|
||||
Патријарх Кирил: Татковината e голема светиња |
16 мај 2015 лето Господово На 16 мај 2015 год., Светејшиот Патријарх Московски и на цела Русија Кирил отслужи Литургија во храмот на Руските Новомаченици и исповедници на Бутовско поле. По завршувањето на богослужбата Претстојателот на Руската Црква им се обрати на верните со проповед. Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенства! Достојнопочитуван отец игумен, драги отци, браќа и сестри! Отец Кирил тукушто кажа сосема вистински зборови за тоа, дека новомачениците и исповедниците се заштитници на Татковината. Кога во Големата ослободителна војна за татковината гинеле и војници и цивилно население, тие го давале својот живот не само за земјата, за водата, за воздухот, за дрвјата. И не за фабриките и мостовите ги дале тие своите животи, бидејќи фабриките и мостовите со леснотија биле уривани и од страна на нашите партизани, и од нашите војски при повлекување, кога било потребно да се спречи ефикасното дејствување на непријателот. Што е тогаш Татковината? Татковината ја сфаќале како некоја голема светиња па поради тоа биле спремни и да го дадат животот за неа. Татковината ја восприемале, најпрвин како место пронижано со споменот за роднините и предците, кои ја населувале низ вековите, и второ, како место каде се создавала нацијата, а поточно и до толку подобро, како нешто што му е својствено на овој народ, на полошото да не му се поклони и за полошото да не го даде животот. Животот се дава за доброто. А најдобро било тоа што живеело во срцата на заштитниците на нашата земја, дури и кај оние што не држеле во рацете оружје, туку на свој начин придонесувале за победата, знаејќи дека токму на ова место, и покрај големите тешкотии, гонења на Црквата и репресии, постои нешто возвишено и свето. Во срцата и умовите на луѓето имало некаква доминантна одредница, поради која тие биле спремни и животот свој да го дадат. И бидејќи таа одредница не може да се допре, таа значи му припаѓа не на материјалниот свет, туку на духовниот. Во контекст на современиот јазик ние често се обидуваме да го опишеме овој феномен како некаков систем на вредности. Овие зборови се секако недоволни, бидејќи за некаков вештачки систем на вредности никој не би го положил својот живот. Го полагале, сепак, за таа невидлива, недопирлива духовна сила, за духовната срцевина на човечкиот живот, кога при изговарањето на зборот „Татковина“, на луѓето им течеле солзи од очите, при сите сфаќања и за она што во животот на Татковината е толку тешко, па дури и безобразно. Во таа смисла, подвигот на оние кои загинале во војната за одбрана на Татковината, и подвигот на оние кои во мирно време загинаа за истата таа духовна срцевина на животот на нашиот народ, се слеваат во едно. Тоа е еден заеднички подвиг, и можеби без едниот не би постоел ни другиот. Ако новомачениците и исповедниците се откажеа од својата вера, од Христа, од Црквата, ако тие застанеа во редот на хулителите, тогаш можеби кај народот не ќе имаше доволно духовна сила за да му се спротивстави на непријателот. Затоа од религиозна гледна точка, животот посветен за Татковината, за самата таа духовна срцевина, и подвигот на новомачениците се соединува во една велика жртва, принесена кон Бога за спасение на нашата Татковина. Во денешното Евангелие има зборови кои невоцрковениот човек тука, во Бутово, тешко ќе ги разбере: „Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене, и Јас ќе им дадам живот вечен, и никогаш нема да загинат“ (Јован 10, 27 - 28). Скептиците, гледајќи ги страшните масовни гробници, можат да речат: „Како тоа? Тргнаа овците кон гласот, а живот нема, погинаа...“ Оваа трагедија на човечката смрт, каде и да се случи, од гледна точка на здравиот разум не би можела да се сфати, надвор од Пасхалната вест. Господ вели дека никој од оние на кои им е даден вечниот живот, ниедна од овците кои го слушаат гласот Негов и одат по Него, нема да загине никогаш. Тоа значи дека смрт не постои. Тоа значи дека секој што оди по Бога стекнува бесмртност. Не замислена бесмртност, изразена во поетските категории на обезбожените мисли, туку реална бесмртност, реален вечен живот. Тој дејствително постои, и секој што го слуша гласот и оди по Пастирот и Спасителот го стекнува тој вечен живот. Во спротивно би биле апсолутно несфатливи и милионите жртви на нашиот народ во Великата Војна, и илјадниците невини православни христијански жртви, кои застанаа во заштита на верата во осквернавената Татковина. Сето тоа би било невозможно да се опфати со разумот. Ако од нашиот живот се исклучи Пасхалното мерило, тогаш сè губи смисла, бидејќи е подложено на исмевање и распаѓање. Но бесмртноста, која Христос ни ја дава преку Неговото воскресение, апсолутно го менува координатниот систем, апсолутно го менува системот на животни одредници. Човекот живее вечно само тогаш кога оди по Бога. А што е со луѓето кои не Го следат Бога, кои не живеат според Неговиот закон, кои прават зло? Што со тие стотици мачители и џелати, кои овде убивале потполно невини луѓе? Што со оние кои ги потпишувале страшните списоци за масовно стрелање? Што со оние кои, започнувајќи војна против нашата Татковина, уништиле толку милиони и милиони животи? И тие ли се бесмртни?! Не! Тоа што ги чека после смртта, не може да се нарече живот. Страшната вечна мака – тоа не е живот. Нема живот, таму после гробот, за оние кои го погазиле Божјиот закон, кои свесно се борат против него, кои соблазнуваат луѓе, кои се обидуваат да поведат со себе милиони за да ги погубат и во овој живот и во животот на идниот век. Пасхалното евангелие прочитано во гробницата на новомачениците и исповедниците ни помага да ја сфатиме смислата на прекрасните зборови на Спасителот, за тоа дека секој што оди по Него и го слуша гласот Негов го наследува вечниот живот. И нека даде Бог сите ние, не според нашите заслуги, туку по милоста Божја и по верата наша, да се удостоиме за тој вечен живот, заедно со оние кои пострадале за правдата, кои пострадале за Татковината, кои животот свој го положиле за ближниот. Амин. www.bigorski.org.mk |