Коментари

Никола Груевски требаше да биде отстранет за да се редефинира Македонија

Александар Џеповски

Александар Џеповски

Поминаа години од политичкиот пад на Никола Груевски, но колку повеќе поминува времето, повеќе сум убеден дека бевме сведоци на еден од најголемите политички прогони во современата македонска историја, чија крајна цел беше промена на правецот по кој се движеше државата.
Дополнителен сомнеж кај јавноста отвори и неодамнешното признание на поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, кој откри дека во периодот кога се обезбедувало двотретинско мнозинство за уставните измени постоеле разговори за евентуално враќање на Никола Груевски во Македонија.
Пендаровски јавно изјави: „Од мене беше побарано да го помилувам Никола Груевски за да може да се врати во државата и да помогне во обезбедување на потребното мнозинство за уставните измени. Јас тоа го одбив и кажав дека нема да дадам помилување.“
Ова признание отвори бројни прашања. Ако Груевски навистина бил претставуван како најголем криминалец и најголема опасност за државата, тогаш зошто воопшто се размислувало за негово враќање и за политички договор со него? Ако бил закана за правдата, како можело да се разговара за негово помилување? Самото постоење на такви разговори дополнително ги зајакнува сомнежите дека зад целата политичка пресметка постоеле и други мотиви, далеку пошироки од јавно прокламираната борба против криминалот и корупцијата.
Кога ги споредувам резултатите од неговото владеење со сето она што се случуваше по неговата политичка елиминација и за време на седумгодишното владеење на Зоран Заев и СДС, не можам да се ослободам од чувството дека Македонија плати огромна цена.
Во периодот од 2006 до 2016 година Македонија се менуваше. Се градеа патишта, училишта, спортски сали, студентски домови и болници. Се отвораа фабрики во индустриските зони, доаѓаа странски инвестиции, се доделуваа субвенции за земјоделците и се реализираа инфраструктурни проекти какви што со децении претходно не беа реализирани. Илјадници луѓе најдоа работа во новоотворените компании.
Може некој да ги сака или да не ги сака проектите од тоа време како на пример „Скопје 2014“, но никој не може да каже дека државата стоеше во место. Македонија тогаш имаше амбиција, имаше енергија и имаше чувство дека се движи напред.
Моментот кога стана јасно дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да прифати промена на државното име Република Македонија. Тогаш започна процес кој постепено ќе прерасне во најголемата политичка криза во Македонија.
Најпрво се појавија таканаречените „бомби“. Следуваше секојдневна политичка војна. Државата беше вовлечена во атмосфера на постојани тензии, поделби и конфликти.
Потоа дојде „Шарената револуција“. Секојдневно гледавме протести, блокади, фрлање боја врз институции, споменици и јавни објекти. Тоа беше претставувано како борба за демократија и слобода. Тие протести беа дел од многу поширок процес чија цел беше создавање атмосфера во која падот на владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе стане неизбежно.
Не е тајна дека во јавноста постоеја бројни информации за влијанието на организации финансирани од фондациите на Џорџ Сорос. Не е тајна ниту дека дел од западните дипломатски структури отворено застанаа на страната на тогашната опозиција. Многумина тоа го сметаа за поддршка на демократијата. Јас го доживував како директно мешање во внатрешните работи на Македонија со цел промена на уставното име.
Потоа беше формирано Специјалното јавно обвинителство – СЈО.
Во тој момент на јавноста ѝ беше ветено дека конечно ќе има правда. Беше кажано дека ќе се расчисти со криминалот и корупцијата и дека сите ќе бидат еднакви пред законот.
Но што добивме?
Добивме институција која речиси целосно беше насочена кон СДС и Зоран Заев. Добивме обвиненија, апсења, спектакуларни прес-конференции и медиумски процеси кои честопати изгледаа како пресуди уште пред да започнат судењата.
А потоа дојде аферата „Рекет“. Лицата кои требаше да бидат симбол на правдата завршија обвинети и осудени. Главната специјална обвинителка Катица Јанева, која со години беше претставувана како борец за правда, заврши во затвор.
Кога Заев и СДС ја превзедоа власта, многу работи што претходно беа претставувани како невозможни одеднаш станаа можни, сите ветувања што ги слушавме по промената на власта останаа неисполнети.
Се потпиша Преспанскиот договор.
Се промени името на државата.
Она што со години беше одбивано од Владата на ВМРО-ДПМНЕ беше реализирано за краток период.
Зоран Заев ветуваше: Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, и додека ме држи памет, дека мојот дедо, мојот татко и сите мои претци, јас, мојот син и ќерка сме Македонци, родени овде во Македонија промена на името НЕ може да се случи! И не само тоа, верувам дека не постои роден човек овде во Македонија подготвен да излезе пред парламент и да бара промена на устав заради промена на уставното име.
Кажа и излажа, како ништо од тоа да не било кажано од неговата уста.
Ветуваа правда. Ветуваа крај на криминалот. Ветуваа институции ослободени од политички влијанија. Ветуваа европски стандарди. Наместо тоа, добивме афера по афера.
Добивме „Рекет“.
Добивме скандали во здравството.
Добивме сомнежи за корупција во институциите.
Добивме партизирано судство.
Добивме разочараност кај граѓаните кои веруваа дека ќе дојде подобро време.
Добивме промена на име.
Но колку повеќе поминува времето, толку повеќе граѓаните почнуваат да поставуваат прашања кои некогаш беа непожелни.
Што навистина се случуваше во тие години?
Кој ја организираше политичката криза?
Кој профитираше од неа?
Денес, и по толку години, хајката против Никола Груевски продолжува. Иако на сите им е јасно дека еднаш доделен политички азил во земја-членка на Европската Унија многу тешко може да биде поништен, а уште помалку ако се точни тврдењата дека во меѓувреме добил и унгарско државјанство, неговото име и понатаму останува главна тема за СДС на Заев и Филипче.
Груевски и денес служи како најлесна алатка за одвлекување на вниманието од одговорноста на оние кои владееја со Македонија во изминатите седум години-Заев, Филипче и СДС.
Наместо одговорност за промената на државното име, за уставобранителите осудени за теротизам, за Преспанскиот договор, за договорот со Бугарија, за отстапките направени на штета на македонските национални интереси и за бројните политички и економски скандали што ја одбележаа власта на СДС, повторно се создава впечаток дека сите проблеми во државата започнале и завршуваат со едно име-Груевски.
Но времето поминува. Политичките кампањи доаѓаат и си заминуваат. Пропагандата има свој рок на траење. Остануваат само фактите и последиците што ги чувствуваат граѓаните во секојдневниот живот.
И токму затоа сум убеден дека оваа долгогодишна кампања против Груевски одамна не се води само против еден поранешен премиер. Тој денес е симбол на една политичка епоха, на една политика и на едно време кое СДС се трудат трајно да го дискредитираат.
Според моето мислење, вистинската цел е многу поширока. Целта е ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, политичката идеја што таа ја претставува и довербата што граѓаните ја даваат на нејзиното актуелно раководство.
Не можам да се ослободам од впечатокот дека постојаното враќање на темата „Груевски“ денес претставува и директен напад врз ВМРО-ДПМНЕ, врз актуелната Влада и врз претседателот на партијата и премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски.
Во политиката често не се напаѓа само човекот, туку и идејата што ја претставува. Затоа сметам дека преку постојаното отворање на старите теми се прави обид да се создаде политичка дефанзива, да се одвлече вниманието од седумгодишното криминално и предавничко владеење на СДС и од прашањата за кои јавноста сè уште чека одговори.
Конечниот суд нема да го донесат ниту политичарите, ниту партиските штабови, ниту медиумските кампањи. Конечниот суд ќе го донесе историјата.
А историјата многупати покажала дека политичките и историските пресуди многу ретко се исти. Она што денес се претставува како непобитна вистина, утре може да биде најголемата политичка заблуда.

Господ гледа – можеби понекогаш изгледа дека доцни, но правдата никогаш не ја заборава својата должност. Она што човекот ќе го посее, порано или подоцна ќе го пожнее.

Најново од: Коментари

Македонија, парче од рајот што треба сите да го почитуваме

Ми пукна филмот од Али Ахмети што ја отвора историјата само кога му треба аргумент за дневна политика. Али, кога зборуваш за тоа кој е староседелец во Македонија, што добиваат граѓаните од тоа твое тврдење, освен дека тоа е твоја провокација? И што, според тебе, добива оној што ќе го прогласиш за постар од соседот? […]

Македонија: за безбедноста на Европа – доверлив партнер, за членство во ЕУ – вечен кандидат?

Европа не може од кандидатите да бара европско однесување, а од членките да прифаќа секое условување Македонија заслужува јасен одговор: дали патот кон Европската Унија се отвора со исполнување на европските критериуми или со бескрајно прифаќање нови политички услови? Од одговорот на ова прашање зависи довербата во европската идеја. Граѓаните треба да знаат што се […]

Македонија е факт – не е за раздавање и уништување на нејзиното ткиво

Сите луѓе и култури се живи истории. Сè она што сме е одраз на потеклото, историското минато проткаено со мачна, но богата историја. Јазиците што ги зборуваме се наследени од минатото. Нашите култури, традиции и религии се наследени од минатото. Ние дури го наследуваме нашиот генетски состав од оние што живееле пред нас. Познавањето на […]

Јас, мама, тато, сестра ми и брат ми — заедно сме иднината на Македонија!

Не е доволно да се гордееме со предците ако не се грижиме за потомците. Македонија ја чувале генерации што верувале дека по нив ќе има кој да го продолжи животот, да го зборува јазикот и да го зачува огништето. Наша обврска е таа верба да не згасне. Во минатото судбината на македонскиот народ често се […]

Долгот на македонската интелигенцијата — опомена од 1926 година што важи и денес

Од опомената на Владимир Руменов во 1926 година до денешната одговорност кон државата — знаењето, чесноста и посветената работа во служба на Македонија. Во статијата „Долгот на македонската интелигенција“, објавена во весникот „Независима Македония“ на 11 јуни 1926 година, д-р Владимир Руменов пишува за одговорноста на образованите луѓе кон заедницата. Иако неговиот текст произлегува од […]

Колку повеќе ТИ трае младоста, толку поубава СИ МАКЕДОНИЈО!

Немој да ја навредувате МАКЕДОНИЈА. Тоа е како да сте ни ги прекршиле рацете. Можеби ќе ви простиме, но никогаш не ќе можеме да ве прегрнеме. Колумнава ја посветувам на моите соборци, вистински херои на ВМРО-ДПМНЕ и МАКЕДОНИЈА, со голема благодарност до сите БРВЕНЧАНИ што ми овозможија прилика и чест да бидам дел од ВАШАТА […]

Блиски сме и треба да си помагаме

Има подадени раце што човек ги памети цел живот. Особено оние што ги примил во тежок час, кога иднината на неговата татковина била неизвесна. Јас ја паметам подадената рака од Бугарија. Ги паметам луѓето, помошта и зборовите што тогаш ни даваа надеж. Токму затоа денешните блокади и оспорувања ме погодуваат толку длабоко. Во 1991 година, […]

На Македонецот ќе му дадам дел од рајот, ама ќе видите какви соседи ќе му дадам!

Македонија треба да ја чувствуваме како дар од Севишниот, да ја чуваме како наследство од предците и да ја градиме како обврска кон нашите деца и внуци. Кога Севишниот Господ Бог ја делел земјата меѓу народите, пред Неговата врата се создала голема редица. Секој барал свое место под сонцето. Едни сакале море, други плодни рамнини, […]

To top