Среда, 16 Ноември 2016    PDF Печати Е-пошта
Сакралната вредност на мистичното Овче Поле

ovce-pole
фотографија – Дандан Дан 

Дали старите “бабини деветини”, митови, легенди, песни и преданија можат да ни овозможат почист поглед кон сегашноста и јасна визија за иднината? Веројатно нема мирна сегашност и стабилна иднина ако не си го познаваме минатото. Можат ли апокрифните текстови и народните митови да ни откријат локации кои се од огромно значење не само за нашата држава, туку и за целата генерација луѓе кои живеат на планетата Земја? Во Република Македонија се наоѓаат секакви археолошки локалитети, култни места и локации кои од народот се почитуваат од памтивек до денес. Малку се оние кои во 21 век го истражуваат непроценлицото културно наследство со кое располагаме. Еден од регионите кој воодушевува со својата древност, секако дека е Овче Поле. Таму постојат многу култни места, древни градови, храмови и гробници, стари цркви, но и легенди и преданија кои сведочат за сакралната вредност на овој крај. Посетителите најчесто се уверуваат во ова и во првата посета на мистичното Овче Поле, втората по големина котлина во РМ, каде Сонцето (Сл’нце – како што го нарекувале старите Овчеполци) свети дури три илјади часови во годината….

Уште во почетокот на 18 век, Јеротеј Рачанин забележал предание кое го чул во Горобинци, дека некаде во Овче Поле постоело медно – бакарно гумно затрупано со земја, каде “ќе се случело велико крвопролитие од Турака”. На враќањето од Ерусалим, овој аџија починал баш во Овче Поле, околу селото Орел. Постои и предание од една калуѓерка по име Теофанија, за бакарно гумно на четири часа од Штип, каде некоја царица доаѓала да пее со своите ќерќи. Во збирка на македонски народни песни од 1945 година се сретнува и песната Оро ми играле триста самовили, во верзија во која самовилското оро се играло на врв на планина, на рамна рудина, на бакарно гумно, на олоен стожер, оро играле ама мефтера немале, мефтера дочуле дури Овчко Поле, па ја пуштиле Ѓурѓа самовила… Во современата македонска научна литература го среќаваме медното гумно во “Митологизираното гумно во словенската народна традиција” од проф. Д-р Никос Чаусидис. За медното гумно пишувал и Марко Цепенков, опишувајќи го бакарното гумно кај старото езеро во Прилепско, покрај кое имало многу стар манастир посветен на Свети Никола. Во соседна Бугарија се среќаваат многу научни трудови во кои се споменува не само бакарното гумно, туку и неговата локација во Овче Поле, како и значењето на Овчеполието за сакралниот шаманизам и древните учења. Според еден српски текст од 1914 година медното гумно во Овче Поле е крај селото Ерџелија. Во старите народни песни, преданија, гатанки, митови и легенди може да се забележи дека често небото е плоча која ја покрива земјата, поле или полјана. Вир без дно, но и немерено поле со неброени овци и рогат овчар, и медно гумно со старец чувар. Овие митотопоними означуваат сакрални места и симболично го опишуваат светот онака како што го разбирале нашите предци. Првата сериозна научна публикација во која што се споменува медното гумно е онаа на Марин Дринов од 1900 година – “Медно (бакърно) гумно, меден ток в славянските и гръцки умотворения”. Таму авторот ги претставува старите историско – апокалиптични текстови за да покаже дека порано приказно – фолклорното змејско митско поле се нарекувало не само медно поле, медно гумно, меден ток, но и Овче Поле.

Древноста на Овчеполието се потврдува и во пропагандните книги на соседните држави од пред само стотина година, во кои Овче Поле се определува како “дел од прва стара српска света гора”, но и местото каде на Брегалница од Кирил и Методиј бил покрстен бугарскиот цар Борис, кој за наводно да ја докаже сериозноста на неговата намера, по овој чин му ги подарил колобарските параферналии и регалии на папата, кој се плашел од силата на старите верувања од овој дел на светот. Во чест на покрстувањето, бугарскиот цар на Овче Поле изградил бели цркви. Сакралното значење на Овчеполието се забележува и во апокрифните текстови, особено во “Видението на пророк Исаија за последните дни” од Поп – Драголевиот зборник од 11 век, во кој се опишуват последните времиња пред апокалипсата и појавувањето на бесрамниот змеј од Овче Поле, каде што имало и голем змијарник, кој ќе ги соберел сите светски велможи на својот дрвен сплав на реката Таен Рај, и за да ја покаже својата сила и слава ќе ги поведел како младоженец кога води другари на свадба, тргнувајќи на сите страни на светот за да го завршел последното време и дочекувајќи го Небесниот Ерусалим. Во овој текст од пред илјада и повеќе години среќаваме јасен опис на она што подоцна во херметичките текстови се опишува како хиерогамија, односно света алхемиска свадба. Присуството на ранохристијански артефакти, како и темели и остатоци од цркви од најраниот период на христијанството, потврдуваат дека луѓето кои живееле овде ја продолжиле традицијата онаму каде што застанале Пеонците, подигајќи храмови најчесто на места каде порано постоеле храмови посветени на Сонцето. Вековите подоцна, во кои царствата на Бугарите и Србите имале владенија во Овчеполието, потврдуваат дека сакралната вредност на овој крај бил почитуван од секој владетел. Дури и во Турско овде се населиле многу дервиши, па сеуште се паметат теќињата и местата нарекувани Теќенл’к. Во петте века турско владение, дозволи за градба на цркви се давале само за места каде што и порано имало христијански храмови, што потврдува за староста на овчеполските цркви. Старите српски и бугарски текстови за ритуалните обреди на Говедар Камен, Руса и некои други места во Овче Поле, ни говорат за старите верувања и традиции од овој крај, дел од кои живеат до ден денес. Во текст од српски етнографски зборник од 1937 среќаваме дека уште тогаш од памтивек Говедар Камен го посетувале луѓе од сите вери, а “Турци су га звали Говедар Баба”. Плодородноста и животот во Овче Поле на преносен начин се читаат и од многу народни песни, во кои девојката која раѓа син е од Овче Поле, коледарите се враќаат од Овче Поле во Долна Земја, каде нивните стада се умножиле, или преданијата во кои кога се создавала земјата, Господ фрлал камења и земја, па таму каде што ќе фрлел камења настанувале планини, а таму каде што ќе фрлел земја – рамници како Овче Поле. Чудотворното прогледување на “слепиот” Стефан Дечански е дел од архивата со легенди и преданија во кои некаде во Овчеполието се случува ритуална промена на дотогашната состојба.

Самото име на централната населба – Свети Никола, во турските дефтери запишана како Клисали / Килисали, место со цркви, црквино, и на најстарото маало во градчето – Рецко маало, што доаѓа од Рајетско, односно маало каде живеела рајата и немало турски газди, но и од многуте стари камења со црти и рецки, користени при изградба на куќите, сведочат за мистичната светост со која овој крај зрачи од памтивек па до денес. Пронајдените темели од стари цркви, но и храмови од пред нашата ера одат во прилог на кажаното во погорните редови. Во Овче Поле се наоѓа најстариот град со степен на развој далеку повисок од сите околни од средината на првиот милениум пред нашата ера. Во овој регион се и неколку локалитети кои на листата на најстарите неолитски култури во светот, потврда дека човекот овде живеел уште пред осум и кусур илјади години. Во разговорите со малкуте живи стари Светиниколчани родени пред втората светска војна, дознаваме дека од старите научиле за точната местоположба на медното – бакарно гумно, каде…

(продолжува)

Никола Ристевски

Овче Поле

ЛОЗА 2016

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.