|
||||
На Свети Никола сите патишта водат во градот на Свети Никола во Овче Поле |
Во чест на одбележувањето на патронот на градот Свети Никола – Чудотворецот Свети Николај, претстојниот викенд во Свети Николе ќе има повеќе настани, кои како и секоја година ќе ги одбележат деновите пред и на денот на празникот. Во саботата на 17 декември цел ден на градскиот плоштад ќе има повеќе интересни настани, по што следува свечената седница на Советот на Општина Свети Николе во 17 часот во зградата на локалната самоуправа. Од 19 часот во амфитеатарот на Меѓународниот Славјански Универзитет „Г.Р. Державин“ ќе биде одржана свечената академија, каде ќе бидат доделени плакети, признанија, благодарници и спомен плакети. На 18ти декември, во недела, во црквата Свети Никола од 16 часот започнува Вечерната богослужба. Истата вечер многу семејства во цела Република Македонија се собираат со најблиските за слава на Чудотворецот Свети Никола. На 19 декември, во понеделник, од 8 часот наутро започнува Утринската литургија во црквата Свети Никола, по што следува Свечената литија и славскиот колач. На пладне започнува славскиот ручек на градскиот плоштад и културно – уметничката програма со повеќе изведувачи и бендови. Единствениот град со име на светец во Република Македонија – Свети Никола, централната населба во големото Овче Поле се наоѓа околу старата црква Свети Никола, под која е потврдено дека се наоѓаат уште постари христијански храмови. Култот на Свети Никола во Овчеполието е жив со векови, а сеуште живее и традиционалната овчеполска посна трпеза за овој празник. Секоја година многу Овчеполци си доаѓаат дома за големиот празник, а присутни се и роднините, пријателите и гостите не само од Македонија, туку и од соседните и други земји. Посетете го градот на Свети Никола во Овче Поле и почувствувајте ја древната убавина на Овчеполскиот регион. Н.Р. ЛОЗА 2016 |