|
||||
Македонското сликарство од XII век му претходи на италијанската Ренесанса? |
Средновековна Македонија со спомениците на сакралната и воената архитектура е на самиот врв на архитектонското творештво. Во овој период се белeжи мошне интензивна изградба на цркви, манастири и бројни тврдини, што е тесно поврзано со општествено-политичките и културните прилики кои владеат во Македонија. Иако оваа архитектура носи белези на уметнички влијанија на поблиски и подалечни културни центри, таа ги содржи силните домашни македонски традиции на христијанската уметност, изразени од домашните мајстори градители. Тие со своја архитектонска концепција, конструкција и стилско-естетско обликување на објектите му даваат посебен белег на ова творештво. По поразот на Самоиловото царство и распаѓањето на македонската држава (1018 г.), како и по неуспехот на востанијата на Петар Дељан (1040/1041) и Горѓи Војтех (1072/1073), во Македонија доаѓа не само до политички промени, туку во македонската уметност се засилува византиското влијание. Византиската управа во Македонија во наредните два века ќе се одрази и врз архитектурата со внесување почисти византиски форми. Од овоj период зачувани се извесен број објекти меѓу кои и манастирот Св. Пантелејмон во селото Нерези крај Скопје, изграден од Алексеј Комнен во 1164 година итн. Уметноста на Комнените се проширила низ цела Македонија, а потврда за тоа се наоѓа во фреските во Вељуса, Курбиново и Нерези. Меѓутоа треба да се одбележи констатацијата која во науката доби потврда по проучувањето на животописот во Македонија, според која традициите во македонската уметност имале посебно место. Манастирската црква посветена на Св. Пантелејмон – заштитникот на здравјето во Нерези, на чии ѕидови е сочувано фреско сликарство од периодот на XII век, со своите врвни квалитети привлекува особено внимание. Во 1926 година, на јавноста ова сликарство му го преставува познатиот историчар на византиската уметност Никола Окуњев, со чија заслуга повторно е откриен поголемиот дел од стариот животопис. Откритието во манастирот во Нерези кое го направи Окуњев, професор на Универзитетот во Прага, тогаш ќе внесе нова светлост во средновековната уметност на Европа. Никола Окуњев бил еден од поистакнатите научници на полето на средновековната уметност. По Првата Светска Војна бил професор по уметност на Филозовскиот факултет во Скопје, а од 1923 година работи во Прага, како професор на уметноста на источните и јужните Славјани и Византија. За време на летниот период доаѓал во Македонија, која е во рамките на тогашна кралска Југославија, каде го продолжува своето истражување. Во летото 1927 година, по шест години истражувања и преку 2000 направени фотографии доаѓа до важни откритија и на враќање за Чехословачка од Скопје, се задржува прво во Белград, а потоа и Загреб каде треба да одржи предавање за уметностa на овој дел од Балканот од XIV век. Во текот на престојот во Белград, Окуњев дава интервју за белградскиот весник „Политика“, кое е објавено на 30 октомври 1927 година. Во духот на тогашната српска пропаганда која се спроведува во Македонија, ова интревју новинарот со иницијали М.Р. го објавува под наслов „Српското сликарство од XII век му претходи на италијанската Ренесанса“? Ако се има во предвид дека во овој период, Србите не владеат со територијата на Македонија, туку и самите водат војна со Алексеј Комнен за да се ослободат од потчинетоста на Византија тогаш слободно може да се преименува насловот во „Македонското сликарство од XII век му претходи на италијанската Ренесанса?“. Инаку професорот Никола Окуњев во ова интервју дава низа интересни податоци за своите откритија во манстирот Св. Пантелејмон во Нерези чиј животопис несомнено спаѓа во најдобрите дела создадени во Македонија по „Св. Софија во Охрид, а пред Курбиново, но исто така и за уметноста на територијата на Македонија и нејзиното влијанието во Европа, од кое овде пренесуваме извадоци. Еве што проф. Окуњев тогаш ќе изјави за „Политика“: - Оваа година дојдов, рече г. Окуњев во разговорот со нашиот соработник, заради фреските кои се сочувани во црквата Св. Пантелејмон, во верскиот манастир кај Скопје. Фреските се изработени, како што се гледа од натписот над вратата, врежан во мермерната плоча – 1164 година. Од овие фрески порано беше познато само неколку засебни фигури во олтарот и... Цел среден дел од црквата бил пресликан во 1886 г. Ова е работа на некој селски мајстор. Веќе три години, се обидував да најдам под новиот живопис, стари фрески. Уште тогаш утврдив дека по ѕидовите има стар живопис. Со дозвола на скопскиот владика Варнава и со помош на скопскиот голем жупан г. Вилдовиќ и месниот одбор, успеав да ги исчистам старите фрески од новиот живопис. Откриените фрески потполно се сочувани, тие се наоѓаат во најдобра состојба, иако на места се оштетени и недостасуваат одредени фрагменти. Фреските од XII век се сочувани по сите ѕидови на средниот дел на црквата. Во горните делови и во сводовите наидов над старите фрески нов материјал. Овој понов живопис е работен околу XV и XVI век. Засега го отворив само стариот живопис. Најдов осум големи композиции од евангелската историја, а во долниот ред 21 засебна фигура на светци. Ја открив „Средба“, „Преображение“, „Лазарово воскрснување“, „Раѓање на Богородица“, „Воведување во храмот“, „Влез во Ерусалим“, „Симнување од крстот“ и „Погребување Христово“. Освен тоа треба да се одбележи прекрасно изработената огромна фигура на Св Пантелејмон, која се наоѓа десно од иконостасот, под еден убав релјев. Изразитиот цртеж, со јасна и чиста боја, извонредна хармонична композиција, ретки технички вештини, ја ставаат оваа фреска на едно од првите места од се` што е сочувано на Балканскиот Полуостров. Како иконографските, исто така и стилистичките особини на овој живопис од најголема важност се за проучување на старата уметност. Во новооткривените фрески наидуваме на правиот извор на онаа уметничка форма која подоцна ја сретнуваме кај најубавите споменици: Старо Нагоричани... Сега лесно може да се каже од каде доаѓаат овие особини на споменатите фрески, кои многу ги држеле како италијански. Скоро сите “италијански“ црти на фрески можат да се најдат овде во Нерези во XII век. Во однос на влијанието на македонското сликарство од XII век врз италијанската и европската уметност Окуњев подвлекува: - Овие факти, се значајни од друга страна за италијанската уметност. Исти форми се јавуваат и во Италија, само во втората половина на XIII век. Ова дава право на нашата претпоставка дека Нерези е еден од многубројните византиски споменици, кои служеле како извор за творење на Сионските мајстори. На прашањата за европското сликарство, дека пред Ренесансата Западна Европа имала свое сликарство и од каде доаѓа тоа, како и може ли да има врска меѓу нашиот Среден век и западниот? Продолжувајќи со своето излагање Окуњев ќе одговори: - Со откривањето на нереските фрески уште повеќе се зголемува бројот на сочуваните споменици во (Македонија н.з.). Ниту една земја на светот нема толку многубројни стари цркви, со толку убави фрески, колку што ги има кај вас. Овој обилен материјал скоро целиот е проучен. Тој создава можност за слободна работа на бројни научници. За жал, до сега во оваа област многу малку е направено... (зошто н.з.) би можело да се објаснат многу нејасни и темни прашања на европската уметност од XII до XV век“ – вели на крајот од своето излагање Окуњев за белградскиот весник. Всушност, Нерези кој стои на врвот на македонската уметност од XII век, укажува на идните настојувања во византиската уметност за повторно приближување кон антиката. |