|
||||
Жетварски обичаи од село Лешко, Горноџумајско |
Жетвата започнува една седмица пред или по Петровден. Обично сакаат да зажнејат на новина (нова месечина) и тоа во понеделник, зашто понеделникот е долг ден, торнико и саботата се кратки (куси) дни. Пред „изгрев с’лнце“ највештиот (највештата) оди на нивата, застанува свртен кон исток, ги зема својот срп и српот од другиот во десната рака, ги фрла преку десното рамо откако ќе го праша другиот „срп ле искаш или крст“. Тој се наведнува ги зема срповите од земјата одговарајќи: „Срп искам, крст неќу“. Тоа се повторува до три пати. Тоа го вели за да не го боли крстот (половината) за време на жетвата. На третиот пат си го зема српот се прекрстува до три пати и вели: „Ајде Боже, поможе! Си добри часове, тове најдобар, сите на куси магариња, ние на брзи атове“. Потоа со српот одрежува десет класови, кои ги фрла во насока на неожнеаното жито велејќи: „Како тие класје што летаат, така жетвата да врви брже“, потоа додава: „Леко лето, Боже помагај и до година сос здраве“, почнува редовно со жетвата откако ќе повторат и другите жетвари: „и до година сос здраве да сме живи“. Новоприсутниот на жетвата е должен да им честита со зборовите: Аирлија, жетфа“, жетварите му одговараат: „Амин, да си жиф“. На тој што зажнева, ако го види трудна жена, му отекува десната (односно левата) рака, тогаш велат: дека го фатила болеста „церма“ која може да се излекува од близна жена, ако ја настапи до три пати пред да изгрее сонцето и уште додека не пуштила вода. При свршувањето на жетвата на последната нива секој си полни една „раколка“ (колку што му збира раката кога жнее) и вели: „П’на рака, п’н амбар“. Последниот откако ќе си ја наполни раколката остава непожнеани десетина класа, кои заедно ги врзува со црвен конец, велејќи: „И до година с’с здраве, ето и на деда Бога брада“. Какво значење има Божјата брада и зашто се остава населението не знае. Едни велат дека ја оставаат да ги чува Бог сеидбите од разни несреќи, но дали е така? Христо П. Стоилов 1899 година. |