|
||||
Hram „Sveti Petar i Pavle“ - Тресонче |
Местоположбата на оваа црква е сред село, а тоа наведува на заклучок дека е главен православен храм во Тресонче. Таа претставува пример на типична селска црква која со својата големина (најголем црковен објект во селото) ги задоволувала потребите на верниците. Соѕидана е во 1844 година по една голема пауза при градењето (најверојатно од околу десетина години), односно додека ктиторот Сарџо Брадиноски бил на заточение во Призрен. Храмот е добро сочуван и повремено служи и за вршење литургии (на Петровден). По содржина црквата претставува најосновен облик на христијанска трикорабна бескуполна базилика и ги содржи следниве елементи:
Западниот дел од храмот содржи и хорска галерија до која се доаѓа преку внатрешни дрвени скали построени во наосот, односно сместени во левиот агол на западниот дел од наосот. До оваа галерија има и директен пристап од надвор преку камени (бигорски) полокружни скали. Во обликувањето на ентериерот на црквата значајно место зазема иконостасот. Од ѕидното или фреско-сликарство има сосема мали остатоци кои покажуваат вредности на непознати месни мајстори, но за жал фреските се многу оштетени. Рамниот плафон на црквата (која нема купола) е изведен од штици над кои се поставени профилирани летви со димензии 2x5 см во двата правци и под прав агол. Со ваков третман се добиени квадратни полиња од 20x20 см со што е постигната извесна декоративност и разиграност на големите рамни површини. Храмот е граден исклучиво во камен со дебелнина на ѕидовите од 80 см, освен западниот ѕид кој изнесува 50 см. Завршетокот на северниот и јужниот ѕид е изведен со конзолни камени сегменти (бигор) кои ја прифаќаат стреата, а истовремено формираат и завршен венец на ѕидот, додека прозорските отвори се обликувани со камени блокови бигор со лачен облик во горниот дел од прозорскиот отвор. Впечатливи се и симболите кои градителот ги вдлабнал во два камени блока од северниот ѕид. Првиот симбол претставува змија и се наоѓа на левиот аголна ѕидот во горниот дел. Вториот симбол е една птица, а таа се наоѓа во десниот агол на ѕидот во долниот дел. Што се однесува до подот на храмот, тој е изведен од мермерни плочи на подлога од набиена земја со декоративно поставување во вид на шара во средишниот дел. Подот на хорската галерија е изведен со широки дебели штици заковани директно за градите од меѓукатната конструкција. Првичната покривна конструкција на храмот била изведена со камени плочи (носени од Брзовец) поставени на подлога од кал и оплата од штици. Во поново време кровот беше заменет со салонитни табли, но и тие се отстранети и на нивно место е поставен пластифициран ребрест лим. Во состав на храмот “Свети Петар и Павле” се наоѓа и камбанерија. Построена е на јужната страна блиску до влезот што води кон хорската галерија. Обликувањето на кровниот покривач на камбанеријата е изведено со оловни плочи, што одговара на шпицестата закривеност на самиот облик на кровот. Двориштето на храмот е заградено со камена ограда висока околу 2 метра, а покрај камбанaријата изградена е и камена чешма. (Најголемиот дел од записите се дело на Љупчо Филиповски и Владимир Бошковски и претставуваат дел од каталогот “Православен храм Свети Апостоли Петар и Павле”, село Тресонче, во издание на Музеј на Град Скопје, јуни-јули 1995 година, н.з.). |