|
||||
Св. Архангел – Варош меѓу најубавите културни споменици во Македонија |
Варошкиот манастир „Св. Аргангел Михаил“ вгнезден во величенствениот гранитен камен над прилепскиот Варош се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија. Легендата говори дека потеклото на манастирот започнува во X век, кога некој ученик на св. Климент Охридски се населил во некоја од карпите каде водел осаменички живот. Времето го датира и мермерниот столб со кириличен натпис од 996 година (втор најстар натпис) кој е употребен во изградбата на единствена манастирска црква говори за култно место. Денес тој е дел од Преспанско – палегониската епархија. Меѓу XI и XIII век црквата била повеќе пати градена и разурнувана. Врз основа на извршените истражувања се смета дека кон XIII век Великиот хартулариј на Западот Јован повторно ја изградил и посветил на св. Архангел Михаил. За тоа сведочи фреската на западната страна на црквата на која ктиторот Јован во рацете држи модел на црквата. Подоцна, прилепските владатели Волкашин и Крале Марко ја обновиле црквата за што сведочат фреските на влезот. Денешниот изглед на црквата, со исклучок на западната страна потекнува од 1861 година кога е извршена последната поправка. Тогаш освен црквата биле подигнати конаци, камбанарија и поставена плоча на која се говори за обнова на црквата. Во својата книга .„Манастирите во Македонија“ (Софија, 1933 г.), авторот Георги Трајчев кој е родум од Прилеп за Варошкиот манастир „Св. Аргангел Михаил“ ќе го запише следното: „Манастирот св. Архангел се наоѓа над селото Варош, одалечен на растојание од 15 минути. Погледот од него е величествен. Од него се гледа како на дланка целото Прилепско Поле, посеано со многубројни села од кои се белеат беговските кули. Во очите на набљудувачот право на запад се гледа одразот на зраците од источниот изгрев на сонцето по стаклата Крушевските куќи, опстојувајќи така 5 – 6 часа. Во десно се Поречките планини, а во лево – Селачките планински ограноци. Манастирот се вгнездил како орлово гнездо на карпата Маркови кули, која вертикално се спушта над него. Во старо време, сигурно манастирот бил монашка обител, скриена под силната заштита на непристапните замоци.На местото на манстирот во старо време имало само црква, околу кој се наоѓал брестова гора. Старите луѓе раскажуваат дека варошанецот Коне Гуцуле берејќи плодови од брестовите паднал и се отепал, а старите баби раскажуваат дека црквата имала извор од кој полнеле вода. Тогаш црквата била еден кат, женското одделение било преградено со ѕид во западниот дел. Внатре ѕидовите биле зографисани со светци, во природна големина. За да се изгради манастирот дала повод прилепчанката Марија Ешкеровска. Таа била наша соседка и раскажуваше дека на сон видела светец кој ја поканил да отиде во село Варош, горе кај црквата, да седи таму и да ги убедува луѓето да се отвори тука манастир на името на св, Архангел. Со голем труд и постојаност баба Марија успеала да ги убеди селаните. Манастирот почнал да се гради. Тогаш се преправила и црквата. Долниот кат се зачувал, се изградило само женското оделение и до него висока камбанарија. Околу црквата имало три зданија: едно на севоро-запад, другото на северо-исток, а третото на југ од него. Првото здание има 10 големи, широки и светли соби, од кои 6 се направени од еснафите: бојаџиски, самарџиски, јорганџиски, кантаџиски, терзиски и тутунџиски, за што сведочат надписите со еснафски имиња на секоја врата. Втората зграда има две соби направени од село Тополчани. Третото одделение има 4 соби изградени од децата на хаџи Илиовци. Сите згради се двоетажни, со големи чардаци напред, а доле има соби, штали, кујни, амбари и фурни.
Над манастирската врата е насликан св Архангел Михаил со голем меч во рака и со вага во другата на која ги мери душите на праведниците и грешниците. Црквата е нова, а столбовите во откриениот нартекс се стари, од стариот храм. На еден од тие столбови рускиот арх. Антонин во 1865 година открива и го чита надписот издлабен со убави букви. Датата посочува на времето од кога потекнува самиот манастир, а епископ Андреј – современик на Самоил... Во 1858 година, кога се копаа рушевините околу манстирската црква за да се возобнови манастирот била најдена меѓу другото и една мермерна колона. Заедно со други колони, донесени од блиските урнати цркви бил изграден и потпрен тремот на манастирската црква. На првата колона е зачуван еден од најстарите славјански натписи. Натписот е издлабен со убави букви, но при обновувањето на манастирот тој бил белосон со густ слој на вар кој го покрива целиот столб. И покрај тоа натписот доста се гледа. Членовите на руската арх. мисија (Успенски, Миљуков) исто така го прочитале натписот во 1898 година преку варта која го покривала натписот и направиле погрешно читање. Проф. Ј. Иванов (Старини во Македонија) кој го посети тој крај пред Хуриетот успеа да го прочита точниот текст на написот, откако ја исчистил закоравената вар од столбот... Палеографскиот натпис преставува најстар познат вид на славјански букви и исто потсетува на Самуиловиот напис од 993 година најден во село Герман – Преспа од кој е помлад само 3 години. Поменатиот епископ изгледа бил или Битолскиот, под чија власт тогаш се наоѓал Прилеп или негов помошник кој го држел Прилепско. Дека Прлиеп понекогаш имал свои владици гледаме од еден напис на икона во манастирот Трескаец од 1651 година, каде се забележува името на митрополитот Прилепски Јосиф (И-в. ибид). Манастирската црква е мала во византиски стил и поправена во 1858 година поради кое е острането се што можело да остане од старо време. Пред црковната врата има трем во западниот ѕид, на кој се забележуваат остатоци од стар живопис во природна големина. Од десна страна слика на 30 годишен маж со царска круна и мантија, а околу главата венец на светиот. Во десната рака држи крст, од двете страни на главата има натпис.. Исто се гледа слика на северната врата, само таа е на старец и без натпис. Во народот суштествува предание дека манастирот бил граден од Крале Марко. Од под една карпа во манастирскиот двор истекува вода, која е собрана во голем базен и го обслужува манастирот, а народот ја почитува за „Лековита вода“. Како најблизок манастир до градот посетители има секогаш. А најмногу за великите пости, во Петок на Велик ден и на св. Архангел. Манастирот поседува и недвижен имот, а се управува од селото... ... В. К’нчев во манастирот нашол три црковни славјански ракописи. Два од тие ракописни книги биле оставени во библиотеката на Солунската егзархиска машка гимназија... Ракописите се од XV век (Д. Матов, Блгарски книжици, Солун 1889 г. Кн. III,. г. I, стр. 44).... На крај на месецословот се гледа годината ..... + „ Misimondi Sittniza, oscritto questo libro igloria di Diocon la mia ma propria e fuchompito ai 1479 dj. 29 marzo a sia Marizo-shestania a chaiffo.“ Во превод: „Јас Симон од Ситница сум ја напишал таа книга во слава Божја со својата сопствена рака и беше завршена во 1479 г. На 28 март на Св. Марија Кастанија во Каиффо.“ Во 1884 година, тука беше масакрирана четата на Коне Павлев, која дошла на св. Тодор да се причести. Четата беше предадена од тогашниот епитроп. Подоцна манастирот ги пречекувал не еднаш или двапати организационите чети. Големата стратешка положба на манастирот, поставен високо во тешко достапните карпести ограноци на Марковите кули, го правеше достапен за нашите чети. А и во текот на хуриетските празнувања, манастирот живо учествуваше. Тука, од игуменот Стомнаров, беше поставена богата трпеза на прилепските чети, организационите раководители и младотурскиот кружок во Прилеп...“ „Св. Архангел Михаил“ се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија поради што е ставен под заштита на државата како Споменик на културата. Инаку; овој манастир е масовно посетен од верниците, бидејќи во него се чуваат дел од моштите на св. Козма и Дамјан, како и моштите на св. Стилијан. Македонска нација |