|
||||
Културата и начинот на живеење на територијата на Македонија во османлискиот период |
Со османлиското освојување, радикални промени настанале и во сферата на културата и начинот на живеење. Преку ноќ еден начин на живеење бил заменет со друг. Победата на една муслиманска империја над поранешните балкански христијански држави предизвикала „културен шок“ кај сите балкански народи. Целиот систем на христијанските духовни вредности доживеал исклучително силен потрес. Во сите сфери на животот настанале такви промени што по својот интензитет можат да се споредат со промените на овие простори настанати со доселувањето на Словените. Културата на територијата на Македонија во класичниот османлиски период може да се подели на селско-христијанска и на градскомуслиманска. Македонските села останале претежно христијански и во нив продолжила да се развива православната духовна култура. Таа била нераскинливо поврзана со селските манастири и цркви, кои ја избегнале судбината на градските христијански светилишта, од кои најголемиот број биле уништени или замреле. Селските христијански храмови биле единствените културни извори за христијанското население. Лесновскиот манастир во Кратовската област, Матејче и Св. Прохор Пчински во Кумановската област, Слепче во Демирхисарско, Трескавец во Прилепско, Пречиста во Кичевско, Јован Бигорски во Дебарско и други манастири, располагајќи со голем број словенски ракописи, продолжиле со традицијата на препишување и размножување на богослужбените, филозофско-поучните и црковнопрактич ните книги. Во тоа време се појавиле и духовни лица кои пројавиле забележителна книжевна дејност. Меѓу нив треба да се споменат Димитар Кратовски (XV век) и Јоан Кратовски (XVI век) од Кратовскиот книжевен центар, Владислав Граматик (XV век) од манастирот во Матејче, Димитар Кантакузин (XV век), Висарион (Варлаам) Дебарски (XVI век) од Слепчанскиот манастир, кој оставил зад себе повеќе ученици, и други. Препишувачката, просветната, книжевната и културната дејност се одвивале во исто време и се преплетувале меѓусебно се` до XIX век, кога новите книжевни тенденции постепено започнале да стануваат доминантни. За ширењето на овој вид црковно-филозофска литература, уште во XVI век, во Скопје постоела книжарницата на Кара Трифун. Исто така, својата работа ја продолжиле и светогорските манастири, кои биле главни јадра каде што се регрутирале монасите и калуѓерите, кои потоа служеле во црквите и манастирите низ целиот Балкан. Кон крајот на XVI и посебно во XVII и XVIII век, во Македонија настапил период на преведување зборници со различни содржини, наречени „дамаскини“ по византискиот книжевник Дамаскин Студит (XVI век). Во овие преводи на словенски, односно црковнословенски јазик, влегувале елементи на народниот говор, особено од синтаксата и од морфологијата. Во тој поглед особено значаен е преводот од грчки јазик на проповедите на Дамаскин Студит, направен од пелагонискиот епископ Григориј, во втората половина на XVI век. Освен тоа, во истиот период биле создадени неколку значајни споменици на словенската писменост во Македонија, како што се: Климентовата грамота, Слепчанскиот писмовник, Македонскиот дамаскин од XVI век, Тиквешкиот зборник од XVI-XVII век, Трескавечката кодика од XVII-XVIII век и др. Во манастирските ќелии, всушност, продолжувале да опстојуваат и хагиографските дела за средновековните светци, настанати во предосманлискиот период. Составен дел на македонската христијанска култура била и народната епика. Таа се градела низ сите векови на османлиското владеење кое оставило најдлабоки траги кај народот. Меѓу најпопуларните народни јунаци опеани во народните епови како борци против Османлиите се истакнуваат: Марко Крале, Болен Дојчин, Момчил Војвода, потоа Секула детенце, Груица детенце и други. Кон овие епски песни подоцна се придодале и народните песни за бројните ајдутски и комитски водачи. Во усната народна проза, пак, посебно место зазел ликот на Итар Пејо, кој произлегол од средината на необразованите селани и низ кого се отсликани народната мудрост и снаодливост. Во пазувите на македонските манастири биле создадени и првите училишта во кои се подготвувале свештеници, а во XVII век и особено во XVIII век се пристапило и кон организација на градски световни училишта во близина на црквите. Такви училишта биле отворени во Велес, во Скопје и во Прилеп. Во 1783 година во Прилеп се споменува училиштето на даскалот Ристо Думбаловски, кое постоело и во 1823 година. Од времето на османлиското владеење црквите во Македонија се со скромни размери и најчесто биле градени по селата. Тие биле едноставни еднокорабни згради на правоаголни основи. Најчесто биле ѕидани со необработен или полуобработен камен. Поретко биле градени со камен и со тула, како што е црквата Св. Ѓорги во село Бањани, Скопско (1549 г.). Во периодот од XV до XVIII век во Македонија биле изградени повеќе цркви, најголемиот дел од нив во селата или во склоп на изградените манастири, како што се: Св. Вознесение во с. Лескоец (1426 г.); Успение Богородичино, с. Велестово, Охридско (1444 г.); Св. Богородица Пречиста во с. Варош, Прилепско (1438 г.); Св. Никола во с. Трново, Кривопаланечко (1505 г.); Св. Петар и Павле во с. Зрзе, Прилепско (1535 г.); Св. Архангел, с. Непроштено, Тетовско (1569 г.); Св. Никола во с. Ореовец, Кичевско (1602 г.); Св. Јован Богослов, с. Слепче (1617 г.); црквата на манастирот Св. Јован Бигорски (1713 г.) и др. Декорацијата кај овие цркви била доста скромна и се состоела од плиткорелјефни мотиви на преплети, геометриски шари, стилизирани растителни мотиви и животни. Биле декорирани и со фрески, како и со икони на дрвени иконостаси. Иконописците му останале верни на стариот начин на изразување и најчесто ги имитирале творбите од постариот предосманлиски период. Во тој период македонскиот живопис се развивал во неколку центри, од кои најзначајни биле: Охридскопреспанскиот, манастирите Трескавец и Зрзе во Прилепско, потоа Слепченскиот, Лесновскиот и др. Како градители почесто се јавувале здружени ктитори-селани, а поретко поединци. Истовремено во Македонија се развивала и исламската култура донесена од освојувачите. Нејзин центар биле македонските градови. Средновековниот христијански град со заштитни ѕидови постепено исчезнал и него го замениле населби со ориентален изглед од отворен тип. Во нив се формирале одвоени маала, за муслиманското и за христијанското население, со збиена градба. Се развила и чаршијата, како работна и трговска зона со групирани дуќани и со разновидни занаети. Особено видливи траги оваа култура оставила во архитектурата. Во сите поголеми македонски градови биле изградени бројни сакрални и верски објекти кои служеле за различни цели. Џамиите, мезџидите, турбињата, завиите, биле изградени во слава на Алах и на новата вера, а ановите, карван-сараите, амамите, од многу порационални причини. Тие создавале посебни ансамбли, функционално групирани во урбаното јадро на градовите. Најзначајни џамии изградени во Македонија се: Султан Муратовата џамија (1436 г.). Исак-беговата, наречена Алаџаџамија (1438 г.), Иса-беговата (1475 г.), Мустафа-пашината (1492 г.) во Скопје, Исак-беговата (1508 г.) и Јени-џамијата (1558 г.) во Битола. Од профаната архитектура по својата импозантност се издвоиле: Капан ан, Сули ан (XV век), Куршумли ан (XVII век), Даут-пашин амам (1484 г.) и др. Овие објекти и денес сведочат за извонредните архитектонски решенија и за нивната значајна улога во секојдневниот живот на муслиманите. Исламската просвета имала нагласен религиозен карактер. Едукацијата се изведувала во мектбите и медресите (основни и средни муслимански верски училишта). Во Скопје, уште во XV век, постоеле две медреси, од кои Исхак-беговата била една од најстарите и најпознати медреси на Балканот. Освен религиозните науки, во овие училишта се изучувале и источните јазици, исламското право, филозофијата, математиката и други предмети. Текињата на дервишите, исто така, биле центри за религиозна едукација и воспитување. Уште во најраниот период, во состав на џамиите, медресите и текиите, биле создадени и ориентални библиотеки. За најстара се смета библиотеката на Исхакбег, основана 1445 година, а најбогата била библиотеката при медресата на Иса-бег во Скопје. Книжниот фонд се состоел главно од книги со религиозна содржина. Благодарение на развиената едукација, во градовите се јавиле и првите исламски книжевни дејци и литерати кои пишувале поезија и проза. Така, само од Скопје, се издигнале неколку познати литературни дејци, како што биле: Атаи Ускуби, Исак Челеби, Вејси Ефенди и др. Најголема слава достигнал Исак Челеби, кој бил и професор во медресите во: Скопје, Бурса, Одрин, како и во најпознатата Сахн медреса во Истанбул. Тој напишал и едно дело посветено на Скопје. Меѓу османлиските поети од Битола познати се: Хавери, Зухури, Челеби, Вахии, Ќатиб Хасан, додека во Тетово се истакнале поетите Суџуди и Тулуи. Освен поети, во повеќето градови во Македонија живееле и работеле како професори во медресите или како кадии и други познати учени личности. Таков бил и Ахмед Исамудин Ташќопрузаде (1495-1554), кој се вброил меѓу првите османлиски енциклопедисти. Тој, 1529 година, бил назначен за професор во медресата на Исхак-бег во Скопје, каде повеќе години работел и како кадија. Евреите коишто се населиле во Македонија, исто така, развиле своја култура во рамките на османлиското општество. Тие основале свои образовни институции во кои се изучувале теологијата, астрономијата, филозофијата и математиката. При синагогите работеле основни училишта и училишта за повозрасни каде што децата се описменувале и се читал Талмудот. Сите тие имале и свои библиотеки. Најважниот духовен центар на Евреите во Македонија бил Солун. Во овој град творел и Дон Јуда Беневиста, еден од најучените и најбогати Евреи во тоа време. Тој создал голема библиотека и ја основал Солунската талмудска академија, која станала културен центар на македонските Евреи. Во Солун, 1555 година, дошол и Хуан Родригез де Кастел де Бранко, прочуен лекар на папата Јулиј III и професор по медицина во Ферара и во Анкона. Присуството на Евреите дало огромен придонес на целокупната култура во Македонија. Според османлискиот патописец Хаџи Калфа, во првата половина на XVII век, во Високата еврејска школа во Солун предавале 200 наставници, а наставата ја следеле повеќе од 1.000 лица. Што се однесува до начинот на живеење, особени специфики имал градскиот живот. И покрај влијанието на доминантната, во турска верзија, ориентална култура, во градовите никнала една специфична материјална и духовна култура во која се измешале и меѓусебно се поврзале затекнатата стара традиција со културата и традицијата на новодојденците. Без разлика на верските и етничките разлики и строгите законски прописи во поглед на облекувањето, носењето оружје и сл., при што секогаш привилегирани биле припадниците на господарската вера, сите султанови поданици, користејќи ги условите што им ги нудел градскиот живот, влијаеле едни на други, создавајќи на тој начин една синкретичка цивилизација во која, со текот на времето, се вклопиле сите етнички и верски групи. Сепак, во рамките на таа синкретичка култура, и покрај непрестаното мешање и секојдневното комуницирање, градските жители грижливо ги зачувале својата самобитност и народност, своите обичаи и навики и својот јазик. Припадниците на разните верски групи, христијаните, муслиманите и Евреите, живееле во различни делови од градот и имале свои духовни водачи. Свештениците, имамите и рабините го претставувале своето стадо пред официјалните власти. Посериозното зближување на припадниците на овие групи, освен службено, повлекувало осуда, па дури и исклучување од заедницата. Различните етнички, односно верски групи во градот, го чувале својот јазик, зборувајќи го по домовите и во меѓусебното комуницирање. И покрај преовладувањето на османлискиот јазик, во градските чаршии се слушал говорот на сите оние што живееле или подолго престојувале во градот. Сите трговци, домашни и странски, прекупци на стоки, менувачи на пари, па дури и амалите, знаеле по нешто од јазикот на луѓето со кои најмногу соработувале. Сето тоа овозможувало потчинетите заедници, пред се`, христијанската и еврејската, да ја зачуваат својата самобитност и да ја развиваат својата материјална и духовна култура. проф. д-р Анета Шукарова |