|
||||
Тресончани жртви на Титаник |
Ноќта на 15 април 1912 година потона прекуокеанскиот брод Титаник, дотогаш најголем патнички брод изграден во светот. Во ладните води на Атлантскиот океан, освен бродот засекогаш потонале и двајца тресончани, единствени Македонци кои загинале на Титаник, меѓу останатите 1.523 души! Тоа се браќата Јанко и Миле од родот Смилески - печалбари кои биле на пат за Америка. Иако нивната семејна лоза има и други толкувања, зашто и во Србија ден денеска има едно семејство кое вели дека Миле потекнувал од Црна Гора и оти немал брат Јанко, ами неколкумина браќа и една сестра кои во 1912 година живееле во Америка, а тој одел кај нив, сепак аргументите се и на двете страни, а и најстарите тресончани го задржале паметењето за двајцата браќа од маалото Врлевци кои пред почетокот на балканските војни потонале на Титаник. Најстарите жители на Тресонче раскажуваат како дури од деца слушале за смртта на нивните соселани на Титаник. Има можност, тие да потекнуваат од познатиот тресонечки род на Сарџо Брадина или од некое друго помало семејство Смилевци, но старите не паметат дека имало други Смилевци в село. Доколку се од првиот род, во тој случај имаат врска со Смиле, внук на познатиот ќаја Сарџо Караџа Брадина. Смиле бил син на Трене и Софија. Во родовското стебло на оваа фамилија се среќава името Милетие. Мајка им ја викале Трена (или Треневица, н.з.) и кога разбрала оти нејзините единствени синови потонале некаде на море додека со голем брод патувале кон Америка, одлучила да засади орев, за секој намерник да каснува по едно кокале за душа на загинатите синови. Тоа го сторила и за да не се сотре паметењето за нивната фамилија, зашто пред многу години починал и мажот. Трена починала во длабока старост некаде во времето на Втората Светска Војна. Оревот навистина беше огромен џин и еден од најголемите во долината, но тресончани го заборавија аманетот на баба Трена. Во доцните осумдесети или во раните деведесетти години од 20 век, два-тројца тресончани одлучија дрвото да се пресече, бидејќи во тие години ореовото стебло достигна нешто повисока цена од вообичаената. Едниот од нив беше од Кадиевци, а другиот од Бошковци, а денеска и двајцата не се повеќе живи. Додека авторот на овие редови со месеци го истражуваше случајот “Титаник - Тресонче”, барајќи низ американските Интернет архиви податоци за загинатите патници на тој брод, стигна допис од архивата наречена “Encyclopedia Titanica”, најбогатата Интернет страница каде може да се најдат секакви информации за несреќата. Во дописот упатен од уредниците на отворениот форум за информации стигна и потврдата за патникот Миле Смиљаниќ (или Смиљановиќ), кој загинал на 37 годишна возраст. За неговиот брат Јанко не пристигна ништо! Од информациите до кои беше дојдено се дознава дека Миле, откако неколку години печалбарел низ Србија и Хрватска, преку Австрија заминал за Саутхемптон (Англија) и оттаму на 10 април 1912 година (во среда) се качил на Титаник на пат кон Њујорк. Се качил како патник од третата класа, пријавувајќи се како земјоделец. На бродот, како земјоделци, заедно со Миле, се пријавиле вкупно 49 лица. Бројот на неговиот билет бил 315037, што Милета го чинел 8,13 фунти. Тој ден во Саутхемптон на бродот се качиле 1.645 патници без да знаат дека за само 5 дена повеќемина од нив ќе се удават во ладните води на Атлантикот. Името на неговиот брат Јанко беше пронајдено во хрватски архиви во кои се цитира публикација со наслов “Титаник”, објавена во Сараево во 1998 година. Таму и двајцата се водат како Хрвати, а во големата “Encyclopedia Titanica”, Миле Смиљаниќ се води како патник кој дошол од Австрија и чија дестинација е непозната. Имињата Јанко и Миле и самите Хрвати ги токлуваат како сосема "нехрватски". Додека живеел во Србија Миле основал семејство чии наследници и ден денеска живеат во околината на Белград. Неговата внука Софија во 2004 година беше сe` уште жива, но во длабока старост. Таа носи исто име како и името на можната мајка на Миле, односно Софија, жената на Трене Смилески! Телата на тресончаните Миле и Јанко Смиљаниќ никогаш не биле пронајдени! Бродоломот го преживеале само 705 лица кои биле извлечни од екипажот на бродот “Карпатија”. |