|
||||
Обичаи за измолување дожд од кумановскиот крај |
За да се обезбеди доволно дожд преку годината, односно летните месеци – во Куманово главно се изведуваат два обичаја. Едниот наречен додоле се изведува секоја година во еден од летните месеци, а другиот – богомолство – само во годините на најголема суша и тогаш зема учество скоро сето население од градот. Посебни пак обичаи се застапени кога се пресретнуваат градоносните обичаи, што се наднесуваат над градот и се закануваат да нанесат големи штети по полето. Тогаш се изведуваат обичаи што се, всушност, магиски постапки, преку кои се одвратуваат, односно растеруваат облаците и се спречува паѓањето на град. Д о д о л к и (додоларке) - Секоја година, обично околу Великите пости одат по куќите додолки (или додоларке, како што ги вика уште месното население), кои што молат Бога да заврне дожд односно да го има доволно преку годината. Како додолки одат две Циганки кои се најчесто мајка и ќерка. Едната од нив мајката носи котле со вода, кое, кога влегува во некоја куќа го остава покрај себе и започнува да пее, удирајќи истовремено во дајре, а другата – ќерката е додолката, мало девојче, кое тогаш започнува да игра. Додолката е накитена со зеленило. На главата има венче, исплетено од врба и трева (најчесто „лепешка“), а околу половината појас од базје (бузињак) и штавел (штавињак). Во рацете држи исто така базје или штавел кои повремено ги натопува со вода од котлето и играјќи прска по дворовите, куќите, насобраните луѓе и сл. На додолката и` се пее познатата песна: Додолица Бога моли: - Ој Додоле, мили Боже, Во секоја куќа додолката ја посипуваат со вода, а потоа и даваат разни подароци, било во пари или во натура. Така додолките ги обиколуваат по неколку дена скоро сите куќи во градот. Б о г о м о л с т в о – Во годините кога долго време преку летните месеци не заврнува „ни капка д’ж“, т.е. кога настануваат сушни денови, се собира народот од градот и се договараат да изберат ден кога ќе се оди на богомолство. Обично неколцина од нив го одредуваат денот и сетне за тоа ги известуваат и другите. За богомолство се избира делник, и тоа најчесто понеделник или среда. На тој ден не се работи, туку се држи како празник, зашто тогаш целиот град „ќе се моли на Бога да заврне д’ж“. Некои порано дури и постеле по два до три дена до закажаниот ден. Во одредениот ден се собираат мажи, жени кои поведуваат и деца и одат в црква. На децата „кастелен не им давав леп“, но така гладни ги воделе во поворката да плачат и барат леб – „да се смили Господ на деца“. Во црква се одржува нарочна служба – закон за д’ж, а потоа сите излегуваат во црквениот двор. Пред народот излегуваат поповите, а од црквата изнесуваат крстови, црквени бајраци, шандани, икони и сл., и сета поворка (литија) излегува надвор од градот и оди по полето односно по околните ниви, лозја и сл. На поедини места поворката подзапира, народот клекнува на колена (мужи сви гологлави, т.е. ги симнуваат капите), а поповите отпочнуваат со читање на Евангелието. Таму, на нивите, се свети масло (донесено во филџан или винска чаша) и се крсти вода, носена во котле, во кое се става и зелен босилок. По молитвата, народот станува и заедно со поповите продолжуваат да одат по полето, истовремено попрскувајќи ги нивите со крст и босилок, од крстената вода. Народот одејќи пее: Земја зажужела, За сето време на „богомолство“ во градот бијат камбаните. Откако ќе обиколат неколку места по полето, се враќаат во црквата, ги оставаат крстовите, бајраците, иконите и др. А кој сака зема од крстената вода и сетне со неа ги попрскува своите ниви, бочви, лозја и сл. Потоа народот се разотидува по домовите. Во сушните денови и децата често пееле по улиците: Дај ни Боже, д’ж Од Кумановско, од записите на Велимир Николов. Објавено во „Гласник на Етнолошкиот музеј“, 1, Скопје 1960 г. Марко Китевски |