|
||||
Хомер во „Илијада“ пееше |
Хомер во "Илијада" пееше: "Ликомед го удри синот на Хипис, Аписаон, водач на народот, во црниот дроб под ребрата, и му ги поткоси колената. Тој бил дојден од плодородната Пајонија, и после Астеропој, бил најдобар борец... " Тогаш Пајонија се протегаше од морето на Југ, па до изворите на Стримон и во тек на целото течение на Аксиј, од Родопите на Исток, до Пелагонија на Запад. Беше тоа територија на повеќе племиња. Хомер ќе рече: "Пајонци со криви лакој, кој ги водел Пирајхме од широкиот Аксиј". И во големиот еп ќе ги спомене нивните водачи: Терсилох, Мидон, Астипил, Минесос, Трасиј, Ајниј и Офелест, како и веќе споменатите Пирајхме, Хипис, Аписаон, Астеропој. Тоа е повеќе, или помалку, се што слепиот поет ќе рече за најстарите жители на еден простор во југоисточниот дел на Балканскиот Полуостров на кој денешна Македонија го зазема централното место. Потоа, многу потоа, на Пајонија и Пајонците, со мали информации ќе се навратат и старите историчари Херодот, Тукидид, Страбон, Ливиј и уште некои други, како и драмските писатели Еврипид и Есхил, но тоа не ќе биде доволно да се создаде целосна слика за нив. Се до последниве неколку десетолетија кога, благодарејќи на богатите археолошки истражувања, се пополнија многу празнини во мозаикот за Пајонија и Пајонците, за специфичноста на културно-историскиот идентитет на народите кои живееле на овој простор, за нивното религиозно, територијално и етничко групирање. Како што заклучува Елеонора Петрова, која со знаење ги сумира најновите ископувања и истражувања на подрачјето на денешна Република Македонија за животот на Пајонците, последните археолошки информации во повеќето случаи фрлаат нова светлина на нивното битисување, проширувајќи ги досегашните сознанија за степенот на развојот во одредени периоди на Пајонија, за нејзиниот однос кон хеленскиот Југ и односот со нејзините варварски соседи на Север, степенот на хеленизацијата и прифаќањето на хеленскиот начин на живеење, потребите, култовите, платежните средства, градовите, комуникациите, фортификациите итн. Неоспорно е дека потомците на речниот бог Аксиј и нимфата Перибоја според легендата за потеклото на овие меѓу најстарите палеобалкански жители на овој поростор, трпеле и соодветно влијание од страна на Илирите, Тракијците и Грците, со кои Пајонија граничела. На тој начин преку мешањето и влијанијата на пајонската територија, Пајонците се приближиле до илирскиот, тракискиот и грчкиот етно-културен круг. Елеонора Петрова , анализирајќи ги сите достапни факти, ќе констатира: наспроти проширените научни гледања дека Пајонците за едни се блиски со Тракијците, за други дека Пајонците се Илири, за трети, дека тие се само едно племе повеќе меѓу многубројните грчки племиња, во најново време ќе преовладее гледиштето на полскиот учен Пајанковски: Пајонците имаат фригиско потекло! Така, се чини, стариотисторичар Страбон, кој тврдел дека Пајонците се блиски со Пелагонците и тесно поврзни со Фригијците , бил во право. Фаница Велјановска, пак, врз основа на антрополошка анализа на триесетина скелетни остатоци на Пајонци, пронајдени во Македонија , го утврдува нивниот антрополошки профил, кој доста сигурно се одделува од профилите на другото балканско население во железната епоха, докажувајќи дека морфометриските разлики меѓу нив се толку значајни што со сигурност може да се отфрли претпоставката за илирската или тракиската етничка припадност на Пајонците. Земјата на Пелагонците, Пелагонија се претпоставува се наоѓала југозападно од Пајонија, распространета по двете страни на Еригон (Црна Река) . Мошне малку податоци има за овој народ. Главно, тие се идентификуваат со Пајоните. Наде Проева тоа го потврдува наоѓајќи аргументи кај Хомер. Имено, големиот поет зборува за Пелагон, според кого и областа го добила името, инаку татко на пајонскиот водач Астеропој, кој со своите Пајонци учествуваше во опсадата на Троја. Таткото пак, Пелагон, бил син на речниот бог Аксиос и Перибоја, ќерка на Екесамен од Пајонија. Кон средината на седмиот век пред нашата ера на Пајонците и Пелагонците им се заканува нова и судбинска опасност - Македонците! Според митските извори Македонците влечат потекло од боговите. Поетот Хесиод, уште во седмиот век пред Христа, во првиот рурален еп во античката литература, "Дела и денови", ќе го раскаже митот за потеклото на Македонците: А таа, ќерката на Девкалион, од Зевс, молнољубец, роди синови два: Магнит и Македон - коњаник, воин... Втората ќерка на Девкалион родила исто така два сина: Грејк и Латин... Според Хесиод излегува дека Грците и Латините се браќа, а Македонците нивни братучеди. Очигледно, Хесиод само ја разработува митската приказна за Девкалион, синот Прометеев, кој единствено го преживеа големиот потоп заедно со жена си Пира. Тој со неа имаше три деца: Тјуа, Пандора и Елин. После врската на Тјуа со Зевс се родија Македон, основач на Македонците и Магнит - родоначалникот на магнетите. Од врската, пак, на Зевс со Пандора, втората Девкалионова ќерка, се родија основоположниците на грчкиот и латинскиот род, Грекос односно Латин. Тоа е легендата. И почетокот на македонската држава, како и името Македонци, се крие во темнината на минатото. Првите македонски цареви историјата и не ги регистрира. Постојат само преданија. Според едно од нив првиот македонски цар и основач на македонската царска династија е царот Каран. Диодор од Сицилија тврди дека Каран станал македонски цар пред Првата олимпијада, која, како што е познато, се одржала 776 години пред Христа. Каран станал цар во 808 година и владеел до 778-та. Понатаму сицилијанскиот историчар пишува: "Кога престана Асириската династија, по смртта на последниот асириски цар, дојде ерата на Македонците. Каран поттикнат од желбата да формира држава, собра, уште пред Првата олимпијада, војска од Аргос и од други делови на Пелопонез и со војските презеде поход кон македонските области. Во тоа време царот на Орестите водел војна со соседите, кои се наречувале Еордеи. Еордеите ја населувале областа околу Острово. Царот на Еордеите го замолил Карана да му помогне. За возврат му го ветил средниот дел на Орестија. По победата царот го исполнил ветувањето и Каран царувал во својата држава триесет години. Заблудата е очигледна: не станува збор за Аргос на Пелопонез, туку за Аргос Орестикон од Горна Македонија. Легендата за потеклото на Македонците од Пелопонез своевремено ја актуелизирал, а можеби и ја создал, македонскиот цар Александар Први Македонецот (498-454 години пред н.е.), кој затоа што им направил решавачка услуга на Грците пред битката кај Платеја во 479 година пред Христа, го добил прекарот "филелин", што би требало да значи "гркољубец" или "пријател на Грците". Очигледно: Александар не бил Грк, кога можел да биде само грчки пријател. А кога како филелин посакал да учествува на Олимписките игри, бил одбиен, зашто "игрите не се за варварите, туку за Хелените". Тогаш македонскиот цар, во името на страсната желба да учествува на големите Игри, се послужил со итрина: рекол дека тој, според преданијата, потекнува од Аргос на Пелопонез, а не од Западна Македонија и на тој начин станал прв Македонец на Олимписки игри. Херодот и Тукидид оваа итрина на Александар Први ќе ја потврдат во своите истории, проширувајќи ја со тврдењето дека Македонците околу 650 години пред н.е. станале зависни од една нова и странска владејачка група која тврдела дека потекнува од Тименитското семејство на Пелопонез. Според нив излегува дека македонската династија води потекло од Аргеадите од југ. Низа современи историчари, непристрасни, кои своите тврдења ќе ги засноваат на широки проучувања, сметаат дека не станува збор за Аргос од Полопонез, туку за Аргос Орестикон од Македонија од каде што потекнува лозата на македонските цареви. Еден од тие историчари е и Ото Абел. Тукидид (роден меѓу 460 и 455 пред Христа), ќе остави и друг писмен запис за Македонците: "Тие, Македонците, покорија и други племиња над кои владеат и денес, како и над Антемунт, Грестонија, Бисампија (области на север од Халкидик меѓу Вардар и Струма - заб.н.) и голем дел над земјата на вистинските Македонци. Сето тоа се наречува Македонија". Со прашањето како Македонците го добија своето име се занимава и Џ.Р.Елис и неговото мислење треба да се слушне: "Едно од важните наоѓалишта, вели тој, што го илустрира нивното присуство (присуството на илириските племиња - заб.н.) е она во близината на соседните села Вергина (на македонски Кутлеш, во Егејска Македонија - заб.н.) и Палатиција, во подножјето на Пиерискиот венец, што се издига над југозападниот агол на Ематиската рамнина, на копното, дваесеттина километри од Метон и седум или осум јужно од бреговите на долниот Халиакмон. Тука археолошката слика покажува илирска населеност од околу 800-та година пред Христа, па се до средината на седмиот век. Уште понајуг, на падините на планината Титарион и на Пиериските Планини, заедно со северните продолженија на Олимп, се наоѓале Македони, давајќи и го своето име на областа Македонија". Урлих Вилкен ќе рече: "Кога прашањето ќе се постави од повеќе аспекти, се доаѓа до заклучок дека античките Македонци биле народ близок со Даријците, но и со Илирите и Тракијците. Во времето на Персиската војна Македонците се појавија на хоризонтот како и Грците, но тие не се појавија како Грци, туку како варвари". А, пак, Х. Џ. Велс во "Историјата на светот" ќе ја заговори тезата дека Македонците се ариски народ. Анте Поповски смета дека Македонците своето етничко име и го дале и на земјата на која подоцна живееле. Тој тоа свое мислење го засновува врз основа на проучувањата на Џ. Р. Елис, кој во "Македонскиот империјализам" тврди дека античките Македонци уште пред да се населат на нивната идна татковина го носеле името Македонци, како и на гледиштето на грчкиот археолог Фотис Пецас дека "Македонија им го зела името на Македонците". Според тоа, излегува дека името Македонци, првин било етничко, а потоа станало географско. Историчарот Страбон ги определува границите на Македонија вака: од запад Јадранското Море, од исток напоредно со неговиот брег една меридионална линија, која проаѓа низ устието на Хебр (Марица) и градот Кипсела кон север, со замислената права линија повлечена преку планините Бергикс (Северобалканските Алпи), Скард (Шар Планина), Орбел, Родопи и Хемус". Французинот Дездевис ди Десерт, границите на Македонија ги определува на овој начин: на запад од Јадранското Море, од заливот Ризоник до ’ртот Глоса или Линкета, на југ Пинд и Саламуриас, Олимп, Егејското Море до Места, на исток Места и Родопите (Деспото Даг) со врската меѓу Родопите и Стара Планина, на север Стара Планина, Витоша, Шар... Вера Битракова-Грозданова констатира: "Денешна Република Македонија во раздобјето од крајот 4. век п.н.е. па се до крајот на 1. век пред Христа, опфаќала различни етнички и политички области. Централниот простор на Македонија, средниот тек на реката Вардар, како и целата источна Македонија, биле населени од Пајонците, југозападно од нив живееле Пелагонците. Западна Македонија ја населувалејужноилирските племињаПенестити и Десарети. На север се наоѓале Дарданците. Дел од јужните области биле население со македонска популација, со Линкести. Јужно од Демир Капија почнувала старата македонска област Амфакситида. Во неа, своевремено, исто така, живееле Пајоните". И, најпосле: "Уште античките автори ги разликувале, според конфигурацијата на теренот, Горна и Долна Македонија. Во Горна Македонија ги вбројувале областите: Орестида, која го опфаќала горниот тек на реката Халиакмон (Бистрица) и басенот на езерото Келетрон (Костур); северно од неа била Линкестида, која се протегала по средниот тек на реката Еригон (Црна); североисточно од неа Пелагонија, а јужно Елимеја, по средниот тек на реката Халијак-мон; кон Епир се наоѓале Тимфаја и Параваја. Во Долна Македонија влегувале Пиерија, тесен крајбрежен појас вдолж Термјанскиот Залив од утоката на Пенеј до утоката на Халиакмон; Битиаја, централен дел меѓу Лидија и Аксиј; дел од Пајонија, околу средниот тек на Аксиј; Ердеја, планинска област во внатрешниот дел на Македонија, околу Островското Езеро; Алмопија, мала плодна област по горниот тек на Лидија; источно од Аксиј до реката Стримон (Струма) над Халкидик се прострирале областите Мигдонија, Крестонија и Бисалтија". Според она што ни го нудат досегашните истражувања, македонската праисторија допира до неолитот, кога на Балканскиот Полуостров почнува да се шири земјоделството, кога доаѓа до масовни движења. Тоа е процес низ кој се спосилно се утврдува племенската организација, а Македонија веќе е навлезена во историски период од кого се задржал богат археолошки материјал. Старите племиња Фригијци, Едонци, Мигдонци, Пајонци и Пелагонци, се повлекуваат, се преточуваат и исчезнуваат, а на нивно место се јавуваат Илирите, Тракијците и Македонците. Со текот на времето, чувствувајќи се како самостоен етнос, Македонците се одделуваат од другите племиња, не само по стремежот за политичка самостојност, туку и психофизички: тие се силни планинци, смели и настојчиви, исполнети со желба за живот. Еднакви се како во страста за ловот, така и во страста за војување. Грижливо и со труд ги обработуваат земјата и стоката. Тие се едноставни и срдечни луѓе, приврзаници кон семејството. Македонецот се веселел и доста пиел, а во пиењето доста издржувал. Жените, за разлика од грчкиот обичај, учествувале на веселбите заедно со мажите. Македонците биле добри танчери. Царската власт во Македонија била неограничена, меѓутоа, таа никогаш не се претворала во тиранија и деспотизам. Обичниот Македонец не се понижувал пред царот - кога зборувал ео него во знак на почит достатично било да го симне само шлемот. Историчарот Павзаниј ќе забележи: "Во старо време тракискиот народ, се чини, бил поразумен од македонскиот во секој однос, дури и многу поусреден во божјите работи". Неговиот колега Кито сметаше дека "кога ќе се рече жМакедонци' треба да се разбере жварвари', кои не говорат, не мислат и не живеат грчки." Тие токму затоа немале пристап во делфискиот Ампфихтион совет, највисокото хеленско тело. Дури кога Филип ги порази Фогијците, тој дури тогаш успеа да издејствува два гласа во Советот. Меѓутоа, неговите двајца претставника, а потоа и претставниците на Александар Македонски, секогаш беа "оние на Филип" и "оние на Александар", додека пак сите други претставници беа претставени според племенската припадност и според градовите од кои доаѓаа. Како што пишува Наде Проева терминот "варварин" во антиката означувал, "човек кој не зборува грчки..., што значи за етничкото определување предвид се земал и грчкиот цивилизациски елемент". Ако, пак, терминот "варварин" бил условен само со политичките непријатели, тогаш зошто, на пример, никогаш Спартанците, што ќе рече, Грците од Спарта, не биле наречени варвари, макар и за кратко, да речеме, за време на Пелопонеската војна, доста логично заклучува Проева. Помпеј Трог своевремено пишуваше: "На него (на Ономарк) му го спротивставија Тиванците и Тесалијците како свој водач не некој од своите сограѓани... туку македонскиот цар Филип и така доброволно му ја отстапија на еден странец власта". Диодор од Сицилија во врска со заземањето на златните рудници во градот Филипи од страна на Филип Втори: "Бидејќи од таму натрупа брзо големо богатство, го доведе македонското царство во големо вознесение преку изобилството на парите, откако направи златни монети наречени според него "филипики" формира силна војска од наемници и преку филипиките поттикна многумина Грци да станат предавници на татковината". Значи, стигнавме до Филип Втори Македонски. Пред него Македонија веќе имаше 21 крал : Рековме дека првиот крал на древната Македонија бил Каран. Тој владеел од 808 до 778 година пред Христа. По неговата смрт, наследник на престолот станал син му Којнос (778-750 година п.н.е.), а по него круната на македонски владател беше ставена на главата на наследникот Киримас (750-707 година пред Христа). Легендата зборува дека како слуга кај царот Киримас дошол Пердика со двајцата браќа. Бидејќи потоа се скарал со Киримас, тој со браќата го напуштил и се населил во соседната област, па оттаму, по многу години, ја покорил цела Македонија. Пердика, како македонски крал Пердика, владеел од 707 до 660 година п.н.е. Него го наследил Аргеј. Тој со голема итрина го сопрел илирскиот поход на Македонија и прв почнал да ги утврдува градовите. Владеел од 659 година до 645 п.н.е. Потоа на престолот доаѓа Филип (644-640 пред Христа), кој загинал во борба со Илирите. Неговиот син Аерон владеел цели 65 години: од 639 до 574 година пред Христа. Речиси ништо не се знае за следниот македонски крал, Алкстат, кој владеел од 573 до 541 година пред Христа. Неговиот наследник Аминт (540-498 п.н.е.) ги поддржал врските со Атина, контактирал со Персијците, чии вазал станал. По него доаѓа син му Александар наречен Македонецот (498-454 п.н.е.). Тој ги обединил под себе горномакедонските племиња и на тој начин ја централизирал власта во Македонија. Во ова време, како што тврди францускиот историчар Паул Клош, Македонија имала околу 400.000 жители и се протегала на територија од 30.000 квадратни километри. По смртта на Александар крал станал неговиот најстар син Пердика II (454-414 пред раѓањето на Христа). Внукот на Александар Македонецот, Архелај Први, според Тукидид, направил за Македонија повеќе од сите дотогашни кралеви заедно: изградил утврдувања, патишта, го засилил вооружувањето на пешадијата и коњицата. Од Еге престолнината ја префрлил во Пела. Неговата молба да влезе во Пелопонескиот сојуз била одбиена со мотивација дека бил "тиранин и варварин", значи, не бил Грк. Архелаја го наследил неговиот малолетен син Орест. Овој бил убиен од настојникот Аерон, кој се прогласил за крал под името Архелај II. По неговата смрт на чело на држават доаѓа син му Павсаниј. Него го убил Аминд II, синот на Архелај. Аминд II владеел од 389 до 369 година пред Христа. Негов наследник станал неговиот најстар син Александар II. Само по една година владеење Александар II бил убиен од зетот Птоломеј од Алор, кој се оженил со неговата мајка Евридика и се прогласил за наследник на престолот. Помалиот брат на Александар II, Пердика, го убил Птоломеја и станал крал под името Пердика III. Тоа се случило во 365 година пред Христа. А кога Дарданците до колена ја поразиле војската на младиот крал, Пердика III заедно со уште 4.000 Македонци, останал мртов на бојното поле. Филип, кој тогаш имал само 23 години и бил најмлад син на Аминт III, станал намесник на наследникот Аминт IV, а веднаш потоа и крал под името Филип II. Течеше 359 година пред да се роди Христос, кога Филип Втори застанал на престолот. Тој го замени Амин Четврти. Филип Втори ја реорганизирал војската и ја создал надалеку позната македонска фаланга. Ги победил северните соседи, Илирите, кои постојано ги загрозуваа границите на македонската држава. На новоосвоената територија го затемелил градот Хераклеја кај денешна Битола. Совладувајќи ги претендентите на македонскиот престол продолжи да ја шири власта надвор од границите на Македонија. Бидејќи пред тоа, како заложник, живеел во Теба, тој добро се запознал со приликите во Грција. Тоа му помогна во војната против грчките државички - полиси. Ги победил Тракијците, и го формирал градот Филипи, освоил дел од Халкидик. Откако се вмешал во Светата војна во 352 п.н.е. ги победил Фокиѓаните и ја покорил Тесалија. Во 348 година го зазел Олинт. За да му се спротивстави Коринт склучил сојуз со Атина, која ја испратил флотата и му го попречил планот на Филип да го заземе Бизант (340 год.п.н.е.). Таа иста 340 година пред Христа Филип повторно ги победил Тракијците и излегол на Дунав. Победите се нижеа понатаму: ги победи Скитите. Кај Херонеа (338 год.п.н.е.) ги победи Атина и Теба, кои склучија сојуз со намера да му се спротивстават. По победата склучил мир со Атина, минал на Пелопонез и во Коринт формирал сојуз за борба против Персијците. Во 336 година во Мала Азија испратил 10.000 војници за да создадат мостобран за походот што го подготвуваше. Пред да го реализира овој поход, умре од раните што му ги задале атентаторите, таа иста 336 година. Беше голем војсководител и исклучителен дипломат. Ја исполни својата заветна желба: создаде голема и силна македонска држава на Балканот. Напредувањето на Филиповите војски и освојувањето еден по еден на грчките полиси (градови) во Атина предизвика вистински хаос. Всушност, Атина се подели: едни, вклучени во промакедонската партија, во Филип гледаа спасител на Атина и можност да се врати нејзината слава, други, Филип, пак, го сметаа за нејзин најголем непријател. Вторите ги предводеше прочуениот оратор Демостен. Неговите беседи против Филип наречени "филипики" и денес се пример за совршено ораторство. За македонската историја тие се важни зашто во нив Демостен дава голем број податоци за Филип и Македонија. Во третата Филипика тој вели: "Филип не може да биде пријател на Грците. Тоа е нешто повеќе од измама. Тој не е Грк и не се наоѓа во никакво сродство со Грците, не е дури ни туѓинец од пристојно потекло. Тој е само еден беден Македонец. А во Македонија, како што е познато, некогаш не можело да се купи дури ни еден солиден роб". Првата книга Макавејска во Библијата почнува вака: "1. Александар Македонски, синот на Филип, излезе од земјата Хетејска и го победи Дарие, персискиот и индискиот цар и се зацврсти место него во Елада. 2. Тој водеше многу војни, презеде многу утврдени места и порази многу цареви". На тој начин, влегувајќи во Светото Писмо, Александар Македонски, наречен и Александар Велики, го заокружи дефинитивно и го утврди своето место во историјата на човештвото. Се чини нему тоа место му беше предодредено: Беше син на Филип II и Олимпијада, ќерка на епирски крал. Се роди во Пела во 365 година пред Христа, и како 20-годишен маж застана на македонскиот престол, по убиството на татко му. Беше високо образован - еден од неговите учители беше гласовитиот Аристотел. По преземањето на власта, со брза акција се утврди на престолот, победувајќи ги во Македонија другите претенденти на кралската круна. Ја задуши потоа побуната во Грција, при што сосема ја разурна Теба и со 30.000 пешаци, 5.000 коњаници и 150 бродови тргна на Персија. Во Мала Азија кај реката Граника, 334 години пред Христа, ги победи Персијанците со што Мала Азија стана, практично, негова. Кај Ис го победи Дарие, го освои Египет и во 332 година го основа градот Александрија. Една година потоа кај Гаугамела, во решавачката битка, повторно го победи Дарие и го прогласи Вавилон за своја престолнина. Откако ја зацврсти власта во источен Иран, се одлучи на еден од најсмелите походи во историјата - тргна кон Индија. Во 327 година п.н.е. го победи кралот Пора, ги зазеде западните области на Индија, го освои Пенџаб и се подготвуваше да го продолжи освојувањето на областите по течението на Ганг. Незадоволството на војската, нејзината премореност и мошне лошите климатски услови, го принудија да го прекине походот и да се врати назад. Се подготвуваше за војна во Африка, Италија и Шпанија. Умре ненадејно, во 323 година пред раѓањето на Христа. Умре како бог и легенда, чија актуелност, колку што повеќе минуваше времето, толку повеќе се засилуваше и траеше. Имаше 32 години, а создаде империја каква што никој пред него, ниту по него, не беше создал. Александар не беше само македонски цар, туку беше и Македонец и зборуваше македонски. Плутарх во "Споредбените животописи", во 51 глава, опишувајќи ја кавгата на Александар со Клит" вели: "Но тој (Александар не се збуни, туку скокна на нозе и почна на македонски да ги вика своите штитоносци, а тоа беше знак на голема опасност, и му нареди на трубачот да труби." Тукидид тврди: дел од жителите на Агрос во Амфилохија го презеле грчкиот јазик од Амбракијците, а другите Амфилохијци се варвари. На овој податок се надоврзува и оној дека Етолците, Акарнанците и Македонците имале сличен јазик. Ова ќе се појасни ако се знае одговорот на Филип IV, на барањето на Етолците да се определи. Имено, притоа, македонскиот суверен на состанокот во Локрида 198 година п.н.е. рекол дека тешко му е тоа да го направи, зашто "повеќето Етолците не се Хелени, земјите на Аграјиците и Аподотите, како и на Амфилохијците, не се Хелада". Ако Етолците и Амфилохијците со Македонците имале сличен јазик, а првите два народа не се Грци, тогаш и Македонците не се тоа! Квинт Курациј Руф, пак, опишувајќи го судењето за велепредавство на полководецот Филота, синот на Париенион, Македонец, запишал: "Тогаш царот (Александар Македонски - з.н.), упатувајќи го погледот кон него (кон Филота - з.н.), му рече: "Македонците ќе бидат твои судии, јас те прашувам дали пред нив ќе се служиш со нивниот јазик?". На тоа Филота одговорил: "Освен Македонци овде има мнозина, кои, како што мислам, ќе разберат што ќе речам, ако се послужам со истиот (елинскиот - з.н.) со кој и ти се послужи, и тоа не од друга причина, како што верувам, туку за да може мојата реч да биде разбрана од повеќемина од присутните". Тогаш царот рекол: "Гледате ли до каков степен се откажува Филота од татковскиот јазик? Одвратно му е да зборува на тој јазик! Но, нека зборува како што ќе му посака срцето, меѓутоа, не заборавајте дека тој не ги почитува ниту обичаите, ниту јазикот си!". Да ја проанализираме речта на Александар пред судењето на Филота. Обвинувајќи го Филота дека не ги почитувал обичаите и јазикот на татковците (мајчиниот јазик), тој се обидувал да ги сврти, уште на почетокот присутните против обвинетиот, клеветејќи го дека го понижува она и се откажува од она што е најсвето и најдраго. Тоа пак значи дека древните Македонци и тоа како полагале до сопственото македонско национално чувство и дека кога станува збор за нивниот однос кон него, тие, едноставно, не биле рамнодушни. Руф зборува за уште една епизода: Кога еден македонски војник го нашол ранетиот Дарие на бојното поле, овој на грчки го молел за помош. Меѓутоа, Македонецот, бидејќи не го разбирал, бил принуден да побара преведувач. Зборувајќи за оваа епизода, да се потсетиме на мислата на Фердинанд де Созир: "За лица кои не се разбираат меѓу себе, ќе се рече дека говорат на различни јазици". Макс Фосмер, еден од најдобрите познавачи на старите балкански јазици, е категоричен: старомакедонскиот јазик е различен од старогрчкиот! Не е никаква тајна дека Грците имале писмен јазик далеку пред Македонците и дека македонските благородници почнале да зборуваат грчки уште во времето на Александар I. Меѓутоа, македонскиот јазик не бил заборавен: македонскиот полководец, тогаш веќе египетски цар, Птоломеј I, го повикал во Александрија големиот македонски јазичар Америн, да собере и да опише специфични македонски зборови (глоси) и изрази. За жал, неговиот труд е пропаднат низ времето, меѓутоа, сочувани се, преку препишување, некои од нив. Наде Проева констатира дека од македонскиот јазик се сочувани нешто повеќе од 100 глоси. Нивното проучување покажува дека има зборови во овој говор со грчки корен, и тоа главно од воена терминологија и хирургија. Во втората група, според неа, би влегле зборовите кои личат на грчките, но ниту морфолошки, ниту пак фонетски, не се во согласност со законите за грчкиот јазик, и во третата, според Проева, најбројната група, се вклучуваат зборови кои ни по форма ни по звучност не можат да бидат грчки. Ниту еден текст на македонски јазик не е сочуван. Се она што е напишано своевремено за древните Македонци е напишано на атички дијалект, кој важел како меѓународен јазик. Александар Македонски ќе го прогласи овој дијалект во својата држава за официјален јазик, зашто на овој дијалект (некои го наречуваат и јонски) Хелените комуницирале со Исток, кон кого беа вперени големите амбиции на генијалниот завојувач. Димитриос Канацулис ќе констатира: "Античките Македонци имале силно назначено етничко чувство". Тоа ќе биде нивна карактеристика и тогаш кога Македонија била светска велесила и тогаш кога таа била зачмаена римска провинција. Во 253 година од нашата ера, на една надгробна плоча најдена кај селото Бел Камен (Лефкопетра), близу Бер, е врежан следниот текст: "... Јас, Десни Комин, с подарив на мајката на боговите дете по име Калокерон, на возраст од 12 години, родум Македонец". Често, покрај личното име на поединецот, била запишувана и неговата етничка припадност, па дури и името на градот од каде што е: Македонец од Егеј, Македонец од Воден. Дека нивното етничко чувство било многу назначено зборува и овој податок: во III век по Христа, кога Македонија веќе била римска провинција, Македонците барале водачите на нивните комуни да не се викаат архиерефси, туку македонијархиси! Древните Македонци имале сопствени богови и сопствени култови. Култот на кучето и култот на волкот, на пример, биле карактеристични за нив, додека, пак, за Елините тие биле сосема непознати. Главен бог на древните Македонци бил Карон (прч, козел). Во почетокот тој бил само тотем, во кого, според нивните верувања, живеела душата на племенскиот водач по неговата смрт и на тој начин ги штител членовите на племето. Во негова чест македонските цареви носеле козја кожа, а кога неа, како непрактична за време на војувањето, престанале да ја носат, останал рогот од јарецот на шлемот на војсководителот. Дарон бил бог на здравјето, бог што им давал сила на луѓето. Диос или Дијапатир бил бог на земјата и небото. Неговото име доаѓа од името Дио - бог и патер - татко, што би требало да значи бог - татко. Во Солунскиот Залив постоело големо светилиште посветено на Дијапатир околу кое, секоја година во негова чест, се приредувале свечености и игри, нешто слично на грчката Олимпијада. Други древномакедонски богови биле Газотерис, богот на ловот, Зејрон, богињата на љубовта и убавината, Канадаон, богот на војната, како и Кандевал, што значи: оној што дави кучиња. Смртта на Александар Македонски го најави и крајот на македонската империја. Царството, кое го опфаќало Балканот, Егејските острови, Египет, Мала Азија, нејзините јужни региони, како и дел од Средна Азија, па се протегало до реката Инд, практично, преминало во рацете на царевите генерали: наследници на македонскиот престол станале незрелиот полубрат на Александар, Филип ИИИ Аригеј, и детето што требало да го роди Роксана, жената на Александар, Александар ИВ. За нивни регенти биле назначени војсководителите Крател и Пердика, блиски пријатели и соборци на големиот император. Управувањето со македонското царство им било доверено на неговите блиски луѓе: Антипатар управувал со Пелопонез, Атика и Епир; со Тракија и североазападниот дел на Мала Азија почнал да управува Лизимах; Антигон I Едноокиот станал сатрап на Голема Фригија, Ликија и Памфилија; Птоломеј Лаг го добил на управување Египет; додека, пак, во Азија се зацврстил Селевк; Евмен ја добил Кападакија, а Касандар, синот на Антипатар, кој бил оженет со Тесалоника, сестрата на младиот император, станал цар на Елада и Македонија. Ваквата поделба на зони на влијанија на најблиските соработници и најистакнатите војсководители на Александар имала катастрофални последици за опстанокот на царството како целина: амбициите на довчерашните пријатели и соборци завршиле со нивни меѓусебни пресметки, кои како краен резултат воделе кон создавање нови држави и нови царства. Антигон Едноокиот ја основал династијата на Антигонидите, Птоломеј Лаг династијата на Птоломејците, а Селевк династијата на Селевитското царство. Во меѓувреме, додека траела агонијата на царството на Александар Македонски, новата светска сила, Рим, се повеќе се свртувала кон Балканот и Исток, воопшто. Во трите македонско-римски војни (Првата 215-205 п.н.е.; Втората 200-197 пред Христа и Третата 171-168 година), постојано е кршена моќта на Македонија. Битката кај Пидна на 22 јуни 168 година пред Христа, во која последниот македонски цар, Персеј, бил тешко поразен, значеше и крај на македонското царство и држава. Една година подоцна римскиот конзул Павле Емилиј на Собранието во Амфиополја прочитал одлуката според која "Македонците ќе бидат и понатаму слободни, ќе имаат исти градови и територија како и порано, ќе ги користат своите закони и секоја година ќе ги избираат своите магистрати". На овој собир е прочитана одлуката Македонија да се подели на четири области. Според неа, Македонија Прва ја сочинувале териториите меѓу реките Стримон (Струма) и Нест (Места) со главен град Амфиопол; Македонија Втора се протегала на просторот меѓу Стримон и Аксиј (Вардар) и дел од Пеонија, источно од Аксиј, со главен град Тесалоники (Солун); Македонија Трета ја сочинувала територијата меѓу Аксиј и Пенеј и дел од Пеонија, западно од Аксиј со главен град Пела, додека во границите на Македонија Четврта влегле западните делови на Горна Македонија, Еордеја, Линкестида и Пелагонија, некои илирски области и дел од Пајонија. Нејзина метропола станал градот Пелагонија. Историчарот Ливие по оваа поделба, бидејќи била забранета каква и да е соработка и меѓусебно поврзување на четирите дела, ќе зборува за "распарчена Македонија". Задушувајќи ја побуната на Македонците под водството на Псевдо Филип, 149 години пред Христа, Римјаните ја укинале божемната "слобода" на Македонија и во 148 година пред Христа, неа ја претвориле во римска провинција. Речиси 900 години Рим владеел со Македонија - се до VII век од новата ера. Точно е: Македонците никогаш не успеале да ја обноват својата држава, но точно е и тоа: Рим никогаш не се обидел да ја вовлече Македонија во италијанската културна сфера. Фанула Папазоглу, вели: "... Романизацијата на Македонија никогаш не била во програма на римските властодржци". Се разбира: границите на Македонија низ времето биле менувани, меѓутоа, нејзината географско-етничка целина не била нарушена. Со исчезнувањето како држава Македонија престанала да има и своја вистинска историја. Меѓутоа, македонскиот народ не исчезнал. Тој продолжил да живее во рамките на новата политичка заедница - римската држава, задржувајќи ги своите етнички особини, јазикот, верата и обичаите. Претворена во длабока римска провинција, Македонија, сега, како дел на една пространа и сложена целина, многу помалку можела да ја остварува својата индивидуалност на културно поле отколку порано, но, таа го дала својот придонес на она што се наречува римска цивилизација и затоа и таа може да придонесе за нејзино подобро разбирање, ќе констатира Фанула Папазоглу. Најдобра илустрација на тврдењето дека македонскиот народ не исчезнал е епитафот од III век од нашата ера, според кој "двомесечната Нике била од македонски род". Овие зборови врежани во камен покажуваат дека етничкото чувство на Македонците, свеста на посебен етнос, не исчезнале со исчезнувањето на македонската држава. Фанула Папазоглу, проучувајќи ги материјалните докази за романското присуство на територијата на Македонија, ќе констатира: "Многубројните римски имиња на натписите од времето на Царството во Македонија не можат да бидат доказ за вистинска романизација". Ако е така, а така е, тогаш: по која логика грчките имиња и грчките натписи треба да сведочат за некаква целосна хеленизација на македонскиот простор?! И уште: Македонија обично се обработува како дел од Грција иако никогаш, па ни во римското време, таа тоа не била! Според Кун, кого Ф. Папазоглу го цитира, градската организација од грчки тип, пред доаѓањето на Римјаните, постоела само на Приморјето и во Долна Македонија, додека во Горна Македонија останало да биде во сила племенското уредување, кое ни до крајот на антиката не било сосема потиснато. Напротив: полемизирајќи со германскиот историчар Густав Дројзен (1808-1884), кој во 1836 година, во својата тритомна "Историја на хеленизмот" првпат во историјата ја воведе заблудата дека севкупниот период на новите македонски држави е вклучен во поимот "хеленизам" и "хеленистичка култура" , Васил Иљов ќе ја оспори неговата теорија како несоодветна и неприфатлива, зашто "целокупните континуирани настани што тогаш се одвивале се поврзани директно со Македонија, со македонската империја, со Македонците и нивните деликатни меѓусебни односи; бидејќи самите владетели, нивното потекло и царските династии што тие ги основале имале македонско потекло, македонскиот контекст на културната преобразба на светот е нов, македонски начин на урбано живеење т.е. создадена е оригинална македонска урбанистичка политика на одбрана и развој...". Поразот кај Пидна бил кобен за Македонците: раселени низ светот, без еден единствен обединувачки центар, тие со текот на времето ќе се претопат. Не сите, се разбира. Наде Проева ќе констатира, толкувајќи ја загатката што ја крие една група споменици со антропоморфна форма, кои се среќаваат на периферијата на Пелагонија, дека домашното население се повлекло пред освојувачите во понедостапните предели, каде што го сочувало не само својот тип на споменик, посведочен уште од архајскиот период, туку и добар дел од автохтоните имиња. Во предговорот на "Илијада" ("Минерва", Суботица, 1965 год.), д-р Милан Будимир вели дека ниту еден Хелен не се викал Хомер и дека епот е напишан на мешавина на јонскиот, ајолскиот и атичкиот дијалект, значи на јазик на кој не зборувал ниту еден Хелен. Будимир смета дека "имаме варварска ‘Илијада’ на јазикот на индоевропските Фригијци или Бригијци". И Виргилиј така ги вика Тракијците. И едните и другите доаѓаат од Балканот, каде што Бригите живееле на целиот негов простор од илирскиот Јадран до тракискиот Понт. Според едно тврдење Фригите (Фригијците) дошле од Македонија и потекнуваат од Бригите, кои, во археолошката карта на Словенечката академија на науките и уметностите од 1974 година се лоцирани близу Прилеп. Д-р Будимир забележува дека Ахил не му се обраќа на олимпискиот Зевс, туку на оној од епирска Додона, на Зевс на индоевропските Пелазги. Извонредниот познавач на старогрчкиот јазик, д-р Милан Н. Ѓуриќ, во својата "Историја на хеленската етика" е категоричен: Пелазгите се македонско племе, праседелци на Балканот, а Хомер е - Пелазг! Енгелс, пак, кој, патем, докторираше на Хераклит и тогашната филозофска мисла, тврди дека Хелените од варварите ги наследиле овие 12 работи: усовршеното железно орудие, ковачкиот мев за дување, рачната мелница, грнчарското тркало, преработката на масло и вино, развиената обработка на метал, колата, боевата кола, градењето бродови од трупци и штици, почетокот на архитектурата како уметност, утврдените градови со кули, Хомеровиот еп и севкупната митологија! Создавањето македонска држава, што ќе рече, и манифестирањето на јасните белези на македонската култура, е автохтон, континуиран процес. Уште Херодот зборува за Македонија, за Македонците, за македонска земја, за Горна и Долна Македонија, за "цела останата Македонија", за држава на Македонците, за македонско кралство, вклучително и за македонски народ. Се разбира, сето тоа што било создавано со векови не можело да исчезне сосема, наеднаш и за навек, вклучувајќи ги и луѓето, кои останале да живеат на тој македонски простор. Интересно и значајно е соопштението на Теодорит Кирски, кој живеел во првата половина на 5. век од нашата ера. Наспроти тоа што императорот Теодоси Први извршил масовен колеж на македонското население во Солун, Кирски зборува за овој град како за "голем и многу населен град, кој му припаѓал на македонскиот народ". Словените на Балканот надоаѓале во бранови. Тогаш и започнува "широкиот и многукратен процес на интеграција на меѓубалканскиот супстрат и Словените". Во "Етногенезата на македонскиот народ" Лидија Славеска ја аргументира тезата за тоа дека соединувањето на материјалните, културните и духовните вредности на староседелците и новите освојувачи бил неминовен процес и траел повеќе векови. Таа зборува и за почетокот на нивното сожителство, квалитет повеќе во утврдување на гледиштето дека словенските племиња не се населиле на пуст и празен простор, туку доаѓајќи во допир со една сосема нова култура, со народ кој поинаку зборувал и чиј систем на мислење бил речиси подруг од нивниот, мешањето и испреплетувањето, во овој случај на две различни цивилизациски состојби, биле неминовност. Притоа, при тој директен контакт, се вкрствувале старобалканското културно-историско и митско наследство и словенското. Историските, археолошките и лингвистичките проучувања покажуваат дека при доселувањето на Словените на балканските територии се интегрирало нивното културно наследство со културното наследство на староседелците. Во некрополата Свети Еразмо кај Охрид откриени се скелети кои можат да се поделат на две групи: постарите скелети се на луѓе кои живееле во 7. и 8. век, а помладите на луѓе од 9. и 10. век. М. Штефанчич утврдил дека скелетите се разликуваат во демографскиот и антрополошкиот приказ. Византиските документи зборуваат за опсадата на Аваро-Словените на Солун 586 година: "Бидејќи ако некој би замислил дека тогаш во Солун се нашле на куп сите Македонци, Тракијци и Ахајци, тие сите заедно не би претставувале ниту еден мал дел од она варварско множество кое тогаш го опколило градот". Овде се зборува за тоа дека Македонците и Словените во опсадата на Солун биле на двете спротивставени страни. Меѓутоа, постои запис кој говори дека за време на походот на Никифор Фока во 961 година на Крит, византискиот император "собрал бродови и избрана пешадија од Тракијци, Македонци и Склависијани." Овој, пак, факт зборува дека живеејќи заедно на иста територија за древните Македонци и дојденците Словени сожителството станало дел на еден историски процес, кого го карактеризираат и мешањето на два или повеќе етноса на овие простори. Констатирано е дека малку антички градови го преживеале повеќестраното навлегување на Словените на Балканот, во Македонија особено, и дека малку од нив го зачувале старото име. Меѓутоа, "традицијата за античките населби што исчезнале и понатаму се чувала. Таа, покрај другото, живеела и во црковната администрација, каде што новите епископии се јавуваат како наследнички на старите". Истражувањата и проучувањата на археолошките наоди ширум Македонија, го надополнуваат толку забележителното отсуство на напишани докази за постапното, но сигурно испреплетување на духовното и материјално наследство на староседелците Македонци со она што како духовна и материјална вредност го донесоа со себе освојувачките словенски племиња. Истражувањата на Блага Алексова во источна Македонија ја откриваат поврзаноста на двете култури - онаа на Македонците и онаа на Словените: Словените ги прифатиле монументалните споменици на староседелците, па, така, над темелите на македонските храмови долж Брегалница и околу Демир Капија, новодојденците изградиле свои цркви, давајќи му притоа на градежниот материјал чисто словенско обележје: врежување знаци од словенските азбуки и загадочни црти и рецки. Словеномакедонците го преземале античкото културно наследство во мерка и начин што им одговарале и како освојувачи на територијата на која живееле древните Македонци, а и користејќи го правото на наследство преку тесната и трајна заедница на двете популации на овој простор. Оттука и мислењето дека во градењето на историската свест кај македонскиот народ взаемно учествуваат две традиции: онаа на древните жители на Македрнија, античката, и онаа на новодојденците, словенската. Колективното памтење, исто така, може да се користи за да се извлечат одредени заклучоци за тоа како преку усната традиција народот се врзувал за историските личности и настаните од историјата, што ги сметал за свои и кои му биле блиски, на тој начин трагајќи по сопствените етнички и духовни корени. Во голем број случаи, токму врз вакво врзување со минатото, многу народи ја граделе сопствената свест за припадност на строго одреден етнос, повлекувајќи долга и континуирана линија од "она некогаш" до "ова денес". Македонската народна традиција живо го негувала и чувала мистифицираниот спомен за своите предци во народното сеќавање, спомен што тесно се надоврзувал на средновековната култура, истовремено иновирајќи во себе нови елементи и симболи под влијание на современата историографија. Паралелно со зародишот на модерната јужнословенска историска мисла "течел и процесот на обликувањето на целосниот етнокултурен македонски простор". Не задржувајќи се на големиот број умотворби, легенди, преданија за колективното памтење на денешниот Македонец, кога станува збор за неговите корени и длабокото чувство на континуираност на неговата историја, ќе се задржиме на Ѓорѓија Пулески, војвода и учебникар од минатиот век, за кого Блаже Конески ќе рече дека "им дал израз на идеите на македонистите". Пулески, со чувство на гордост и достоинство се идентификувал со славните претходници, Филип и Александар Македонски. Тој нагласувал: "Јас не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Цинцар, јас сум просто Македонец, како што биле Филип и Александар Македонски и Аристотел Филозоф". Глорифицирањето на македонското историско минато, преку кое тој воспоставувал континуитет со славните имиња на древна Македонија, Пулески го повторува и во песната "Самовила Македонска", во која пее: "Дал'сте чуле Македонци, стари људи оту говорат: От Македонци појунаци над них не било - Цар Александар Македонски тристо лета пред Христа Со Македонци сву вселену повладал. Наш краљ Филип, Славјанин је, цар Александар - Славјанин, Наши баби Славјанки ги родиле"... Ова изедначување на современите Македонци со древните македонци по славјанска линија, ќе му користи на Пулески да ги повика Македонците на обединување во борба за ослободувањето од Турците. Македонците во Петроград, во првите децении од 20тиот век дури ќе го искористат и сопственото знаме за да ја нагласат врската на Македонците со старите Македонци: тие во десниот горен агол на знамето ќе го насликаат силниот коњ на Александар Македонски, Букефал. Тоа Македонците во Русија не го прават од незнаење, туку со јасна намера да нагласат дека Македонците се директни претставници на општата духовност и ентитетот македонски. Лидија Славеска ќе заклучи: "Ништо не може да исчезне бесследно, па ни народ, туку само ќе се видоизмени во текот на историските процеси и тој и натаму ќе живее во духот и културата на друг народ". Анте Поповски коментирајќи го доаѓањето на Словените на Балканот и нивната средба со културата и битот на древните Македонци, ќе запише: "Така, античките Македонци, се до нивното претопување во друг етнос, низ целиот трет век по Христа, не се одлепувале ниту од своето име, ниту од името на својата славна македонска татковина. Веднаш потоа почнала и словенската колонизација на Македонија. Тоа значи бил остварен чин на импозантна историска средба на две етнии: македонската античка етнија, која, вкрстувајќи се со словенската, исчезнувала од историјата како самобитна и автогена, и етнијата што ги наследила не само нејзините огништа и нејзината слава, туку по еден неодминлив и непореклив прироредн закон, ги наследила во многу нешта и крвта и поривот на античките Македонци. Таа средба, значи, и натаму останува еден од најзначајните датуми во големиот пролом на вековите на Балканот. Словените, кои заседнаа тука, и античките Македонци, кои низ историски луњи и крв им ја отстапија својата почва, остварија голема епска средба, која низ историјата продолжува да се именува како Македонија. Тоа е колосален факт, зашто претставува одлична надградба и синтеза на две автентични и богати духовни антономии, кои потоа, со многу нешта, ќе ја задолжат и модерната историја". |