|
||||
За читањето на Светото Писмо |
Знај: Божественото Писмо, кога неправилно се сфаќа и толкува, може да ја погуби душата. Тоа го рекол свети апостол Петар за Посланијата на свети апостол Павле, проширувајќи ја таа констатација и на другите книги од Светото Писмо (2. Пет. 3: 16), што посебно треба да се однесува на Стариот Завет, кој е полн со праслики и сенки. Треба внимателно да се однесуваме со мечот со две острици – со Светото Писмо. Светите Отци на монасите почетници им советуваат повеќе да се занимаваат со читање на дејствените отечки книги, во кои детално се објаснети монашките подвизи и е покажан патот на правилно разбирање на Светото Писмо, отколку со читање на самото Свето Писмо. И ти следи го тој свет и спасоносен совет на Отците. Кон Светото Писмо однесувај се побожно, како што му доликува на вистинскиот син на вистинската Црква; имај ја потребната доверба и почит кон отечките дела. Истиот оној Дух Божји, Кој делувал кај пророците и апостолите, делувал и кај светите учители и пастири на Црквата; сведок на тој догмат е светиот апостол: „И едни од вас Бог постави – вели тој – во Црквата прво апостоли, второ пророци, трето учители“ (1. Кор. 12: 28). Во согласност со зборовите на апостолот, зборовите на Светото Писмо и упатсвото на Црквата, прво место во вашата благочестива литература треба да заземаат делата на апостолите. Меѓу делата на апостолите, прво место зазема Евангелието. За правилно да го сфатите Новиот Завет, читајте ги светите учители на Црквата, читајте го и Псалтирот, и другите книги од Стариот Завет. Исчистете се себеси со евангелските заповеди и со благочестиви подвизи. Во зависност од чистотата на душата, на неа ѝ се јавува Бог и ѝ се открива Словото Божјо, за телесните очи прекриено со непроѕирна завеса на човечки зборови. Читањето на Откровението приведува кон страв Божји; воздржете се од толкување на таа таинствена книга… Никако не си дозволувајте, Евангелието и другите свештени книги да ги читате површно и бргу: Читајте ги без брзање и со внимание. За време на читањето внимавајте на умереноста. Умереноста ја поттикнува постојаната желба за читање, додека презаситеноста од читање доведува до одбивност кон него. |