|
||||
Манастирите на падините на Скопска Црна Гора |
На падините на планината Скопска Црна Гора има повеќе манастири и цркви поради што овој предел во минатото населението понекогаш го викало Скопска Света Гора. По неуспехот за возобновување на Охридската архиепископија и формирањето на Егзархијата во 1870 г., кон крајот на XIX и почетокот на XX век се водела вистинска војна меѓу приврзаниците на Егзархијата и Цариградската Патријаршија за тоа кој ќе владее со овие манастири и цркви. Георги Трајчев во својата книга „Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), во кратки црти ги опишува овие манастири и борбата на српската и бугарската пропаганда за нивно владеење. Манастирот Св. Илија – с. Мирковци - Селото Мирковци (Општина Чучер Сандево) се наоѓа на падините на Скопска Црна Гора, југоисточно од селото Кучевиште и југозападно од селото Бањани. Селото е оддалечено од Скопје околу 10 километри. На јужната страна од селото се наоѓа излетничкото место Чардак и манастирот Св.Илија кој плени со својата убавина. Манастирот е изграден пред почетокот на Втората Светска Војна, на местото кадешто постоеле остатоци од стариот манастир. За овој манастир во триесетите години на минатиот век Георги Трајчев ќе напише: „Близу до селото Мирковци, кај месноста Сливовик, на растојание два часа од Скопје, се наоѓа Мирковскиот манастир Св. Илија. Тој е основан во 1879 година од ... монахот Софрониј, родум од селото Мирковци, на сопствено земјиште кое го владеел со тапија, како целосен сопственик, и кој по смртта премина како целосна сопственост на син му Иван, кој останува управител на манастирот. Благочастивиот монах го гради манастирот од религиозни побуди – за спасение на душата и да стави крај на прогонувањата на кои беа изложени (егзархистите) од скопско по создавањето на Егзархијата, а кои одеа на поклонение во патријаршискиот манастир св. Илија во село Бањани, на оделеченост од 1 час од Мирковци. Софрониј поради тоа со умисла го нарече манастирот Св. Илија, за да ги отргне посетителите од Бањанскиот манастир св. Илија. До 1905 година србоманите (патријаршисти) го посетуваа Бањанскиот манастир Св. Илија. По таа година, охрабрената пропаганда од својот успех да ги посрбува селата, со скапи поткупи и содејство на турските власти, намислува да стави рака и на Мирковскиот манастир, кога ги тера србоманите да го посетуваат (егзархискиот) манастир и да бараат учество во службата, управување и т.н. Така се поставија основите на жестоката борба за владение на манастирот, која борба продолжи до крајот на самата турска држава – 1912 г. Соборот станува на „Светли Петок“ и на св. Илија. ... На 29 март 1912 година, на соборот во Петок на Велигден, србоманите предводени од протата на скопскиот српски владика и службеници од српскиот конзулат, се сместуваат во манастирот од вечерта како стопани. Само на силните протести на егзархиската митрополија и ... населението, беа спречени српските стремежи. Сепак, власта тврди дека манастирот не бил владеен со официјални документи ниту од егзархијата, ниту од патријаршистите, затоа мора да има алтернација (мешани – н.з.) во службата и управувањето со манастирот. Бидејќи манастирската црква е многу мала, таа е едно параклисче од стара црква, а манастирот е многу популарен со својот извор на вода, егзархистите решиле и се подготвуваа да градат нова црква. Но и тука властите смислено попречуваа, за да не се допушти со тоа правото на егзархистите на полновластни господари на манастирот. Манастирот е основан пред 60 години (околу 1873), по право е возобновен и поради изворот на лековита вода стана доста популарен и беше масовно посетен од градското население. Тој беше во владение на егзархистите, но бидејќи во селото Мирковци имаше србомани, последните искажаа претензии за манастирот. По Хуриетот (1908 г.) комисијата по спорните црковно-училишни имоти, го призна манастирот за егзархиски.“ Манстир Св. Богородица – с. Побожје - За средновековниот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“ (XIV – XV век) во близина на селото Побожје(Општина Чучер Сандево), во кој се наоѓаат прекрасни фрески, Трајчев во кратки црти тогаш ќе забележи: „Три четврти час над село Побожје се наоѓа богатиот манастир св. Богородица, со годишен доход до 200 турски лири. Црквата е мала, зидана со плочести камења. Живописот е нов. Соборот се одржува на Мала Богородица. Над влезната врата од надвор, над еден од зидовите, на црквата стои натпис од 1500 година Голема и жестока борба се водеше со српската пропаганда за владеењето со тој манастир...“ Манстир Св. Архангел – с. Кучевиште - Кучевишкиот манастир се наоѓа на падините на Скопска Црна Гора, веднаш над скопското село Кучевиште. во живописната долина на Кучевишката Река, на едно проширено плато. Во XIX век манастирот ја доживеал својата преродба кога станал богословски училишен центар со богата библиотека и вредни предмети за богослужба. Во манастирот, на гости или како учители, доаѓале видни луѓе од сосетството, како и светогорски и руски монаси. Во време на Балканските војни во 1912 година за одреден период животот во Кучевишкиот манастир згаснал. Авторот на книгата „Манстирите во Македонија“ за овој манастир вели: „Над село Кучевиште, ¾ часа растојание, е расположен во убава месност во сред густа гора, манастирот св. Архангел. Здравата клима, убавата вода и пријатната природа ги тера мнозина скопјани да го посетуваат тој манастир. Црквата е изградена со бигорлив камен и тули. Покриена била со олово, а сега само кубето. Останатиот дел од покривот е со керамиди. Ѕидовите се шарени со тули и орнаменти. Живописот е нов, а во нартексот е од XVII век. Над манастирската врата има надпис од 1641 – 1631? (Кондаков, ибид), а над црковната врата има натпис од 1701 г., кога се случило презографирање. Во Кучевишкиот манастир се подвизувал во 1843 година Арсениј, соселанец на Кирил Пејчинович и негов соработник. Тука Арсениј оставил ракописна белешка, сега во Хлудовата збирка во Москва... Црквата е крстовидна, куполна, светла од типот „впишан крст“. Нартексот и изграден подоцна. Наосот е правоаголен. Куполата лежи на 4 –те цилиндрични сводови на крстот. Апсидата е пространа. Таа црква по планот, распределувањето на сводовите, надворешните украси, покрива и куполата, ги продолжува традициите на св. Климент. Црквата не е датирана. Г-дин Мавродинов ја сместува кон крајот на XIII или почетокот на XIV век (ибид). До 1878 година манастирот беше егзархиска и бил главно упориште на македонските егзархисти во тој крај. Тука имало училиште, чиј воспитаник бил ..митрополитот Натаниел, родом од тоа село.“ Старите манастири изградени на падините на Скопска Црна Гора се од делкан камен со вметнати цигли во редовите. Тоа се претежно владетелски манастири од извонредна вредност, градени во 13 и 14 век. Георги Трајчев, кој во кратки црти ги отсликува и другите манастири изградени на Скопската „Света Гора“ и говори за борбата на пропаганда за владение со овие манастири, во продолжение на наеговото дело ќе забележи: „Манастир Св. Спас – с. Чучер - Над селото Чучер, кај селото Горњани е манастирот св. Спас, полуразрушен. Црквата е изградена од архиепископ Данило (1308 - 1316). Таа е крстовидна, куполна, како кучевишката и Св. Климент. Во селото Побожје е најден стар ракопис каде се зборува дека тој манастир имал три игумени: еден од Косово – Србин, друг од Тетовско – грчки и трет од бугарската земја. Со славјански натпис имало една плоча во ѕидовите на манастирот, но била уништена од шовинистот Милоевич кој преблечен во мајсторски алишта ги обиколувал тие места (Материјали 536). Североисточно од село Чучер (Скопска Црна Гора), на 1 и ½ час растојание во планината било старото село св. Спас, по кое името го носи манастирот, при истото село.. Тој манастир остана србомански. Св. Илија – село Бањани - Кај селото Бањани, половина час над селото, во живописна околина се наоѓа манастирот Св. Илија, некогаш многу богат (Материјали 537). Црквата е мала од XIV век, со нов покрив и нов живопис... До 1890 година црквата беше под ведомство на Егзархијата, заедно со Побошкиот (св. Богородица), Горњанскиот (Св. Никола), како приходите им се прибирале од егзархиската црковна општина (Митрополијата). По смртта на игуменот, на чие име беа тапиите на манастирскиот имот, последниот се објавува од власта за (без наследство) и власта го распродава. Започнал спор со селото за владение на тој имот, во кој селаните бараа поткрепа од Цариградската патријаршија, од каде им се даде право за владеење на тој имот. Така станува патријаршиски, а подоцна во 1895 година – србомански. Св. Никола – Љубански - Источно од селото Љубанци, ¾ час над селото се наоѓа манастирот св. Никола, расположен во долината на Мала – река, сред густа гора при село Љубанци и два и пол часа северно од град Скопје. Манастирот е нов, изграден околу 1800 година. Се раскажува дека на истото место имало стар манастир. Селанецот Бојко Раев се загрижил за изградба на нова црквичка, која постепено се издига во манастир со имоти, згради и се посетува од гости. И овој манастир е во Црногоријата. Црквата е мала за 30 – 40 богомолци, со корабна форма. Тука скопските првенци во време на преродбата се собирале на советување со преставници од целата околија, каде се носеле важни решенија. Во 1870 година, синот на Бојко Раев – Сокол бил заклан од арнаути, поткупени од грчкиот владика Паисиј, поради неговиот патриотизам. По две недели поради истите причини бил убиен и неговиот брат Илија... Последен игумен беше монахот Јоаникиј, убиен од турците во 1911 година. Св. Никола – Горњански - Полуразрушен во крајот на минатиот век (XIX в.). До селото Горњани расположен е манастир во една убава околина... Црквата е мала, селска – енориска. Таа е светла, со кубе од XIII - XIV век. Соборот се одржува на 28 септември, по Крстовден... Св. Георги – Кучково - Во Црногорското село Кучково, ... поранешни патријаршисти, кои никогаш не се откажале од Патријаршијата, е расположен манастирот Св. Георги. Црквата е стара. Таа датува од XIV век, кога селаните се преселиле од кај Митровица. Црквата е селска енориска. Св. Благовештение – с. Бањани - Манастирот Благовештение е над селото Бањани, северно, час и половина одалечен, во една ридска месност, обрасната со гора. Тој е втор манастир околу истото село. Црквата е стара, но мала за околу 100 души богомолци, со корабовидна форма. Има наоколу згради. Во минатото владеел со чифлици во селата Ново Село и Орман, кои подоцна биле присвоен од турските бегови.“ Во минатото во Скопска Црна Гора имало многу свештеници и калуѓери. Тука работеле и прочуените македонски зографи (Дичо Зограф), па по црквите се сретнуваат и фрески на кој е преставен Александар Македонски (Св. Ѓорѓи, Бањани). Во Скопска Црна Гора се наоѓаат уште и остатоци од тврдини, кули, гробови и друго. Всушност нема село каде нема по неколку културно-историски споменици. |