|
||||
Живописот во Марковиот манастир потсетува на модернизам |
Марков манастир е сместен јужно од селото Маркова Сушица, по долината на Маркова река, на 20 км од Скопје. Во минатото монашкиот живот бил мошне активен во овој манастир и тој бил еден од најзначајните културно просветни и книжевни центри. Во почетокот на XIX век негов игумен бил познатиот македонски просветител Кирил Пејчиновиќ (1801 - 1818), кој тука ја напишал својата книга „Огледало“. Меѓутоа, манастирската библиотека била разграбена, а манастирот станал засолниште на разбојнички банди кон крајот на истит век. Денес во манастирот е обновен монашкиот живот. Во своите описи за манастирите на почетокот на XIX век, Георги Трајчев го сместува Марковиот манастир – Св Димитрија во сиромашните манастири во Скопската околија. Тој во својата книга „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), за Марковиот манастир пишува: „Во местото каде Маркова река излегува од тесниот дол на горното течение, при полите на планината Црн врв, од левата страна на реката се изграден манастирот Св Димитрија. Тој е 4 часа јужно од Скопје. Местото на манастирот не е многу широко. Целиот двор е обиколен со ниски стари згради. Само на западната страна се издига трикатно здание. Во средина на дворот е црквата. Таа е стара, мала, со една купола и со мал нартекс. Не e познато кога и од кого е основан овој манастир. Преданиата не се сочувани, а документите и старите книги биле уништени од еден игумен по наредба на скопскиот грчки владика. Се раскажува дека црквата по својата градба, по украсите со полилеј и друг прибор, многу наликува на св. Климент Охридски... Иконите и другите слики се направени или обновени од … Волкашин и Крали Марко. Според полуруинираниот натпис на една плоча, која стои близу до олтарот од внатре, манастирот е обновен од Крали Марко, „со неговиот брат Андреја и неговата сестра Елена во време на благоверниот цар Стефан“. Во овој манастир бил игумен Кирил Пејчинович, кој добро го средил. Грчкиот владика, сепак, не можел да го трпи … Кирил за игумен и тој требало да го напушти манастирот за да не биде убиен. По него дошол за игумен Влав, кој изгорел до 10 товари славјански книги. Некогаш манастирот бил богат, но кога го посетил Ѓорче Петров, тој бил запуштен. На околу манастирот нема ниту едно село. Сместен на патот за тешко проодните и диви скопски планини, населени со арнаути и полни со разбојници, тој служел за нивно (на разбојниците) сврталиште. “ – пишува Трајчев. Во продолжение авторот ни дава интересни податоци за овој манастир, каде живописот е толку различен во одделните зони, што дава можност за различно толкување како во однос на авторите, така и во однос на времето на живописувањето. Така тука се смета дека еден дел живописот е од еден зограф, а друг од друг зограф и тоа работен во разни временски периоди. Со оглед дека манастирската црква има двајца ктитори Волкашин и Крали Марко, некои сметаат дека се работи за зоографска тајфа. Зачуваниот живопис, со живи бои и правилни линии, како што вели авторот, потсетува на модернизам. Во овој контекст тој ќе забележи: „На неколку стапки од манастирот, од двете страни на реката, стојат една спротив друга две стари цркви – св. Никола и св. Богородица, за кои се зборува дека биле направени од сестрите на Крали Марко... Манастирот е заграден со ѕидови. Влезната порта е голема и води кон голем двор, заобиколен со згради за гости и служители. Црквата е со 6 столба и големо кубе. Таа е од групата куполна, крстовидна, тип “напишан крст“. Градена е врз основите на стара црква, од типот на Герман. Првоначелната градба била без нартекс. Куполата лежи меѓу четирите цилиндрични свода на рамената на крстот. Мавродинов ја датува црквата околу 1350 година. Ѕидана е со песочни плочи во разни бои, па има живописен изглед. Орнаменти нема освен шарените тули во разни фигури. Кубето е зачувано со својот првобитен покрив и со бакарен крст. Сите останати делови се покриени со олово. Корнизата е од комбинирани зигзаговидни тули. Корнизата околу вратата е од мермер. Од јужната стран, кон црквата е изграден параклис од подоцнежна дата, а од западната страна придодаден е широк трем, соѕидан од некој Турчин, чија ќерка добила изцелување од манастирот (била излечена – н.з.). Над два метра височина живописот е стар, а долу по цоклите – насликан со маслени бои во 1894 година, во времето на митрополитот Максим. Зачуваниот живопис, со живи бои и правилни линии, потсетува на модернизам. Има и полупрофили слободно и убаво насликани. Од кубето се спуштаат осум синџири за полилеј... Има и трпезарија испишана со живопис. Волкашин го обновил тој манастир, а по неговата смрт син му Марко го довршил и затоа бил наречен Марков манастир. Тука биле ликовите на таткото и синот. Под кубето се спушта бронзен полилеј со 8 синџири. Во народниот музеј се чита: „Бронзен полилеј, подарен на Марков манастир, при Скопје од прилепскиот владател Волкашин, татко на Крали Марко. Од Марковиот XIV век. Според П.Н. Миљуков црквата во Марковиот манастир е еднокуполна градба од XIV - XV век. Градена е со камен и тули и со орнаменти од тули на внатрешните ѕидови по апсидата. Покривот е оловен по заокруглените делови. Внатре во црквата особено по небесниот свод се забележуваат стари фрески. Во олтарот се забележуваат фрески со грчки и славјански написи. Плочата пред св. Престол, имала по средината двоглав орел, од страна лавови клекнати за задните нозе. По мислењето на Среткович – тоа било дел од надгробната плоча на крал Волкашин... Српскиот историчар, П Среткович и по него рускиот конзул Јастресбов виделе во манастирската црква надпис за основање и возобновување на манастирот, кој гласел дека манастирот е обновен „.........“ од крал Волкашин и благоверната кралица Елена и синовите и ќерките и дека го започнал во 1345 г., во деновите на благоверниот цар Стефан и Христољубивиот крал Марко. Проф Јордан Иванов наоѓа, дека во посочениот натпис има недоразбирање и анахронизми бидејќи во 1345 г., ниту Стефан царувал, ниту Марко кралствувал, поради што се мисли дека тој натпис е направен подоцна. На големиот полилеј подарен од Волкашин на манастирот, имало бронзени ажурени дискови со името на ктиторот – дарител. Еден таков диск се наоѓаше во Скопската Митрополија. Втор подобен егземплар имало во Белградскиот Арх. Музеј...“ – пишува Трајчев. Инаку, најважен сочуван изворен документ за изградбата во Марковиот манастир претставува натписот над јужниот влез внатре во црквата, кој дава податоци за изградбата на манастирската црква и нејзините ктитори. Натписот ја има следната содржина: „Се обнови овој пребожествен храм на светиот великомаченик христов победоносец и чудотворец Димитрија, со усрдието и поспешението на благоверниот крал Волкашин и со благоверната кралица Елена и со премногу љубените нивни ќерки и синови благоверниот крал Марко и Андреаш, Иваниш и Димитар во годината 1377. А овој манастир почна да се ѕида во 1345 во дните на благоверниот цар Стефан и христољубивиот крал Волкашин, а се заврши во дните на благоверниот и христољубивиот крал Марко.“ Втор изворен документ претставува полилејот на кого се излиени букви со имињата на ктиторот како и за дел од историјата на црквата. Историјата на манастирот ја надополнуваат и записите испишани на столбовите и на ѕидовите на црквата. Еден таков запис е видливо врежан на северната фасада од црквата и северозападниот столб во наосот на црквата со името на нашиот македонски просветител Кирил Пејчиновиќ кој бил и игумен на манастирот на почетокот на XIX век од 1801 па се до 1818 година. Тој во Марковиот манастир ја напишал неговата книга „Огледало“, а основал и училиште. Во Марковиот манастир, како што вели авторот „имало и стари книги, но се разграбени...“ Така Трајчев во продолжение ќе забележи: „Од Марковиот манастир е изнесен и зборник од XIV век, со многу важни статии од старо-(македонската –н.з.) книжнина, чуван сега во Хлудовата збирка во Москва. Надпис со острица на камена плоча во црквата од Кирил Пејчиновиќ: Кирил иеромонах игумен недостојни во Марков манастир – лето ... (1801)... Во минеи од XIV - XV век изнесен од Марков манастир, сега во Хлудовата збирка во Москва на л. 150 се наоѓа две белешки, едната од 1799 од игуменот Хрисант, другата од 1802 година од Кирил Пејчиновиќ. Хрисант се жали од скопскиот митрополит Антим, кој бил голем среброљубец и не ги штедел ниту црквите, ниту сиромасите, ниту вдовиците и др. И.К Пејчиновиќ се жалел од насилството на властите во манастирот... Белешката од 1881 г. од Кирил Пејчинович на втората корица од пендикостар од 1398 година, пишуван од Евстратиј при султанот Бајазит. Ракописот бил познат во Шишевскиот манастир св. Никола. Од таа белешка се гледа дека уште во 1801 година Кирил бил игумен на Марков Манастир, но не ги заборавал и другите манастири во северозападна Македонија и често ги посетувал и одбележувал по ракописи и по ѕидови за својата посета.. Белешки од 1807 г. од К. Пејчиновиќ има во Иловачката кормчија од 1262 г. Ракописот купен од Миханович, сега е во Загребската академија: Препишав се јас Кирил игумен на Марковиот манастир на светиот Димитар. Тетоец (1807) при митрополитот кир Антим. Други белешки во ракопис во Марковиот манастир пишувани од Пејчиновиќ во 1801 годиа е дека во Скопје бил митрополит Антим и (турскиот воен управител – н.з.) забитин Али бег, а во 1807 г. есента умрел Али бег. Во 1811 се јавила друга ѕвезда... Уште пишани белешки во Марковиот манастир на панагирик се наоѓаа во Скопската Митрополија. На 2 – б. Лист, се вели дека книгата „ја повезал Скопскиот митрополи Теодосиј во 1641 година“. На корицата белешка (1668), „дека панагирикот бил од Тимотеј“. Белешка од 1812 г. на Апостол од Марков манастир, сега во Софиската Н.Б., кој гласи „дека книгата е потпишана од Алекса од Зубовце“. Во тој манастир е напишана книгата „Огледало“ од игуменот Кирил Тетоец Пејчиновиќ, печатена во 1816 година..“ – пишува Трајчев во своето дело „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.). Денес во манастирот е обновен монашкиот живот. |