јаковлески, кој со жива музика за блиските пријатели и роднини, приреди незаборавна вечер на опростување. Беше весело, распеано, разиграно... Но, во душите на присутните, се чувствуваше голема тага, бидејќи се разделуваа од македонското катче кое многу ќе им недостасува, кое ги пречекуваше и ги испраќаше и им го заменуваше нивниот дом, далеку од Македонија. Жалеа за „Ново Скопје“, зашто во него наоѓаа место за забава, но и начин како да ја ублажат болката по нивните родни огништа. Тука им се случуваа нови познаства, случајни средби со познати и драги лица, а за сите нив ресторанот беше лек за носталгијата, вгнездена во душата.

Тоа најдобро може да се согледа од сеќавањата, што ги запишаа сите оние, кои на 2 јануари 2003 година, беа на веселбата и се збогуваа со „Ново Скопје“.

„Времето е во нас, ние сме во времето“.

Оваа филозовска мисла ја запиша Гојко Јаковлески (Гоце Македонски, Гоце Делчев),кој на 13 јуни 1969 година, го отвори ресторанот „Ново Скопје“, кој стана култен и незаборавен, и функционираше беспрекорно во срцето на Берлин, во најголемиот крвоток на градот.

Иако со чемер во душата, за затворањето на ресторанот, во кој му мина животот, сепак горд и среќен, што преку него успеја на светот да му ја доближи Македонија, а кај Македонците да го пробудиж македонскиот патриотизам.

„Ново Скопје“ - со него се родив, со него постоев. Го испраќам во вечноста, но вековно ќе постои! - Берлин, 31.12.2002 год. Билјана Пујовска, родена Јаковлеска

„Ново Скопје“ ќе се руши и мене многу ми е жал. Но, ќе го паметам. -Берлин, 02.01.2003 год. Васил Пујовски, внук на писателот и на Манојил

„Ново Скопје“, вознесение македонско, вечно ќе битисува во нашиот незаборав. Синоним за паметење, на сите идни македонски поколенија. Синоним за нашето опстојување!!! - Берлин, 02.01.2003 год. Александар Пујовски

Моето прво доаѓање во Германија, беше разубавено со топлиот пречек во „Ново Скопје“. Мане, иако не беше присутен, направи јас да се чувствувам како дома. Го запознав малку подоцна (иако роднини) и бев среќна што ја имав таа чест да го познавам. вратите од „Ново Скопје“ и од неговиот дом, ми беа секогаш отворени и бескрајно му благодарам за тоа. Искрено се надевам и сакам да верувам дека ова не е крај, туку само една кратка пауза, по која се ќе си продолжи по старо, и уште подобро (ако воопшто има подобро)...“ - Со љубов, Сања Лазарова – Молнар“

ентериер на „Ново Скопје“

„Моментално е 23,30 часот, ова е една од најубавите вечери што воопшто сум ги поминала во мојот живот. Околу мене играат луѓе, свири жива музика, се слави затворање на овој неповторлив ресторан, кој во себе носи една голема историја, македонска историја. Сепак, иако е затворање, тоа е и еден нов почеток“. - Берлин, 02.01.2003 година Ирена Лазарова

„Драги Манојил, „Ново Скопје“ беше отскочна даска на Македонците. Со затворањето на „Ново Скопје“ се гаси македонското сонце во Берлин, заминува „амбасадорот“ на Македонија. Ние ти пожелуваме многу успех во „Олимписко село“ во Македонија.“ - Ружа и Атанас Серафимовски

„Многу ми е жал што една македонска традиција заминува од нас. Јас, лично и се заблагодарувам на фамилијата Јаковлески, што на нас Македонците, ни го всадија патриотскиот дух за независна и самостојна Македонија. Ние сме ВМРО – Македонија!“ - Берлин, О3.01.2003 год. Боре Поповски, село Смојмирово – Берово

„Драги Мане, Со многу болка во душата, ама и многу убави спомени од убавото „Ново Скопје“, ќе понесам со мене и се додека сум жива нема да ги заборавам. Нема да ја заборавам и твојата добрина, што ми излезе во пресрет кога ми беше најтешко, ме прими на работа. ти си многу ГОЛЕМ човек. Секогаш ќе те сакам и почитувам. Благодарам за се. Многу среќа и љубов во животот ти пожелувам.“ - 02.01.2003 год. Сеќавање на една осамена Венера.

„Ех, Берлин, Берлин... Ех, златен Ку–дам. вечно ќе се памети 2003 година, кога твоите новогодишни светилки, во дождовни солзи спознаа болка во душата, те стегна тага за Македонија ти легна засекогаш, згасна македонското катче, како да те погоди копје во центар. И засекогаш се изгасија светилките на „Ново Скопје“!“ -  Берлин,03.01.2003 год. Ангеле Лазаревски, 01 часот и 30 минути

„Гнездото на Македонците во Берлин се растури. засекогаш се затвори „Ново Скопје“. На сите ни стана јасно, дека дојде часот другарски да се разделиме од македонското гнездо во Берлин. На пријателот и на газда Мане му посакуваме во поскоро време, да отвори уште едно вакво македонско гнездо, било каде, само да го именува „Ново Скопје“. Ти посакуваме многу среќа и успех во бизнисот во Македонија, во „Олимписко село“. И секогаш си добредојден во нашата куќа и фамилија.“ - Берлин,03.01.2003 год. Игор, Бети, Нино и Моника

„Јас, Ѓоко Митев – таксист во Берлин, од 1970 – 2003 година, постојан гостин во ресторанот „Ново Скопје“. Од првиот ден, па до последниот бев редовен гостин, достоен, почитуван од персоналот и секогаш задоволен од храната, услугата, амбиентот, приемот се нај...нај...нај... Јас ти пишувам и мислам дека не претерувам, затоа што тоа е вистина. Тешко ми е во душата, но дојде времето да се разделиме. Но, спомените и доживувањата остануваат засекогаш во мене и со мене, било каде да живеам. Тебе и на твојата фамилија, ви посакувам се најубаво во понатамошната работа и живот. Прво здравје и многу успех во понатамошната работа.“ - Берлин, 02.01.2003 год. Ѓорѓи Митев, таксист

„Се најубаво во животот и успех во понатамошната работа, ти пожелуваат Божо и Башка. Благодариме за добро поминатите денови со тебе.“ - Божо и Башка

РЕСТОРАН КОЈ ЈА АФИРМИРАШЕ МАКЕДОНШТИНАТА

По повод затворањето на ресторанот „Ново Скопје“, авторот на монографијата за весникот „Нова Македонија“ во двобројот од 25 и 26 јануари 2003 год. го објави овој текст: 

„ По организираниот пречек на новото лето Господово 2003, и по речиси 34 години успешно работење, на први овој месец беше ставен клучот на прочуениот македонски ресторан „Ново Скопје“, што се наоѓаше во строгиот центар на германската метропола, Берлин. Причина за затворањето на ресторанот, беше реализацијата на урбанистичкиот план во овој кварт од градот. Зградата на ресторанот се урна, а на негово место се изгради бизнис центар. Новите сопственици, локацијата ја купиле за 25 милиони евра.

Нема Македонец кој живеел во Берлин и пошироко во Германија, или пак престојувал во оваа метропола, а да не го посетил ресторанот „Ново Скопје“. Овој ресторан беше свртувалиште на дипломати, политичари, научници, новинари, пејачи, артисти, спортисти и обични граѓани, не само од Германија, Европа и САД, туку и од Макдонија. „Ново Скопје“ беше неформална македонска „амбасада“, во овие западноевропски простори. Во тридецениското успешно работење и опстојување, на различни начини беше презентирана и афирмирана нашата татковина Македонија, нејзината историја, култура, природните богатства, стопанство, спортот, а се разбира и македонската кујна. Тука беа покренувани многу иницијатви, а потоа и успешно реализирани, што придонесуваше за организиран живот на Македонците, во новата средина. Тука беа формирани: фудбалскиот клуб „Македонија“, МПЦО „Св. Климент Охридски“, тука се организираа прославите, за македонските национални и верски празници. Пролетта 1990 година, беа изработени материјалите и пропагандниот материјал за Основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ, како и за првиот настап на оваа политичка партија, на првите, повеќепартиски, парламентарни избори во Македонија. Во изминатиот 12-годишен период, тука беше седиштето на Задграничниот комитет на ВМРО- ДПМНЕ за Европа. Во 1991 година во „Ново Скопје“, беше штабот за организирање на мирните демонстрации, за признавање на Република Македонија, под уставното име од членките на Европската заедница.

ФОРМУЛАТА НА УСПЕХОТ

Во далечната 1969 година, Гојко Јаковлески (Гоце Македонски, Гоце Делчев) го отвори ресторанот „Ново Скопје“, прв ресторан во центарот на Берлин, а десетти ресторан во градот.

“Целта ми беше да правам бизнис, а напоредно со тоа на овие простори, да ги афирмирам предностите на мојата татковина, Македонија, и со истомислениците да се бориме, таа да стане самостојна и независна држава, во своите етнички граници. Целиот екстериер и ентериер на ресторанот, беа во духот на македонската архитектура, а менито со македонски специјалитети“, со носталгија и тага што се затвори ресторанот, ни зборуваше Гојко Јаковлески, кој во Германија пристигна на почетокот на шеесеттите години на минатиот век.

Ретко се случува ресторан да опстојува толку долг временски период, да работи во ист стил и да биде мошне успешен. Која беше тајната формула за успехот на „Ново Скопје“?

„Желбата да се успее беше голема. Уште на почетокот поставив таква организација во ресторанот, која функционираше беспрекорно; менито беше квалитетно со македонска и интернационална кујна и беше мошне привлечно; асортиманот на храната беше богат; а винската карта разновидна, со голем избор на жестоки пијалаци, црвени и бели вина, неколку видови на пива, сокови, македонско кафе, македонски баклави... Најзастапени беа македонските специјалитети. Посетителите, посебно се воодушевуваа од амбиентот во ресторанот, кој беше во стилот на македонска куќа, декориран со предмети и украси, кои се користеле пред стотина години во Македонија“, ни раскажува Гојко.

факсимил на текстот објавен во весникот „Нова Македонија“ на 25 и 26 јануари 2003 година

Последните дваесетина години, со ресторанот стопанисуваше братот на Гојко, Манојил, кој успешно ја продолжуваше традицијата.

„Жал ми беше, што пречекот на Новата 2003 година, беше крај на ресторанот „Ново Скопје“,во кој работев речиси од самиот почеток“, со болка во душата, ни зборуваше Манојил. За затворањето на „Ново Скопје“, жалат и голем број берлинчани, кои беа редовни гости, како и Македонците, кои работат во Берлин и Германија, бидејќи за нив ресторанот беше повеќе од дом. „ Ново Скопје“ беше неформална македонска „амбасада“, во оваа светска метропола.

ДЕЛ ОД ИСТОРИЈАТА

За тоа, какво значење имаше овој ресторан на Ку–дам и за неговото затворање, најдобро говори реагирањето на телевизискиот канал на ЗДФ- Берлин. Во понеделникот, на 13 овој месец, само неколку денови по затворањето на ресторанот, беше емитувана полчасовна емисија, која остро ги критикуваше надлежните, за затворањето на овој ресторан и побара јавна одговорност, за оние кои донесле вакво решение. Новинарот јавно запраша, зашто се дозволило опремата и декорацијата од „Ново Скопје“, да се изнесат надвор од Германија. Според него, тоа претставува вредно благо, дел од кулинарската историја и затоа требало да остане во Берлин. Меѓутоа, желба на Манојил Јаковлески, беше опремата од „ Ново Скопје“ да ја донесе во Македонија.

За рестоанот „Ново Скопје“, со носталгија ќе се сеќаваат многу македонски политичари, бизнисмени, естрадни уметници, новинари, обични граѓани, кои минале незаборавни мигови во него. Тука, во 2000 година, Православна нова година ја пречека претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, кој престојуваше во прва официјална посета на СР Германија. Повеќепати, гостин на ресторанот беше Љубчо Георгиевски, како премиер на македонската влада и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тука наврати и претседателот на Извршниот совет на СР Македонија, Благој Попов, како и многумина македонски парламентарци, речиси од сите политички партии. Браќата Јаковлески беа почестени и од академиците: Славко Јаневски, Крум Томовски, Томе и Владе Серафимовски, Како и од легендите на македонската песна: Александар Сариевски, Васка Илиева, Јонче Христовски, Есма Реџепова, Виолета Томовска, Оперискиот пејач Симеон Гугуловски, гајдаџијата Пеце Атанасовски, ансамблот „Танец“ и артистите: Драги Костовски, Дарко Дамевски, Петар Темелковски, Валентина Божиновска, Кошаркарот Петар Наумовски, фудбалската легенда Дарко Панчев и илјадници други, повеќе или помалку значајни имиња од политичкиот, стопанскиот, научниот, културниот и спортскиот живот во Македонија и Европа.“

(продолжува)

Цела книга: https://drive.google.com/file/d/1iCYJJXWCxHwU4QBowt7jBymD9VHMuvAO/view?fbclid

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.