|
||||
Чуден народ сме ние Македонците |
Почит кон сите оние кои дале свој допринос во македонската културна оставштина. Чуден народ сме ние Македонците. Насекаде по светот македонскиот народ ги оставал своите коски, создавајќи прекрасни дела но никогаш не сме знаеле тоа да го цениме, истакнеме или пак да го промовираме како дел од наше културно наследство, ниту пак да ги сочуваме спомените за нашите дејци. Постојано оставаме некој друг сето тоа да го преземе, да го презентира како сопствено наследство или да ги промовира македонските дејци како свои. Малкумина знаат дека православната црква Св. Стефан во Цариград позната како Железна црква, која пред 1912 година била главен храм на Бугарската Егзархија, била изградена со парите на охриѓаните, ресенчаните и велешаните. Исто така, малкумина знаат дека во дворот на црквата се погребани многумина познати историски фигури меѓу кои и Партеније Зографски кој бил првиот македонски учебникар, филолог, фолклорист, еден од најистакнатите културни и црковни работници од 19 век во Македонија и прв македонски митрополит. Нашето слепило, нашето омаловажување посебно на нашето градителско наследство и нашата негрижа кон нашите дејци, остава простор некој друг да ја препишува историјата и таа да ја презентира како своја. Денес црквата Св. Стефан и познатите историски личности чии споменици се наоѓаат во дворот на црквата се презентираат исклучиво како дел од бугарската историја и нејзиното културно наследство. Црквата Св. Стефан е изградена во 1896 година, по добивањето на султанскиот ферман во 1890 година, на местото на поранешната мала Дрвена црква. Архитектот, ерменецот Хофсет Азнавур, предложил црквата целосно да се изгради од железни елементи, заради лошиот терен кој не бил безбеден за изградба со класичен материјал. Интересно е што македонските инвеститори од 19 век веднаш биле подготвени да инвестираат во промена на најнови светски технологии на тоа време, како што се префабрикувани лиени железни делови!? Проектот за црквата Св. Стефан бил готов 1893, а потоа на тендерот за реализација работата ја добива австриската фирма "Вагнер". Тоа е истата фирма која ги има реализирано градежните проекти: покривот на дворот на Британскиот музеј во Лондон и куполата над берлинскиот Рајхстаг. Железните елементи за црквата биле пренесени со стотина бродови од Виена по Дунав и Црно Море за Цариград, а склопувањето траело три години. Архитектонскиот стил на црквата е барокна и е слична на некои реализации на Андреа Дамјанов. Денес само неколку цркви во Австралија и македонската инвестиција во Цариград го чуваат споменот на црковното градителство во лиено железо во светот! Самата црква е посветена на кнезот Стефан Богориди, а неговите мошти се наоѓаат во олтарот иако тој бил висок и влијателен офицер на отоманската империја. Богориди е роден 1775 г. во Котон, денешна Бугарија, а умира 1859 г. во Цариград. Го подржувал Горги Раковски, пријател и соработник на Константин Миладинов, и организатор на тајното македонско друштво во Атина. Во дворот на црквата се погребани многу познати личности како црковните дејци: Илирион Макариополски, Авксентиј Велешки, Паисиј Пловдивски, како и Партенија Зоографски, кој е првиот македонски архимандрит произведен од страна на цариградскиот патријарх, за потоа да биде поставен за епископ на Полјанската епархија. Прво околу што се заложил новиот владика било воведување на црковнословенскиот јазик во богослужбата во црквите на македонските верници, со што го намалил влијанието на грчката црква. Тој е автор на многу дела со кои се создадени темелите на граматиката на македонскиот јазик. Партенија Зографски ги систематизира разликите помеѓу бугарскиот и македонскиот јазик на научна основа. Иако црквата Св.Стефан е изградена од македонскиот верски и градежен занес, иако во нејзиниот двор е погребан првиот македонски владика, сепак како да е изоставена од македонската културна оставнина. Црквата Св. Стефан е реставрирана со пари од Министарството за култура на Бугарија во 2002 и 2005 година. Добро е барем што вредностите кои ги остави македонскиот занес се со такво ниво што светското културно наследство не може, а да не се погрижи за нив. Колку ли има македонски дејци, сјајни автори и споменици на македонската историја кои остануваат невидени и непознати за нас наследниците во оваа денешница? Македонија не ќе може да биде Македонија ако сите сјајни делови од нејзиното културно наледство им ги препушти на чување на другите. Македонија мора да ги знае и да ги чува. Затоа почит кон сите оние кои дале свој допринос во градењето на македонската културна оставштина насекаде во светот и на сите оние кои се грижат за неа. Тихомир Каранфилов |