|
||||
Свадбени обичаи од село Џигурово, Светиврачко |
Свадбата започнува во четврток. Во четвртокот преку денот деверот кани со чутура, наполнета со вино, цело село, за да донесат дрва кај младоженецот. А во петокот преку денот 3 и 5 момичиња наречени золви, облечени во најубави носии и со специјални стомнички накитени со китки одат да канат низ селото момичињата да донесат засевка и китки за феруглицата (бајракот) кој се подготвува во петокот вечерта кај младоженецот. Во петок вечерта деверот со чутура, накитена со китки облечен во убава облека и дизгии (дисаги) преку рамото, дадени од невестата, оди кај нив да ја однесе свадбената облека. Потоа ја зема засевката, донесена од момите и ја носи на воденица за да се сомеле, а од брашното се готви леб за савадбата. Исто така, во петокот прават колак за кумот и за доброгласниците кај момчето. А и кај момата прават колак, кој се закачува на еден висок прат со шише вино во средината и колак за невестата за раката. Во саботата наутро деверот го кани целото село за свадба и за вечера во саботата навечер. Во неделата пред да ја облечат невестата момите се собираат да кршат погача кај момата. Деверот седнува на еден стол, држи чаша со вино и над неговата глава неколку моми ја држат погачата со пекмез. Момите пеат: По море плива сребрена чаша, та кој да пратим да ја улови. Ја кршат питата и ја раздаваат на сите. Во неделата момите ја подготвуваат невестата, и ги облекуваат облеките донесени од момчето: риза, саја, шкуртела, прегач и чумбер – покривка, подресена со цалки, а одгоре венец од китки виен со повит. Идат сватовите сите на коњи и носат еден коњ за невестата, тој коњ го јава свршеникот до нејзината куќа. Кумот носи јадење: понозе за момите, леб, вино, месо и жив овен, кој го остава кај девојката, а јадењето се јаде само кај девојката. Деверот и ги носи на невестата обувките и феруглицата (бајракот). Кога сватовите ќе стигнат до куќата на момата нејзините гости ја залостуваат вратата и ги запираат сватовите, додека не плати кумот. Се случува пазарување и наддавање. Исто и момите го застануваат деверот, за да плати. Тој ги носи новите обувки, и ги обува, а момите пеат: Собувај, собувај, девојко, Деверот излегува а момите ја подготвуваат девојката. На девојката и даваат чеиз, го товараат на коњот и го носат кај момчето, каде што неколку жени го подредуваат. Невестата ја прекриваат со чумбер и заедно со момчето гувеат (се поклонуваат) пред кумот и таткото. Момите ги пеат прошталните песни: 1. Девојко, мори девојко, 2. Развивај дарове, девојко, Ја качуваат на коњот и почнува да дарува, најнапред татка си, мајка си, браќа си, сестри, роднини и блиски. Откако ќе ги дарува, се врти кон исток, се прекратува три пати и тргнуваат кон црквата. По патот кон црквата каде што ќе сретнат вода деверот ја „запојува„ И дава да пие вода од обувката низ свадбаниот колак со дупка во средината кој го носи на раката. Кај црквата ја чекаат свекорот и свекрвата, свекрвата облечена во свадбена носија на главата со бела „булка“ (крпа). Свадбени обичаи од Св. Врачко запишани од Евгенија Несторова. во 20-тите години на 20 век. |