|
||||
Туѓо пусто се пустоши |
На 15 километри југоисточно од Прилеп, во западниот дел од подножјето на Веселец, лежи селото Марул. Атарот на селото во месноста Ушите се дели на два дела - прилепски и битолски дел од Пелагонија. Селото гледа кон битолска Пелагонија. Населбата е многу стара. Името го добила од каменарот Марун, кој пелтечел и не можел правилно да си го изговари името. Наместо Марун изговарал Марул. Така со подбив и шега населбата го добила денешното име Марул. Со времето и делбата на неговите потомства, се основале осум нови населби кои со старата станале девет и со заедничко име Марули. Сите нови населби се основани на повисоки гргулести места, покрај брегот на пелагониското езеро. Населбите, на кои и ден денес има остатоци од глинени садови, од бардиња, стомни, грнци, се Марул, Смрдла, Грамадска тумба, Долговрбче, Чуките, Леќиште, Пустомагаре, Црквиште. Марулчанката Магда Дашоска како дете со нејзината мајка одела на гробишта во Црквиште. Со појавата на болеста чума многу луѓе умирале од страв и населбите биле напуштени. Жителите се вратиле во старата населба. Селаните, во одбрана од чумата, го заорале селото со два вола. Исправиле и закопале три камења околу, викани цуцулци, да ја плашат чумата. Тие стојат таму и ден денес и сведочат за тоа време. Во близината има гробишта со жртви на чумата. Во местото Венците, марулци направиле куќарка од камен. Внатре поставиле јадења, пиења и венци плетени од разни цвеќиња, бидејќи мислеле дека чумата живее во камењето. Кога тргнувала за Марул застанувала во куќарката и уживала во убавината. Штом ќе пропееле првите петли, силата на болеста се губела и се враќала назад да лежи во млаките бонечки. Со итроштина, марулци не дозволувале чумата да пустоши. Местото Венците и ден денес го носи името, а стојат и урнатините од куќарката со растурени камења. Марулскиот синор е околу 15 км2. Од шумските растенија доминира дабот. Затоа има повеќе места со име Дабот. Растат големи стебла на ридот. Има и липа, нешто бреза, викана по марулски дива јасика, па и дабова шума. Низ реките виреат јасики, тополи. Овоштарници со сливи, јаболка, круши се распространети на северо - западниот дел. Од тревата, доминира садината. Низ полето има над 60 кладенчиња за пиење вода, а за добитокот има доволно во марулските реки и долови. Пролетно време за наводнување на ливадите, градините и расадите за тутунот, селото располага со 15 бразди вода од марулските реки. Од житните култури се одгледуваат 'ржта, јачменот и пченицата од старото бело семе. На пазарите во Прилеп и Битола од вреќа стокилница, марулската пченица тежела 120 кг. и ја нарекле марулски ориз. Од летните култури, тутунот е прочуен по квалитет. Селото е познато и по вкусниот бостан. Селото потпаднало под турска власт. Целата земја ја имале десет бегови со кули. По беговите во 1912 година, дошле Србите како ослободители и го забраниле нашиот говор. Дошле вторите ослободители. Тие поинаку го смислија јазикот, литературен и државен. Селото дало шест војници за Хуриетот во 1908 година. Дало војници во Првата Светска Војна и за Србите и за Бугарите. Осум војници загинале на фронтовите на двете страни и четворица се пуштени на домашно лекување. Урлале дома од раните по фронтовите. Во Втората Светска Војна излегоа 23 партизани. Марулскиот одбор во заднината четири дена ја снабдуваше со храна втората партизанска бригада. Марулските бегови по балканските војни ја продадоа земјата на селаните, а утрината останала заедничка, по турски, ваковска. Селото останало чисто христијанско со сите управни тела. Одборник, протуѓер, клисар, полјак, говедар, овчар итн. Жителите располагале со 1500 овци, неколку стотини грла крупна стока, коњи, магариња. Секое домаќинство имало по еден ѕевгар волови. Прадедовците Риза и Стојче на бизнисменот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, имале пет ѕевгари волови, еден ѕевгар биволи, запрежна коњска кола и неколку товани магариња. Во 1925 година го купиле првиот железен плуг. Дотогаш се орало со дрвено рало. Марулци се гордеат и со прочуениот борач Милан Василоски Борачо (1911 - 1978). По ослободувањето се отвори првото училиште на мајчин македонски јазик. Наставата ја изведувале учителките Ванка од Битола и Менка Квачкоска од Прилеп. Училиштето се изгради во 1947/48 година. Народот беше задоволен, оти доби своја држава. Се правеа многу свадби и крштевки. Есента во 1949 година селото е присилено да се колективизира. Точно 38 куќи влегоа во колективот, само две останаа. Селото внесе 1.000 овци, а кога се трансформира во 1953 година останаа само 250, кои ги поделија според бројот на домаќинства. Останатите овци, млекото, волната и машките јагниња ги јадеше државата неплатено. Народот како да се ослободи од колективна стега и почна со нов живот. Во 1954 година се родија 21 дете на 45 домаќинства. Но, го зафати и нов бран незадоволство. Властите соопштија основање на лозарска задруга. Одзедоа 300 хектари ниви, токму за жито. Селото остана со земја на северозападната страна во ридестиот дел, која за неполни 20 години ја однесоа поројните води. Доловите пораснаа за 1,5м. Се нарига песок, а водата ја снема. Селото се намножи и веќе во шеесеттите години на минатиот век некои семејства почнаа да го напуштаат и да се селат во Прилеп. Полето го оставија накитено со разни дрва по меѓите кои служеа за сенки за аргатите. Во 1980 година останаа само 20 отсто од жителите, а денес има само неколку фамилии. Некои семејства лете доаѓаат од градот да се занимаваат со земјоделство по нивните имоти. Најлошото е во тоа што селски и градски фамилии купиле моторни пили. Со нив пустошат низ марулското поле. Безмилосната сеча зеде таков замав што не штедат и не гледаат приватна или државна сермија. Натрупале десетици кубици дрва по дворовите. Сечачите се истите што ги собраа камењата, белутраци од туѓите меѓи по ниви и лозја за да ги продаваат за пари. Тие ги собраа камените копанки од бунарите и дворовите да ги продаваат за ситни пари. Се уништи и отиде во неврат и во странство мајсторијата и културата на марулските прадедовци. Властите, за жал, не се обидуваат да го спречат тоа. Затоа, апелирам до шумските власти и другите инспекции, да ја земат работата во свои раце и да ја спасат природата и културата од злосторниците. Ова злосторство со шумата да се спречи и уништувачите да се откријат и казнат. Се разбира да им се одземе пленот и алатот со кој го правеле арамилакот, како моторните пили, тракторите. Во комунизмот имаше едно мајтапчиско мото, “Нишај врата - земај плата”. Изгледа дека ваквиот стил се одржува и денес, небаре Македонија е Тунгузија. Томе Велјановски - Марулецот |