Среда, 30 Септември 2015    PDF Печати Е-пошта
Охридската Архиепископија (4 дел)

ivan-zdravevski-180
Иван Здравески

Кон средината на XVI век, Охридската Архиепископија ја изгубила вериската епархија, но затоа пак кон почетокот на XVII век ја добила од Константинополската Патријаршија драчката епархија. Оттогаш па сè до нејзиното укинување во 1767г., Охридската Архиепископија ниту изгубила, ниту стекнала некоја епархија под своја јурисдикција.

Скоро во целиот период на турското владение, Охридската Архиепископија се наоѓала во многу тешка финансиска положба. Разните даноци што ги наметнувала турската власт биле енормно големи. Неможејќи да ги исплатат, охридските Архиепископи биле принудени да одат во Русија и да бараат помош од рускиот цар. На многу пати рускиот цар им помогнал материјално, како на самите Архиепископи, така и на нему потчинетите Митрополити од Охридската Архиепископија. Освен пари, помошта се состоела и во богослужбени одежди, богослужбени предмети и книги. Но, некои од Архиепископите не се задоволувале само со еднократната помош. Сметајќи ги Русите за браќа по вера, се обидувале да ги потсетат руските цареви на должноста која ја имаат Русите, не само материјално да ги помагаат Христијаните кои се поробени под Турците, туку да им помогнат и во ослободувањето од ропството. Така, охридскиот Архиепископ Дионисиј (се споменува во 1652год.) бил упорен и седел во Москва цели 10 месеци и 5 дена, за да добие одредени ветувања и привилегии од царот. Тој инсистирал пред царот при давањето на помош да биде третиран како Архиепископ кој е надреден над 17 Митрополити и Епископи, а не само како еден епархиски Епископ. За упорноста бил награден со грамота снабдена со сребрен печат со која што имал право да оди во Москва на секоја петта година, за да бара милостина. Покрај самите Архиепископи и некои Епископи, заради просење милостина во Русија оделе и многу игумени и монаси кои биле под јурисдикција на Охридската Архиепископија, бидејќи од таа помош гледале надеж за зачувување на манастирите.

Кон крајот на XVI и во XVII век некои од Охридските Архиепископи, како и некои од епархиските Епископи, оделе во западните држави, па дури и кај Папата, за да просат милостина. Повеќе од сигурно е дека нивното барање прием кај Папата не било од нивното убедување и симпатии кон римокатоличката вера, туку поради материјалниот безизлез во кој се наоѓале. Тоа се гледа и од фактот што никогаш не стапиле во унија со римскиот Папа, иако на тоа биле условувани. Покрај материјална помош, тие барале од владетелите на западите држави, особено од шпанскиот крал, во кого имале голема доверба, да им помогнат со војска и со оружје да дигнат востание против Турците и да ги истераат од Европа. Во тие обиди се среќавале со големото лицемерие од страна на владетелите на западните држави, како и од Папата.

Добивањето на црковни чинови и служби со поткуп на турските власти, било еден од најголемите проблеми да се одржи поредокот, не само во Охридската Архиепископија, туку и во Константинополската Патријаршија, но исто така и во другите помесни Цркви чии територии биле под управа на Османлиската Империја. Имало чести сменувања на охридските Архиепископи, како што често се менувале и константинополските Патријарси, но и епархиските Архијереи што биле под нив. Понекогаш Турците успевале да направат некаква суревнивост помеѓу константинополските Патријарси и охридските Архиепископи од чии расправии и кавги имала полза само турската власт. Генерално може да се рече дека до пред педесетина години, пред укинувањето на Архиепископијата, односите помеѓу двете Цркви биле прилично добри. Вистина, се случувало некои од константинополските Патријарси да сакаат да ја прошират својата власт и над канонското подрачје на Охридската Архиепископија, но тоа било ретко и инцидентно. Исто така, познато е дека и охридските Архиепископи учествувале и имале влијанија во симнувањето и поставувањето на некои константинополски Патријарси. На пример, Архиепископот охридски Пајсиј (се споменува во 1565год.) претседавал со Синодот во Константинопол во 1565г. кога бил симнат Патријархот Јоасаф (1556-1565). Во Синодот учествувале и тројца Епископи од Охридската Архиепископија.

Не треба да се заборави дека комуникацијата и блиските односи помеѓу двете Цркви биле можни затоа што во Охридската Архиепископија, и покрај постоењето на едно крило Епископи т.н. автохтонисти (Словени, Власи, Албанци), богослужбениот и административниот јазик во сите епархии (исто како и во претходните историски епохи од формирањето на Архиепископијата), останал да биде грчкиот. Повеќето од Архиепископите, но и од епархиските Епископи, по потекло биле Грци. Само по некој Словен, Албанец или Влав успевал да се искачи до архиепископскиот трон, или до тронот на некоја од Епископиите. Од овие гореприложени факти, за секој непристрасен истражувач станува јасно дека суревнивоста, а понекогаш и нетрпеливоста, која се пројавувала помеѓу константинополските Патријарси и охридските Архиепископи, не била предизвикана од етнофилетистички побуди, туку од личните аспирации за превласт, или заради изнаоѓање решенија во тешката финансиска ситуација во која за време на турското ропство се нашле и двете Цркви. Факт е дека неколку децении пред укинувањето на Архиепископијата се појавиле, условно речено, две партии помеѓу Епископите во Синодот на Охридската Архиепископија. Едните биле фанариотисти, кои претендирале кон сè потесни врски со Патријаршијата и сакале да ја намалат автокефалноста на охридските Архиепископи, а другите биле т.н. автохтонисти, кои пак сакале да се ојача влијанието на охридскиот трон. Но, тоа никако не може да се толкува дека било од етнофилетистички мотиви, бидејќи Црквата во тој период сè уште го нема тој проблем на етнофилетизмот кој се јавува дури два века подоцна. Сè до XIX век, во Православната Црква нема црковни делби предизвикани од националистички побуди.

Поделбите на фанариотисти и автохтонисти, кои се јавиле помеѓу епархиските Αрхијереи на Охридската Архиепископија и многу тешката финансиска состојба во која подолго време се наоѓала Архиепископијата, допринеле во 1767г. да дојде до укинување на Охридската Архиепископија. Султанот со своерачно потпишан хатишериф ги присоединил сите епархии на Охридската Архиепископија кон Константинополската Патријаршија, а последниот охридски Архиепископ Арсениј (1763-1767) бил принуден да поднесе оставка пред константинополскиот Патријарх Самуил (1763-1768). Долговите што ги имала Охридската Архиепископија кон турските власти ги презела Константинополската Патријаршија. Константинополската Патријаршија една година пред тоа ги презела долговите на Пеќската Патријаршија, откако таа на ист начин како и Охридската била укината, а нејзините епархии се присоединиле кон константинополскиот патријаршиски трон.

Кон 1530г. Охридската Архиепископија имала 32 епархии без Архиепископијата. Од нив 12 биле во Македонија: гревенската, костурската, струмичката, мегленската, битолската, кичевската, дебарската, полошката, скопската, кратовската (морзовиската), ќустендилската и најверојатно и преспанската; потоа 5 во Албанија: корчанската, авлонската, бератската, спатската и музакиската; 14 во српските земји: призренската, новобрдската, будимљанската, новопазарската, пеќската, цетинската, херцеговската, босанската, зворничката, студеничката, белградската, смедеревската, белоцрквенската и унгарската, а во моравско била нишката. По 1530г. Охридската Архиепископија се зголемила уште со две епархии: веријската и италијанската. Во XVI век, Охридската Архиепископија ја изгубила јурисдикцијата над Митрополиите: софиска, видинска и молдавска - кои биле во нејзиниот состав во XV век. Со формирањето на Пеќската Патријаршија, ја изгубила јурисдикцијата и на многу територии во нејзиниот северен дел.

Во периодот на туркократијата, образованието на клирот од Охридската Архиепископија не било на потребното ниво. Тоа е секако последица што во тој период повеќето од териториите на кои биле распространети православните Христијани биле под турско ропство. Не само во Охридската Архиепископија, туку и во другите помесни Цркви, недостасувале училишта и учители по богословските науки. Во поголемиот дел од овој период, административен и службен јазик во Охридската Архиепископија бил грчкиот. Само во време на мал број Архиепископи, словенскиот јазик успевал да влезе во административна и службена употреба, но единствено паралелно со грчкиот јазик кој сè до укинувањето на Архиепископијата никогаш не бил истиснат од административна и богослужбена употреба. Доказ за тоа се многубројните издадени служби на локалните светители на Охридската Архиепископија, кои претежно се на грчки јазик. На пример службите на: Седмочислениците, св. Климент Охридски, св. Наум Охридски, Светите 15 Тивериополски маченици, св. Јован Владимир и др.

ЦАРИГРАДСКА ТАЈНА СТАРА 143 ГОДИНИ.

Според истражувањето на Гаврил Крстовиќ, српски истражувач во Цариград од 1869 година, кој имал на располагање голем број документи од архивата на Вселенската патријаршија, но и од архивата на Турската Империја, во врска со укинувањето на Охридската архиепископија, барањето на Вселенската патријаршија за укинувањето на архиепископијата е базирано врз лажни обвинувања и фалсификувани документи

атријархот Самуил заедно со синодот на Цариградската патријаршија фалсификувал документи со кои укинување на Охридската патријаршија наводно барал самиот Арсениј, архиепископ на Охридската архиепископија, заедно со епископите и со верниците. Според таквото фалсификувано барање, главна причина за укинување на Охридската архиепископија е нејзиниот финансиски крах, но и на сите епархии со кои управувала. Но вистинската причина за укинување на Охридската архиепископија е желбата патријаршијата во Цариград, односно Грците да ги приграбат за себе сите 31 епархија со кои раководела Охридската архиепископија.

Според истражувањето на Гаврил Крстовиќ од 1869 година, кој имал на располагање голем број документи од архивата на Вселенската патријаршија, но и од архивата на Турската Империја во врска со укинувањето на Охридската архиепископија, барањето на Вселенската патријаршија за укинувањето на архиепископијата е базирано врз лажни обвинувања и фалсификувани документи.

ШЕСТ ЕПИСКОПИ-ПРЕДАВНИЦИ

Вселенскиот патријарх Самуил и Светиот синод на Вселенската патријаршија со смислена игра за наводни финансиски проблеми на Архиепископијата во Охрид успеал да издејствува од султанот Мустафа Трети, син на султанот Ахмед Трети, одлука со која се укинува Охридската архиепископија, а целокупниот имот, заедно со верниците, во пакет, се префрла во надлежност на Вселенската патријаршија со седиште во Цариград. Во документите до кои дошол Крстовиќ, меѓу другото, стои дека Вселенската патријаршија меѓу причините за укинувањето на Охридската архиепископија, освен катастрофалната финансиска состојба и молбата на шест епископи на Охридската архиепископија, по народност Грци, кои молат да се припојат кон Цариградската патријаршија, затоа што албанските качаци ги уништиле епархиите со пљачкање, убиства и палежи, како важна причина ги наведува и честите, речиси постојани промени на архиепископот, кои тие ги нарекуваат несреќни и недостојни. Ваквото тврдење на патријархот Самуил Ханџера упатено до Портата воопшто не е точно, зашто пред Арсениј, последниот охридски архиепископ, не станува збор за чести промени на престолот. Имено, само двајца архиепископи владееле кратко, а тоа се Јеремија, кој починал брзо по назначувањето, и Ананија, кој бил сменет затоа што сосила седнал на архиепископскиот трон во Охрид. Во истиот документ на патријаршијата, кој наводно бил упатен до султанот, а со кој се бара укинувањето на Охридската архиепископија, може да се види дека укинувањето на архиепископијата наводно го бараат сите епископи и сите христијани од Македонија. Но дали овој документ, односно дали ваков документ стигнал до султанот?

Според истражувањето на Крстовиќ, кој особено бил заинтересиран за укинувањето на Пеќската патријаршија, но истовремено ги анализирал и документите поврзани со укинувањето на Охридската архиепископија, во архивата на Високата порта, нема никаков документ со кој наводно епископите и верниците-христијани од Македонија поднеле некакво барање за укинување на Охридската архиепископија до султанот. Постои некаков запис во еден царски берат со кој се нотира барањето за укинување на Охридската архиепископија и нејзино припојување на Цариградската патријаршија од страна на патријаршијата и синодот, кои всушност молат да се нареди да се запише во документите на портата припојувањето на Охридската архиепископија кон патријаршијата, со забрана Охридската архиепископија некогаш да побара отцепување од патријаршијата.

Значи, записникот од архивата на портата само потврдува дека укинувањето на Охридската архиепископија не е барање на архиепископот, народот и свештенството во Македонија, туку намера и желба на патријаршијата. Имено, укинувањето е одобрено по барање и предлог, односно по молба од страна од вселенскиот патријарх и синодот на патријаршијата во Цариград.

ГОРКИ ЗБОРОВИ

Според овие сознанија, укинувањето на Охридската архиепископија е дело на патријархот Самуил и синодот на грчката патријаршија во Цариград, а приказната дека тоа се прави по барање на свештенството и народот е чиста лага. Значи, нема никакво барање од народот за укинување на архиепископијата и нејзино припојување на патријаршијата, а нема никаква молба ниту од архиепископот Арсениј, туку само негова оставка, која е поднесена под притисок на шесте Грци, митрополити на Охридската архиепископија, кои во дослух со патријархот Самуил ја имаат замислено, испланирано и реализирано комплетната стратегија и акција околу укинувањето на Охридската архиепископија.

Самиот чин на укинување на архиепископијата пред султанот се правда со некаква грижа, односно желба да им се помогне на верниците што молат да се спасат од пропаста во која е пропадната Охридската архиепископија. Основната цел на проектот за укинување на Охридската архиепископија всушност е уништување на националната свест кај народот, која засилено почнува да се пројавува под патронат на Охридската архиепископија. Дополнителен мотив за таквиот проект на Самуил е можноста да се соберат дополнително пари за патријаршијата, која до гуша е во големи долгови кон Високата порта, кои мора да се платат.

Од друга страна, дека архиепископот Арсениј ниту некогаш напишал молба за укинување на Охридската архиепископија, ниту пак некогаш се согласил со такво нешто, сведочи и настанот што се случил за време на неговото заточение во манастирот „Зограф“ на Света Гора. Имено, неколку години подоцна, токму поради финансискиот крах на патријаршијата и големите злоупотреби на средства од патријаршиската каса, на Света Гора привремено бил заточен и самиот Самуил, патријархот што го испрати на заточение Арсениј, последниот охридски архиепископ. Според запис на отецот Нестор, но и според сведоштвата на монасите во манастирот „Зограф“, еден ден Арсениј и Самуил случајно се сретнале во дворот на манастирот, па сите имале можност да видат како Арсениј со горки зборови го прекорувал и проколнувал Самуил за укинувањето на Охридската архиепископија. Притоа треба да се знае дека Самуил е Грк, а Арсениј е Македонец од семејството Беласчеви од Охрид.

ПРЕКРАСНИ ЕПАРХИИ

Според османлиските документи со кои може документирано да се реконструира вистината за укинувањето на Охридската архиепископија, недвосмислено е дека Самуил, патријархот на Цариградската патријаршија, во време на укинувањето на Охридската архиепископија, употребил само лаги и клевети, тврдејќи дури и тоа дека автономијата на Охридската архиепископија, со нејзините словенски архиепископи, постојано се бори за политичко отцепување од портата. Освен тоа, според Грците, во патријаршијата во Цариград, архиепископијата била во големи долгови, но и во постојани кавги меѓу епископите што наводно крваво се бореле за тронот, а останувале многу кратко на него, и ништо не се менувало во раководењето.

Заедно со сите тие лаги, Самуил обезбедил и поткрепа од шест митрополити од 31, колку што во тоа време имала Охридската архиепископија, да го поддржат во лагите за пропаста на архиепископијата и опасноста од нејзината автономија. Сето тоа, заедно со лажното барање на верниците, го искористил за да ја убеди Високата порта да ја укине Охридската архиепископија, да го укине тронот на самостојната Македонска црква, односно да ја припои на Цариградската патријаршија. Самиот чин на укинување на Охридската архиепископија е противзаконска и антиканонска постапка во чија основа лежат користољубието, властољубието и омразата на патријаршијата, која, како што вели Георги Беласчев, праправнук на архиепископот Арсениј, преку Гркот Самуил по секоја цена сакала да ги потчини под нејзина управа „прекрасните епархии на Македонија“.

ferman-faksimil
Факсимил на ферманот од 1758 година, девет години пред укинувањето на Охридската архиепископија со кој султанот забранува да се врши притисок врз Архиепископијата поради претходните долгови, со што се обидел да ја спаси од укинување.

ФЕРМАН ЗА УКИНУВАЊЕ НЕМА

За да се увери дека не постои никаков документ со кој самата Охридска архиепископија наводно бара припојување кон Цариградската патријаршија, во 1867 година, значи сто години по укинувањето на Охридската архиепископија, Гаврил Крстовиќ писмено се обраќа до Високата порта во Цариград со молба да му се издаде препис од Високата заповед со која се укинува Охридската архиепископија. Потоа запишал: „Откако беше примена нашата молба, веднаш бил побаран таков документ во архивата, но одговорот што стигна беше дека висока заповед или ферман за укинување на Архиепископијата во Охрид нема. Постои само краток запис на крајот од еден лист на записник со молба од патријархот Самуил за укинување на Охридската архиепископија. Освен препис од тој записник добивме и препис од берат со кој се поставува првиот митрополит на Цариградската патријаршија во Охрид по укинувањето на Охридската архиепископија. Станува збор за митрополитот Григориј Драченски. Со двата документи само се потврдува дека укинувањето на Охридската архиепископија е направено по барање на Цариградската патријаршија, со молба и мазар на Цариградскиот патријарх и Светиот синод“.

Продолжува

 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.