|
||||
Венко Марковски: „Македонската култура била премолчувана, преиначена или ограбена“ |
„Ако се спореди стариот грб Самуилов, кој е црвено поле со златен арслан без корона, тогаш ќе се види дека златното е заменето со црно и футите се црвено и црно. Црвеното е симбол на борба, а црното симбол на ропство. И чорапите се шарени со црно и црвено. Друг еден белег важен е во носиите а тоа се токите или пантите. Токите или пазтите се нешто како колан ишарани со разни симболи со сонце највеќе, а таму кај што се соединуваат преставуваат устата на легнат арслан (лав – н.з.). И гледајќи ја македонската народна носија вие не гледате носија, ами дел от оние мрачни години кои поминале како долги, бавни матни реки. Вие сте убедени дека во таа носија е исткаена младоста на Македонија.“ – пишува Венко Марковски Венјамин Миланов Тошев (5.III 1915 – 7.I 1988) познат како Венко Марковски е македонски и бугарски поет, академик на БАН, еден од основоположниците на современата македонска литература. Учесник е во НОБ, член на ГШ на НОВ и ПОМ, член е на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и делегат на заседанието. Во 1948 година ја поддржал Резолуцијата на Инфорбирото, поради што бил затворен во Идризово, а поради поемата „Современи парадокси“ во 1956 година бил осуден на петгодишна робија на Голи Оток. Во 1965 година заминал на лекување во Бугарија, каде ќе остане до крајот на својот живот. Како емигрант бил искористен во политичката пресметка меѓу тогашна Југославија и Бугарија. Бидејќи творел на бугарски јазик, Венко бил проглесен за предавник на македонскиот народ. Инаку, Венко Марковски кој завршил славјанска филологија на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Софија, во периодот од 1944 до 1945 година активно учествува во работата на трите комисии за нострификација на македонскиот литературен јазик. Во овој период, кога меѓу Југославија и Бугарија се преговараше за присоединување на Пиринска Македонија кон Народна Република Македонија, трудот на Венко Марковски за „Македонската култура“ бил објавен во „Македонска мисъл“ (кн. 3-4, год. 1, 1945 г), месечно списание на Македонскиот научен институт во Софија, кое излегувало на бугарски и македонски литературен јазик. Венко Марковски во својот труд пишува со огромна љубов за македонскиот народ, историја, култура и традиција. Тој преку македонската носија, песна, ора и игри, ни ја преставува тагата на многувековниот напатен македонски народ, но и на огромното непроценливо боагство на скриената македонска култура. Говорејќи за македонската култура, кои многумина се обидувале или да ја присвојат или да ја избришат од историската сцена Венко Марковски меѓудругото ќе напише: „Времето е една огромна метла која брише и мете се што ќе најде зафрлено, неоформено и незавршено. На таа метла и се спротивставуваат само оние народи кои имаат свој здрав, културен грб... Мнозина од туѓинците мислеа и за нас како за диво племе. Не сметаа оти сме биле дивјаци, кои штотуку слегле од пештерите, дека меѓу себе сме се јаделе... А за култура ни збор не можело да има. Македонија во културен однос преставува богат рудник, а македонскиот народ преставува жилав и корав даб што ни бури, ни ветрови не можле да го соборат низ вековите. Робијата на македонскиот народ била долга и крвава. Откако сме се кукнале сме заробуеле. Сме биле прегнати во јарем, кој бил полн со трагедии. На нас низ вековите се гледало како на стока за продавање, како на животни за влечење, како на се, само не и како на луѓе. Секој нов господар се чуствувал во нашата земја како роден стопан. Се распашувал и живеал на грбот на народот. Во душата на нашите дедовци и прадедовци се пластела дива омраза спрема туѓинците. Македонскиот народ низ вековите влечел двојна робија. Едната економска, а другата политичка, национална. Која от која била пострашна. Зарем има потешко од тоа кога те мака налегне да немаш на кого да се истушиш? Зар има потешко од тоа кога те солзи задават да неможеш да се исплачеш. Во својата куќа со наведената глава и со преврзано чело со црна крпа да одиш и да не можеш да се сетиш дека си сајбија на своето огниште. Политичката робија беше страшна за македонскиот народ. Но не помалку страшна беше и економската робија. Македонија поради својата географска положба беше кината од жестокиот заб на историјата. Во неа се крстосуваа интересите и желбите на многу туѓинци. Нејзините богати рудници ги мамеа лакомите срца на туѓинците. Еден ли ги грабеше нејзините афиони? Еден ли ги грабеше нејзините жита? Еден ли ги грабеше нејзините тутуни? Наоѓајки се под тешко и жестоко ропство македонскиот творечки гениј не наведна глава. Како подземни кртови македонските безимени творци сееја вера и надеж во македонскиот народ за посветла иднина. Така почнаа да се раѓаат и појавуваат правите песни кои носеа во себе си и огин и барут и беа истовремено и закрилник и одушувачка за напатената македонска душа. ... За да имаме јасна престава за силата на македонската култура требе да направиме анализа на неколку факта и фактори. Прво: Појавата, значењето и содржината на народната македонска песна. Второ: Македонските ора и нивното симболично значење. Трето: Македонските носии како олицетворение на сложеноста на македонската душа. Четврто: Македонската иконографија. Пето: Македонскиот јазик како факт и фактор за изградубањето на културата и шесто: процесот на македонската нација. Ако сите тие работи правилно, праведно и широко го разбере прашањето за македонската култура ќе ни биде многу јасно и ќе можеме со полна сигурност македонската култура да ја заштитиме од непријателот. Докажеме ли дека живее македонската култура, ние со тоа ќе докажеме априори дека живее и македонскиот национален творечки гениј. Македонска народна песна Бриљантот кој свети и кој вечно ќе свети на диадемата на македонската култура е македонската народна песна. Македонската народна песна по мотив и содржина е разнообразна и може да се раздели на: печелабарска, љубовна, свадбарска, јуначка и ајдучка. Печалбарската може да се раздели на печалбарска пред заминување („Жали моме да жалиме") и на печалбарска на враќање („Сите момчиња дојдоа Васкино момче не дојде"). Има уште еден вид печалбарска песна кога невестата гори по либето, го чека, младоста ѝ минува, веќе од ден на ден и постојано вие клетви суви и ја колне јабаната („Пуста да остане мамо мори јабаната”). Печалбарската песна се појавила со самото печалбарство. Печалбарите ја напуштаа својата таткова земја не затоа дека таа не е богата и дека не може да ги израни, ами за тоа дека таа е заграбена от новиот сајбија. Ропството и социалната неправда се причина за појавувањето на печалбарите. Љубовната песна е многу стара песна ... и може да се раздали на: лично љубовна („Пило се опило едно лудо младо на меана било"), на копнеж по либето или по изгората („ја ме учи, мамо ја ми кажи, пуста младос не се лаже") и на песни во кој либето или загинало или болес го покосило. Љубовните македонски народни песни се полни со неискажана тага. И тогаш и кога се весели тие носат една скриена затаена внатрешна мака („Севдалино мало моме, уште ли си дома седиш"). Јуначката народна песна е постара песна. И може да се раздели на далечна јуначка песна како што е песната за „Дете голомеше" каде личноста е јунак, не со историска физономија. На поблиска јуначка песна каде јунакот е историска личност („Црна се чума зададе"). Не ретко се сретнува образот на жената - војвода, на жената - комитка и на жената - бунтовник. Јуначката песна е епична и широка песна и тече спокојно. Но има случаи кога се нарушува тоа спокојство како што е во „Татунчо страшен војвода". Ајдучката песна е поопределена јуначка песна. Личноста на ајдучката песна е дејствителна. Ајдучката песна се јавува со појавувањето на првите чети и во повеќе случаи го воспева стихијното бунење на оделни личности кои избегале во планината, грабнале пушка да се борат за слобода и правда на својот народ. По драматизам и по чувство на човечко достоинство и лична храброс и по воспитување ајдучката народна песна стои на високото место. („Оздола идат бабо сејмени ајдучка глава бабо носеа"). Свадбарската песна е интересна и по мотив и по содржина и по исполнување. Свадбарската песна полна е со елементи што изненадуваат („Женил се Петре војвода"), по мотив е една од најстарите песни. „Вујко се жени за внука от сестра" и многу др. Македонската народна песна е со многу разнообразен и сложен ритм. Типичен македонски ритм е во 7/8 како што е „Женил се Петре војвода". Се сретнува и мешан ритам како например 7/8 и 5/8 - „Бог да убие Дебрани." По ритмот можеш да го откриеш содржаната на песната. Длабока како што се морските длабочини, широка како што се степските широчини, и висока како што се планинските височини, македонската народна песна е во истовреме исполнета со неповторена искреност. Нејзината бескрајна и иронична тага која е мрачна и тешка како што е тешка и мрачна самата робија во чии пазуви е изпеана, не може со спокојно срце да се ислуша. Нејзиниот ритм и такт, ту игрив, ту спокоен, ту накршен, ту одвлечен, не напомнува на друга песна. Нејзината скриена носталгија по родниот крај како што се печалбарските песни, е потресна. Мнозина се обидуваа во минатото да ги пребојадисат тие брилјанти. Мнозина се обидуваа да ги нагодат, да ги приспособат во духот на својата народна песна. Но како што неможе ехото да се сокрие, неможе и песната да се загуби. Песната си ги запази сите оние особини, кои и порано ги имаше. Таа личеше на млада лична мома на која времето и ветровите ѝ ги разбушавиле косите и елекот ѝ го разкопчале. Силата на макед. народна песна е во рецитативот. Познати се Лазарополците како мајстори на исполнување на народната макед. песна. Македонски ора и игри Втор брилјаит кој свети и кој вечно ќе свети на диадемата на македонската култура се македонските народни ора и игри. Македонските ора носат во волната смисол на зборот печат на македонската душа. Ората се во повеке случаи пропратени со зурли тапани или со мешници. Ората се тешки и лесни. Тешките се полни со мрачност и болка. Нема потреба да ги слушаш свирките за да разбереш кое оро што кажува. Тешките се сврзани со одењето на печалбарите. Кога се играат тешките ора вие во самото бавно и тешко кревање на нозите гледате дека некоја грозна мака се загнездува на срцето, ја сеќавате со целата своја сила делбата и трагедијата која се одигрува на јабана. Пајдушката е повесело македонско оро и богато со внатрешен ритам и динамика. Типично македонско оро е „Чамчето". Интересен е македонскиот народен танц „Русалии", полн со мистика и преставува духови (вили, самовили,) и играта на тие духови. Се игра за да се запази народот от злото. Русалиите се волшебните предвестници на балетот. „Русалиите" се многу пластична и богата игра и подсетуваат на „Нестинарките". „Русалиите" се сочувани во село Богданци, Гевгелиско, Струмишко, Кукушко и на други места. Македонска носија Трет брилјант кој свети и кој вечно ќе свети на диадемата на македонската култура е македонската народна носија. Најтипично во носиите е: забрадката, која преку глава се забрадува. Забрадки има неколку: забрадка на мома, забрадка на омажена, и забрадка на вдовица. Моминската забрадка е префрлена само преку главата, а за да се префрли слободно има нешто како прачка по среде на главата. Моминската забрадка поминува под прцлите кои се зад вратот, затоа дека се мисли ако се видат прцлите тогаш не е чесна момата. Моминските забрадки се бели (Егејска Македонија), шарени (дебарска околија). Жените носат модри и слабо пенбелии забратки. Ги криат прцлите и над самото чело се преврзуат. Челото го држат отворено. Вдовиците не прават прцли и се забрадуваат до самоти вегите. Челото им е тукуречи покриено. Момите носат ф’стан и елек. Елекот им е доста отворен за да им се види везената кошула. Жените носат позатворен елек. А вдовиците сосем затворен елек и се повеќе во црно. Интересен белег на носијата е скуталето, футата или прегачи како ги викат во Дојранско, Гевгелиско, Тиквешко и Струмичко. Боите на футата имат големо симболично значење. Ако се спореди стариот грб Самуилов, кој е црвено поле со златен арслан (лав) без корона, тогај ке се види дека златното е заменето со црно и футите се црвено и црно. Црвеното е симбол на борба, а црното симбол на ропство. И чорапите се шарени со црно и црвено. Друг еден белег важен е во носиите а тоа се токите или пантите. Токите или пафтите се нешто како колан ишарани со разни симболи со сонце највеќе, а таму кај што се соединуваат преставуваат устата на легнат арслан. И гледајќи ја македонската народна носија вие не гледате носија, ами дел от оние мрачни години кои поминале како долги, бавни матни реки. Вие сте убедени дека во таа носија е исткаена младоста на Македонија. Венко Марковски кога говори за македонската култура не може а да не ја спомне македонската иконографија, македонската книжевност и да не говори за македонскиот јазик и неговите белези. За него е јасно како бел ден дека македонската култура била премолчувана или преиначена или ограбена. Не еден во минатото се обидувал и се мачел да пронајде блискост и роднинство со Македонија, за да ја придобие, а ако тоа не го можел тогаш се обидувал да ја уништи, вели Марковски во својот труд „македонска култура“. ( извор: „Македонска мисъл“ кн. 3-4, год. 1, 1945 г.) Македонска нација продолжува |