На надморска височина од 1005 метри, на југоисточната страна на Скопска Црна Гора во живописниот предел исполнет со зеленило и духовна тишина се наоѓа прочуениот манастир посветен на Успението на Света Богородица во кумановското село Матејче. За да стигнете до овој манастирски комплекс потребно ви е добро теренско возило или ако одите со обичен автомобил тогаш потребно е да возите со помала брзина и да внимавате затоа што патот не е асвалтиран а се вози некаде околу 13 километри додека стигнете до него од Куманово. За да ги почувствувате убавините на ова духовно светилиште потребно е да отидете на лице место и да ја видите црквата која со својата градба плени во просторот. Манастирската црква е изградена во 1300 година од страна на цар Душан подигнувајќи ја на стари темели на постарата црква посветена на Света Богородица Црногорска. По смртта на цар Душан, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале црквата. Фрескоживописот на црквата датира од крајот на 14-от век а тогаш се изградени и конаците кои се од камен но во поново време истите се реновирани и се пренаменети како детско одморалиште. Според некои записи стои дека во Втората светска војна во олтарот на црквата имало капеличка која потекнувала од 12-ти век. Црквата е рестраврирана во повеќе наврати во 1934, 1953 и 1960 година по еден подолг временски период кога била под урнатини. Од манастирскиот комплекс како на дланка се гледа целото кумановско поле но за жал денес во оваа црква ретко доаѓаат верници освен на големиот верски празник, мала Богородица. По воениот конфликт во 2001 година овој манастирски комплекс има 24 часовна полициска придружба која е во мешан етнички состав и која работи во мизерни услови како за живот така и за професионалното извршување на своите должности. Во манастирскиот комплекс нема струја, разурнати се конаците и слободно може да се каже дека ги доживува најлошите периоди од неговото формирање затоа што е оставен на милост и немилост на забот на времето без некој да се заинтересира за него. Иако на неколку пати манастирот бил посетуван од надлежните институции сепак за него не е направено нешто посебно затоа што глетката која ќе ја видите на прв поглед ви го распарува срцето. По конфликотот во 2001 година кога манастирот беше користен како штаб на албанските терористи и склад за чување на оружје тој е оставен сериозно оштетен и запуштен. Според првичните пресметки кои биле направени од Републичкиот завод за заштита на спомениците албанските терористи го оштетиле културното наследство во манастирот, оштетувања има и на конаците, на камбанаријата, на старата камена ограда која била разградувана и со чии камења се граделе бункерите. Од граната бил оштетен кровот а терористите ги вежбале своите стрелачки способности на украсните прозорци. Со сигурност може да се каже дека црквата „Света Богородица“ во Матејче во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14-от век на македонската територија и втор по големина на Балканскиот Полуостров. Оваа црква е најрепрезентативниот споменик на византиската уметност на македонската почва и ремек дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите. Самата црква не отстапува значително од традиционалната форма на црковните градби од времето од околу средината на 14-от век. Се одликува со импозантни димензии и монументалноста на самата архитектонска конструкција, компактност на просторниот распоред со што се постигнува единство на складни и хармонични архитектонски форми. Според богатството на претставените теми и широчината на остварената концепција може да се каже дека се надминати многу постари дела на средновековната уметност на целата балканска територија. Во црквата имало 14 циклуси со илустрирани епизоди кои се на ѕидовите на олтарот, наосот и нартексот. Насликани биле Големите празници, Христовите чуда и поуки, Страдањата, циклусите посветени на Богородица, илустрираните житија на Јован Крстител и Антониј Велики. Делата апостолски, Чудата на светите архангели, Екуменските собори, Авгаровата легенда, семејното стебло на Христовите предци, Генеолошкото стебло на владетелите од династијата Неманиќ, литургиски теми, портретите на ктиторите, прикажувањето на најпочитуваните светители, маченици, учители и монаси. Со еден збор она што го красел овој храм се традиционалните програмски решенија, вообичаените иконографски модели но и ретките претстави кои се со возвишена елеганција на формите. Аристократскиот манир и колоритетот е дел од врвните квалитети на панорамата која ја красела внатрешната панорама во монументалната црква која денес не постои. Црквата во однос на архитектурата е петокуполна градба со основа во форма на впишан крст. Долга е 23,5 метри и спаѓа во поголемите градби, на нејзината основа се четирите основни столба на кои се наоѓаат уште по два столба на источниот и западниот дел од црквата. Двата дополнителни столба на запад заедно со уште два одделно од долниот среден дел го формираат нартексот. По нејзината градба може да се каже дека црквата е така изградена што нејзиниот централен дел е најосветлен. Живописот се карактеризира со занимливи живи бои претставени преку високиот реализам што е уникатно за разлика од други фрески по црквите. Покрај главниот влез кој е на запад црквата имала и два бочни влезови од север и југ кои покасно се заѕидани. На бочните страни над просторот за вратите се наоѓаат два реда на прозори додека на запад над нартексот се наоѓа окулус. Централната голема купола е дванаестострана а другите четири помали куполи се издигаат над аглите на основата. Надворешната страна на олтарната апсида е петострана и е збогатена со декоративни нишки од тула. На фасадата се забележуваат пиластри и слепи аркади. Живописот во црквата денес е во голема мерка уништен, сочувани се сцени од животот на Исус Христос и Богородица. На западниот дел се забележуваат остатоци од претставата на лозата на византиските цареви а ликовите на ктиторското семејство, цар Душан, царица Елена и синот Урош се наоѓаат на јужниот ѕид. Единствена и уникатна по својата реткост е композицијата на која Исус Христос е преставен со крстот затоа што во овој случај Христос е насликан со главата надоле. Интересно е да се напомене дека во оваа црква се зачувани записи меѓукои се истакнуваат оние на митрополитот Никифор и на Кирил Пејчиновиќ. |