|
||||
Лазоровки, авторки на народни песни |
Истражувањето, желбата да се дојде до нови сознанија од која било област не ја оковува мислата во некои претходно зададени формати.. Но мора да се признае дека истражувањето не е ни малку лесна работа зашто често може да те доведе во погрешна насока, во ќорсокак. Излезот од таму е и мачен и тежок. Но радоста од откриеното создава голема и вистинска возбуда. Таква една наслада јас доживеав во просториите на Македонската академнија на науките и уметностите кога ми беше овозможено да ја проследам целокупната оставнина на Мијакот од Тресонче, прв доктор на науки во Македонија Тома Смилјаниќ – Брадина. Тие мои сознанија сакам да ги поделам со вас. Еве што забележал тој во своите многубројни бележења: „Димо често се споменува во мијачките песни. Се мисли дека бил од Лазорополе. Арнаутите го викале Думо. Постои и планина што се нарекува по неговото име Думовица. Таа е разгранок на планината Бистра. Постои и орман, а во средината на тој орман има голем камен што наликува на стол. Тресончани го викаат Думов Стол. Тој е голема карпа со седиште што се наоѓа над селото Тресонче на патот што води кон висините на планината Бистра, од левата страна. Легендата вели дека на тој стол седел Думо, свирел на кавал, го гледал своето стадо и повремено думал. Затоа и целиот простор пред него се нарекува Думаново. А запишано е дека живеел во почетокот на шеснаесеттиот век. “ Во оставнината на Томо Смилајниќ Брадина што се чува во МАНУ во Скопје, меѓу големиот број мијачки песни сретнав и две што ми оставија голем впечаток. Едната затоа што е директно поврзана со имињата што потекнуваат од Лазорополе, а во втората се сретнуваат топоними, лазороски. Во продолжение ги запишувам содржините на свете песни. Првата песна е под број 453. Ој Софијо, џан Софијо, Бог да бие твојта мајка, твојта мајка Аврамица, Аврамица Кокалеска, Кокалеска, Ѓурчиноска, што те даде у Мирчета, у Мирчета Самарџија, Самарџија, Селечанец, Селечанец за Аврама, За Аврама ќосалета. Не те даде у Илија, У Илија фустанлија, Фустанлија за Угрина, За Угрина песнопојче, Песнопојче, играорче, ќа ти шијет срмен колан, ти да носиш ја да гледа, и твоите и моите. Втората поесна не е нумерирана, а нејзината содржина е следната. Не шетај се, Дундо, горе, долу, Горе долу, Дундо, из лозјата, Из лозјата, Дундо, лазороски, Лазороски, Дундо, Кокалески, Кокалески, Дундо, Жунгулоски, Ќе те фатат, Дундо, сејмените, Ќе те носат, Дундо, во Битола, Ќе те судит Дундо на везирот, ќа ти клает, Дундо, тежок тумрук, тежок тумрук, Дундо,триста оки. Името Дунда е скратено од името Душанка. Родовите што се споменуваат во првата песна живееле во Лазорополе и Селце, а во втората – само во Лазорополе. Мора да се каже дека е чудна и за денешните сознанија необична содржината на втората песна. Но треба да се почитува објаснувањето на запишувачот на песните Тома Смилјаниќ – Брадина. Тој вели дека на падините на селската река во Лазорополе, секогаш (во минатото) биле распослани убаво негувани виногради. Ваквото пишување пак мене ме потсети на годините веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Имено тогаш во напуштеното Лазорополе се вратија околу 900 жители. Поголемиот дел ако не и сите возрасни, беа вработени во првата земјоделска задруга формирана во Македонија наречена „Кочо Рацин“ по името на нашиот познат поет и писател кој под сомнителни околности загина во блискиот дел на планината Бистра, наречен Лопушник. Многумина лазорополчани, учесници во Втората светска војна, го познавале поетот од средби, кога како соработници на движењето ги снабдувале членовите на штабот (а со тоа и него) сместени на овој простор. (...) Стихот на мијачките народни песни, меѓу нив и на лазороските е правилен. Аритмија се појавува многу ретко (понекогаш), со што се зголемува еден слог во некој стих, но тактот се изедначува со забрзување или оставање на самогласката на пример: м излогаје, Бог ји убил. За создавачите на народната песна кај Мијаците е важен, како што го нарекуваат писмените мијачкиот стих. За пополнување на стихот зборот се крати (како што веќе појаснивме) или му се додава неговиот отсечен дел, кој засебно не значи ништо. Еве примери и за тоа додавање: Израснале три сени јасени, есеца месеца, Лин Калина, звездане-здане итн. Најголемиот дел од мијачките народми песни, а со тоа и лазороските, е создаден во осмерец и во десеттерец. Инфлацијата тој лош збор за слушање што често го употребуваме, обезвреднува се. Ама има нешто за кое не може да се употреби овој грд збор. Не може да го обезвредни она што е запишано во книга. Тоа останува за сите времиња во книгите наредени на полици, рафтови или сместени во кутии. Многу изминати генерации нашинци отпеаја многубројни мелодии, преку кои ја искажаа музикалноста на својот говор, на својот јазик, на својот непокор како духовна моќ. Се присетувам на чинот што ми се случи кон крајот на шеесеттите години од минатиот век кога како тазе вработен во штотоку формираната Македонска телевизија прв пат влегов во аудиостудио да прочитам мој напишан текст. Се разбира бев возбуден и со мала трема, но и исплашен. Текстот го читав пред доајенот на македонското спикерство и најголемиот познавач на македонскиот јазик Иван Антонов. По излегувањето од студиото го прашав како му прозвучело моето читање. Тој голем познавач на јазикот наједноставно ми одговори: - Ти докторе не читаше со твојот мек мелодичен мијачки говор. Ти пееше. Камо среќа сите новинари да пеат како тебе, читајќи ги своите текстови. Сега пак јас се присетувам на генерациите што својот музички и креативен талент својата национална мијачка благост и питомина во говорот ја срочиле во многу песни што станале народни. Споменав имиња од подалечното минато, но исто така, споменав и имиња што ги познавав и имав среќа да и слушам нивните творечки и гласовни можности, нивниот совршен гласовен талент за изведба на народната песна, на нивната создадена песна. Тие креаторки и на музиката, а и на текстот веројатно имале сознание дека таа музиката е универзална алатка што ја разбираат сите. А ако ја разбираат, значи дека може да има големо влијание на луѓето – слушатели. А со тоа секој е во можност да ја разбере пораката на песната да си ја облагороди душата, да си го заслади срцето, да биде човек. Сепак на крајот од ова мое пишување за песнопојките од Лазорополе не сакам да го изоставам името на Мирко Попоски, тој голем љубител на народната песна за неговото Лазорополе. Тој плати и нарача да се компонираат неколку песни на тема Лазорополе. Последиве години тие се обнародија, станаа народни. И сите од ред лазоровци со големо задоволство и уживање ги слушаме и пееме. Од книгата „Кажувања од гредана“ од Блаже Смилески, Скопје 2011 г. (Подготви Марко Китевски) |