Среда, 28 Декември 2016    PDF Печати Е-пошта
КАКО СЕ ПЕЧЕШЕ ПОЖАРАНСКА РАКИЈА

Откако паметам за себе, во село Пожаране одсекогаш се негуваше култот кон алхохолот, било да се работи за ракијата или виното- сосема сеедно.

Паметам дека луѓето околу мене секој ден пиеја по некоја чашка ракија пред ручек или вечера. 
Се пиеше кога некој ќе се родеше, се пиеше на крштевки, на свадби се пиеше од радост, а на погреби од тага и се разбира, за душа на починатиот; во меѓувреме за се и за сешто и во секакви пригоди. Некако, алхохолот беше неопходен и неизоставен дел од секоја прослава, дружење, вечера, празник, слава - и случајно наминати гости. Најчесто тоа беа вино и ракија, за кои со гордост пред гостите домаќинот знаеше да каже: „Ајде, извадете сега од домашната- онаа најубавата“.

И во Пожаране одсекогаш се пиело ракија. Во текот на денот голем дел од мажите, особено повозрасните едноставно не ја испуштаа шансата да испијат по една чашка ракија од домашно производство. Впрочем тоа е одлика на секој пожаранец па затоа,  ако кажеш дека  си од ова село и  дека не конзумираш ракија, на тоа сигурно никој нема да ти поверува.

kazan-za-rakija-1
КАЗАН ЗА ПЕЧЕЊЕ НА РАКИЈА

Можеби и  благодарение на оваа пожаранска традиција, и јас понекогаш посакувам да се напијам по некоја голтка ракија или вино, а посебно  задоволство за мене е кога тоа е некоја токму таква, убава, домашна -  ракија за лек.  

Кога велам лек, помислив на она што го кажуваат и препорачуваат мноштвото од научници и лекари:  дека умереното пиење на нашиот традиционален пијалок, ракијата, може да биде прилично здраво
Тие конечно го докажаа она што љубителите одамна го знаеја или барем го посакуваа јавно да го слушнат: дека умереното пиење ракија може да се смета за природен лек кој го намалува холестеролот, ја намалува можноста за заболување од кардиоваскуларни болести, инфаркт, срцева слабост, зголемен крвен притисок и мозочен удар

Според научните истражувања,  ракијата е добра затоа што ја разредува крвта, а познато е и тоа дека се до појавата на првите средства против болки (те. седативите и аналгетиците кои во потрошувачка форма на апчиња се појавиле дури на почетокот од 20-тиот век), за оваа цел била употребувана ракијата. Постојат сведоштва дека во време на колерата и големите богињи, луѓето преживувале така што пиеле посилна ракија и јаделе лук.

Можеби затоа, речиси и не постои куќа во моето село  каде како дел од задолжителните намирници нема барем едно шише ракија.
Од секогаш сум се прашувал како изгледа процесот на правење ракија и никогаш не ми било јасно која е разликата помеѓу белата и жолтата ракија. Се разбира, вистинското место за конечно расветлување на мистеријата околу создавањето на овој чудесен пијалок беше во пожаранските селски казани, каде што веќе со децении наназад, од колено на колено, се пренесува тајната за правењето на најстариот природен лек 

domasna-pozaranska-rakija
ДОМАШНА ПОЖАРАНСКА РАКИЈА

А казани за печење на ракија во Пожаране имаше прилично многу:

-Во моето „Бучковци Маало“ тоа беше казанот на Голубе и Цвете– кој ги обслужуваа и другите семејни домаќинства, во „Волчевци Маало“ тоа беа казаните на Диле, Књазе, Нуфре, Веле, Стојан, Мече , во „Печовско Маало“ –казанот на Виктор, во „Долно Маало“ казанот на Мирче, Петко, Петре, Лазе, Сретко, Јане, Стефан, во „Јанковци Маало“ казанот на Слободе, Спасен, Мате. Живко, Ѓоре.. Во сите ови казани преку цело лето се печеше ракија.

kazan-buckovci
КАЗАНОТ ЗА ВАРЕЊЕ РАКИЈА ВО БУЧКОВЦИ

Додека постарите вареа ракија во казаните со денови, ние децата печевме пченки во распламнатото жариште од огништето и бевме неми слушатели на безброј приказни, случки и збиднувња од минатото на ова село.

Општо земено, ракијата може да биде произведена од било кое овошје што содржи шеќер. Традицијата за произведување ракија на Балканот постои од XIV век, и тоа во сите земји во регионот. На почетокот се правела само од грозје, односно од вино, а подоцна и од други видови овошје, сливи, кајсии, јаболка, праски, цреши, капини, круши, смокви и дуњи. Исто така, во поново време популарна е и црната ракија која се прави од свежи ореви. Во моето село ракијата најчесто се правеше  од џагалки ( сливи) и грозје. Процесот на произведување ракија не е комплициран, но е потребно доста време и грижа. А со искуството доаѓа и квалитетот.  За разлика од индустриската која е со 40 проценти алхохол , домашната ракија може да има од 50 до 60 проценти, а препеченицата (двојно дестилираната ракија) може да има и над 60 проценти алкохол. 

Најчесто, тука ракијата е безбојна или има светло-жолта боја, но може да ја има во различни бои во зависност од состојките од кои е направена и од начинот на чување. На пример, ракијата од ореви има темно-зелено-црна боја, ракијата од цреша е црвеникава, додека пак посебните видови на ракија кои со години/децении се чуваат во буриња од даб или црница имаат златна боја и полн, богат вкус. Традиционално, тука во село Пожаране ракијата  се пиеше од мали чоканчиња.

dzagalki
ЏАГАЛКИ ОД КОИ СЕ ПРАВИ РАКИЈА

Не ретко и во ова село ќе слушнете за обичајот, кога во куќата ќе се роди машко дете, да се остава настрана ракија што се отвара кога синот ќе стаса за женидба.

cokance
ЧОКАНЧЕ ЗА РАКИЈА

И тука, во село Пожаране, почетокот на приказната околу печењето на ракија започнува со големите буриња на комиње од џагали или грозје во дворовите од куќите- познат како процес на превривање кој трае најмалку 60 дена, и тоа во потоплите денови, додека подоцна во есента тој процес трае и подолго.
Кога ќе заврши процесот на вриење и од џагалите или грозјето ќе стане комиње, се поставува казанот за печење ракија. Комплетната апаратура за печење ракија се состои од бакарен казан и каца која се разликува од бурето по тоа што нема капак, а во неа постојано мора да има ладна вода за да може со ладење кондензацијата да се претвори во течен алкохол.                                     
Сето тоа мора да се постави избалансирано, односно казанот со ладната вода да биде повисоко поставен за да може во процесот пареата од алкохолот да не тече во млаз. Потоа казанот со оган се полни со комиње. , се става капакот. кој заради херметичко затварање, на неговиот спој со долниот сад се лепи со претходно припременото тесто измесено од трици и брашно или за таа намена специјално изработена кал.

Оганот во огништето на казанот постојано мора да се контролира, да се намалува или да се засилува во согласност со температурата потребна за перфектно печење на ракија. 

По достигнувањето на потребната температура, комињето во казанот почнува да врие, се создава водена пареа која преку лулето оди во кацата, низ цевките кои поминуваат низ ладна вода, доаѓа до нејзино кондензирање, па низ лулето на кацата почнуваат да паѓаат првите капки, малку потоа и цел млаз ракија.

Ракија која личи на најчиста изворска вода се собира во лонец.
Кога ќе се достигне границата која е одредена како минимум јачина, лонецот се трга и се намалува огнот во казанот.
На крајот, кога ракијата ќе се стави во буриња, се ставаат неколку тенки парчиња од срцевината на дрвото црница (дудинка). На овој начин, ракијата добива убава килибарна боја, повкусна е, попитка и поубаво мириса. Зависно од тоа колку боја пушта дрвото, тоа треба да стои во ракијата околу 60 дена.

protok-na-rakija
ПРОТОК НА РАКИЈА

А ракија во село Пожаране се пиеше секогаш и сегде. Во домовите, испред портите на селските куќи, на нива, во лозје, а најповеќе во вечерните часови до доцна во ноќта во селската задруга.  Ова селско збиралиште беше место каде што и старо и младо пиеше ракија. Кој повеќе, кој помалку, во основа сите. За некои пиењето на ракија беше скоро секојдневно и вистинско доживување до опијанување. Во оваа пригода би ги спомнал само имињата на сега веќе покојните Анѓелко и Азир, за кои животот без ракија беше незамислив. Нивните имиња едноставно речено „станаа синоним и заштитен бренд за пожаранската ракија“ 

azir-i-angelko
АЗИР И АНЃЕЛКО

Доколку свратите во ова село и посетите некој од домовите, бидете повеќе од сигурни дека домаќинот на куќата најнапред за добредојде ке Ви понуди една чашка од домашна ракија со малку мезе. Така било од секогаш  , така е и сега со пожаранската ракија.

Затоа, секој нов ден во село Пожаране, нека ви започне со чашка домашна ракија.. Таа ке ви го стопли телото, ке ви ја разигра душата и ќе направи да се чуствувате весело и пријатно во текот на целиот денот. Но,  ракијата пијте ја со мерка бидејќи таа истовремено може да биде и отров и лек.

Па драги мои, внимателно со  ракијата и секоја голта од истата нека Ви е  -НА ЗДРАВЈЕ !!!

Боге Војноски- автор на текстот

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.