|
||||
ПРВЕНЕЦОТ |
(Поема посветена на македонскиот народ)
Првенецот прв венец носи, венец набран од свети карпести листови, од стари писма, од старо-нови гранки, од плодови ранки, од непресушно Сушево, од безбрежна Брегалница до запалено Крушево. Венец за здраво-разумски глави, за умни лица, за лицеуми, за здрави гради... Венец за награди по умножени, за вечност вложени великородни родови, крстен за права слава на своите први и славни дела на одбраната на верата во иднината. Првенецот извишува умислено чело, гради градини на народното дело, од лулка до гроб дели сила, дели волја за делување, за натпреварување дели ука, укажува на исконски упатства за верни следбеници на горливиот корен на учењето за волшебен плод на знаењето. Венец сплетен од народ сплотен, спремен е за Првенецот - дар за истрајноста милениумска, децениска, денска, везденска... И народот и Првенецот нови кругови раст и развој ги чекаат. Првенецот од народот продолжува, не се жали од земни, подземни, надземни замки и јамки, од домашни и од надвор-нински предавници. Влекачите влечат кон низини нечисти, и бесрамни се силат лажно-важните. Првенецот, носител на венецот народен - не се фали со надземни пораки дека само тој е единствениот прв, прав прогресивен, авангарден, незаменлив, у-правител на уредувањето. Првенецот, уриван, угнетуван, уценуван, не продаде златен, здрав плод од здрав круг на здравата, права, првобитно битна почва, здрав звук, неизгубен здив на времето, здрав дух за траењето на здравото тело на бдеењето за опстанување, со поглед кон вистините на висините, кон лицето и умот на мудроста од историја сторена, во современост пристигната, со простување, со мир и моќ - да се надминуваат деноноќија на демонкратски немири, за спас од нова тиранија, и за чување на нашите траги во светот с-виен од смртни лаги, зовриен од тортури, свет без светост. Првенецот моќ и мир мери на бого-човечни ваги: Ис-трајност, Божји траги мери во нашите гени. Првенецот пак од себе му го дарува венецот на Родот свој, во одот по остро светнати карпи. Врвот, бесценета круна на дрвото на нашиот идентитет - му е целта, таа круна сончева корона со време да не остане ни туѓ ни затемнет идентитет без виза кон својот роден имунитет - нашето сонце неодбрането да не го демнат, недокажано да не го откажат од средба со виделината. Првенецот за да ја носи круната на дрвото на животот пред очи на правдата - вистината Божја. Во секој сајбер простор Првенецот наш чуда да расне по мисловно/духовни полиња на Македонија Првенецот со венец на првата и права убавина: вистината за висината на нашиот зачуван род. |