|
||||
Градот на Свети Никола во Овче Поле |
Овчеполската котлина е простор кој заслужува огромно внимание и разумно употребување на ресурсите со кои што располага. Различни цивилизации овде живееле уште илјадници години пред нашата ера, а континуитетот на населеноста потврдува дека човечкиот род тука секогаш имал барем минимални услови за преживување. Податоците од минатото покажуваат дека и покрај многуте земјотреси, поплави, војни и болести, не секогаш условите за живот биле лоши. Уште од раниот неолит, преку антиката, раното христијанство и средниот век, во Овче Поле постоеле населби кои биле развиени и успешни во вековите во кои што живееле. И во втората половина на 19от век се забележува брз подем и развој на населбата Свети Никола, кога градчето и официјално добило пазарен ден и од село станало град. Градежните активности во 70тите години на минатиот век се последни од таков обем, а покрај денешно Свети Николе уште од памтивек поминувале многу патници, трговци и кираџии. Во дамнешни времиња, многу војски поминувале по древните патишта изградени уште во антиката. Покрај денешниот град поминува новиот автопат кој сеуште е во изградба и треба да биде пуштен во употреба наредната година. По изградбата на патиштата во Овчеполската котлина пред триесетина години, ова е прв сериозен потфат, кој ни дава за право да размислуваме за иднина во која градот Свети Никола би можел да ги зачува вредностите од минатото и успешно да ги употреби придобивките од векот во кој живееме. Најавениот карго аеродром во Овче Поле би можел позитивно да влијае на работата на сите во регионот, а неговата изградба се очекува откако ќе биде завршен автопатот. Потребно е создавање на откупен центар и обезбедување на квалитетно семе за земјоделците, како и поголема помош за сточарите и напори за зачувување и зголемување на бројот на посебниот вид овца Овчеполка, со што од ново ќе може во големи количини да се прави посебното Овчеполско сирење. Присуството на термални води, како и големи количини на жива вода треба да почнат разумно да се употребуваат. Силниот ветер кој дува од четири страни и непроценливата вредност на огромниот број сончеви часови во годината се ресурси кои ветуваат посветла иднина доколку бидат употребени во согласност со природните правила. Големиот број на археолошки локалитети е огромен туристички потенцијал на Овче Поле и со современ пристап и начин на презентација можат и те како да влијаат на целата економија во регионот. Доколку биде пуштена линија од гасоводот кој поминува на само неколку километри до денешно Свети Николе, ова место за релативно брзо време би можело да почне да живее на начин соодветен на 21от век. Името…младите знаат да се пошегуваат дека живеат на три места истовремено – во Свети Николе, Свети Никаде и во градот на Свети Никола. Некои од старите кажуваат дека Свети Николе е некаков дијалект, начин на говор, израз кој останал од минатото, а други дека градот си се вика Свети Никола. За волја на вистината, Свети Николе е останато од српското “град Светог Николе”, што може да се потврди и преку многуте стари карти, книги и печати од пред втората светска војна. Враќањето на вистинското име на градот – Свети Никола, со сигурност ќе донесе убави промени во начинот на кој живее ова место, но и целиот регион. Со враќањето на вистинското име од Чудотворецот, би можеле да се збратимиме и со Бари во Италија, каде што се моштите на Свети Никола, па потоа тие да нè посетуваат во декември, а ние нив во мај, кога се празнува Летен Свети Никола. 19ти декември годинава е прекрасен ден за оваа работа, кога на Свети Николе може да му се врати името Свети Никола и со тоа и официјално да биде единствениот град со име на светец во Република Македонија. извор - https://nikolaristevski.wordpress.com/2016/10/29/gradot-na-sveti-nikola-vo-ovce-pole/ текст, фотографии, карти и мапи – Никола Ристевски |