|
||||
Свадбени обичаи од с. Горно Броди (Серско) |
Кај Момчето свадбата започнува во четврток. Месат колаци, нашарени со филџан (врз колачот ги отпечатуваат чашите) и со нив канат роднини и познати. Кај момата истото се случува во петокот. Во саботата се носи сандакот од момчето кај момата, за да си го нареди приќето. Во сабота се оди кај момата на оц’к ( носат јадење и пиење од момчето кај момата) со свирки: две дајриња и една гајда. Сите присутни момата ги дарува со крпи, чорапи, ризи, престилки и др. Играат ора. Момите одделно, момчињата одделно. Ако орото е општо, се фаќаат со крпа меѓу рацете. Во неделата го бричат момчето во дворот. Облеклото му е: риза, врз ризата – долама, закопчана од домашен шајак, црвен со гајтани по крајот и со ракави. Надолу – шалвари со црни гајтани по краевите. Појас – црвен, околу 20 метра долг, се опашува неколку пати. На главата фес со пискул. Кај момата: во петок си ја мие косата. Облекло: долга, бела риза, везена – наречена поли. Врз ризата јурган од домашно платно со памук. Врз јурганот се носи кклашеник по краевите со гајтани во разни бои, оддолу ставено црвено парче, потполнето со памук, шиено на машина. Врз клашеникот – појас, црвен со црти. Најгоре прескутник (престилка) долга до ризата. Престилката е тесна со долги реси, кои долу се пришиени, што не изгледаат дека се тесни. Косата е поделена на две плетенки со по еден долг ширит на нив. На главата црвена шамија. Украси: врз ризата се носи т.н. конче – украс од синџирче, закопчано однапред на ризата и потоа на едното рамо. Врз скутникот колан со пафти. Пред очите носи превез – црвено шевре однапред и одназад со златен тел. На нозете се обуваат бели чорапи – нагоре нашарани со сино, зелено, алјано. Обувките се како чевли без врвки, наречени златени обувки. Во двете куќи готват специјални лица: магери и магерици. Сватовите идат на коњи, ако е кално макар и во истото село. Од друго село-задолжително на коњи. На враќање од црква на вратата невестата е пречекана од свекрвата кога става пари на земјата, е невестата стапнува врз нив. Оди по нова послана черга, свекрвата истура од бардаче вино и вода пред невестата, откако ќе влезе во нејзината соба го пушта бардачето да се скрши. И ставаат и престилка со три леба. Кога ќе влезе во одајата и даваат едно машко и едно женско дете. Потоа и даваат сол, а таа фрла во огништето. Солта пука и свекрвата вели: „Вошлива ми е невестата“ – за џумбуш (смеа). На трпезата ги дарува мајка и. Најпешин (најпаред) ги дарува свекрвата и свекорот, нејзините домашни кумот и кумата. И даваат пари. Потоа магериците имаат задача да ја подучат. И ставаат чиста нова риза. Потоа ја покажуваат на сите и се веселат ако невестата излезе добра. (Баба Велика не си споменува да слушнала дека некоја невеста не била добра во нивнвото село.) Во понеделникот оди на вода со моми и со золвите. На враќање им полива на тројца. Другата недела оди кај мајка си на повратки. Раскажала Велика Баханова, 60 од с. Горно Броди. Од записите на Евгенија Несторова, бивша учителка во гимназијата во Сандански. |