Среда, 01 Февруари 2017    PDF Печати Е-пошта
Виа Егнација или Виа Игнација

Виа Егнација или Виа Игнација е римска магистрала направена околу 146 п.н.е. Името го носи по Гнеј Егнациј, проконзул на Македонија кој ја изградил. Се простирала преку Илирија, Македонија и Тракија, преку денешна Албанија, Македонија, Грција и Турција. Направена е со цел да се поврзат јадранските колонии со Византиум. Таа била и еден од 28-те римски патишта кои се простирале низ Римската Империја

Патот е граден 44 години, што гледано од денешен агол и според денешните стандарди, значи експресно и во еден здив. Почетокот на градбата се поклопува со ширењето на Римска Империја кон исток и се смета дека е започната во 145 година пред нашата ера, една година по Третата Македонска војна, по која Рим загосподарува со тогашна Македонија. Виа Егнација бил приоритет пред сe заради тоа што не постоеле речиси никаква комуникациска инфраструктура во освоените краишта и никаква врска со Рим, чија експанзија кон исток била незапирлива. Целиот потфат му бил доверен на проконзулот Гнеј Егнациј. Откако добил инструкции и придружба, Егнациј тргнал да ја утврди трасата. По двомесечно отсуство се вратил во Рим и на сенаторите кусо им реферирал: „Господа, таму нема никаков пат“. Кога го слушнал тоа, сенаторот Нониј му одговорил: „Таму треба да има пат, мој Егнациј“. И така и било. Таму, во балканската пустелија, започнало трасирањето на славната Виа Егнација.

Легендите, само накусо спомнати во секоја историја на цивилизациските комуникации велат дека една година Егнациј и неговите помошници ја утврдувале трасата во Македонија. Од трите маршрути, планирани на веќе постојните патишта, ниту една не била прифатена. Најкусата, преку Галичица, отпаднала поради непроодноста во поголемиот дел од годината. Станува збор за сегашниот пат Отешево - Св. Наум, кој бил направен нешто подоцна.

ViaIgnatia solun
Дел од Виа Егнација кај Солун

Гледано според денешните стандарди, Егнациј и неговата придружба сепак го пронашле најоптималниот правец подеднакво прифатлив за градителите, но и за подоцнежните корисници. Делницата од Драч до Солун, долга 391 километар, која многумина ја сметаат за комплетна траса на Виа Егнација, била градена 18 години и се смета за најтешка во целиот потфат. Градена во тринаесет етапи, трасата главно поминувала покрај населени места, така што дури ни до денес не е утврдено името на неколку попатни станици, во турско време познати како анови или конаци. Речиси идентичната оддалеченост меѓу две постојки, укажува на фактот дека градителите ни за педа не отстапувале од утврдената маршрута.

Кога градителите пристигнале до Лихнидос, Егнациј отпатувал во Рим на консултации. Конфигурација на теренот не соодветствувала на нормите што ги пропишал славниот Апиј - патот да биде најкусо растојание меѓу две локации, да е прав и погоден за движење на прочуените римски легии, кои како главен транспорт користеле коли со тркала без осовини за „фаќање“ кривини. Егнациј се вратил од Рим со наредба од правилото да се отстапува само кога нема друг излез. Од остатоците на Виа Егнација во Македонија лесно се забележува дека градителот доследно го почитувал Апиевиот „закон“.

Науката досега со сигурност не ја утврдила точната маршрута на Виа Егнација во добар дел од целата траса. На пример, делницата од Охрид до Битола има „празнини“, па како таква останува предизвик за археолозите. Според најраните карти се гледа дека Егнациј се решил за „товарната“ и подолгата, таканаречена „влашка патека“. Неа, имено, ја користеле прочуените Власи-кираџии, првите модерни балкански трговци. Повикувајќи се на византискиот историчар и хроничар Симоката, подоцнежните толкувачи на овој историски период тврдат дека во градбата, а подоцна и во вардењето на Виа Егнација, главен збор имале токму Власите.

Без оглед на тоа што славата му припаѓа на проконзулот Гнеј Егнациј, главните градители во Римското Царство биле робовите, но при градбата на Виа Егнација за прв пат биле ангажирани платени работници, најмувани од месното население во близина на трасата. Делницата од Охрид до Битола била градена во три етапи и имала и толку главни постојки. Првата, од Охрид до месноста Никеа била долга 23,6 km и заедно со втората, која завршувала на врвот Ѓавато (долга 16,2 km) се смета за најтешка на целата траса заради мноштвото удолнини, угорнини и засеци. Она што било изградено за време на летото, напролет го уривале надојдените реки и потоци, па морало одново да биде градено.

Via igancija struga
Дел од Виа Егнација кај Струга

Виа Егнација била поправана и проширувана неколку пати. Таа била важна стопанска и стратешка магистрала со векови и била еден од најважните патишта во Византиската империја, поврзувајќи ги Дирхакиум (денешен Драч) на Јадранот, со Лихнидос (Охрид), Солун, Перинт (подоцна Хераклеја) со Константинопол (Истанбул) на Босфор. Речиси сета копнена трговија со западна Европа во Византија се одвивала по Вија Егнација. За време на Крстоносните војни по неа поминувале војските кои потоа преминувале во Мала Азија. По Втората Крстоносна војна, контролата врз овој пат била од клучно значење за опстанокот на Латинската империја како и за државите-следбеници на Византија како Никејското царство и Епирското деспотство.

Својот вистински процут Виа Егнација го доживува за време на римскиот император Антонин Пиј (138-161), а заслугите за заокружување на тој проект им се припишуваат на неговиот претходник Хадријан (117-138) и наследникот и посинок Марко Аврелиј (161-180). Првиот, Публиј Елиј, роднина и наследник на славниот Цар Трајан ќе биде запаметен и како цезар-градител и миротворец. Речиси сето свое владеење го има посветено на изградбата на империјата и на зачувувањето на мирот во нејзините тогашни граници. Впрочем, и двата негови прекари Олимписки и Ослободител се најдобар показател за каков човек станувало збор.

Неговите биографи потенцираат дека бил и император-патник, бидејќи немало провинција во тогашното Римско Царство што не ја посетил. Токму заради тоа, за време на неговото дваесетгодишно владеење во империјата биле изградени или биле започнати најпознатите римски патишта, тврдини, арени, палати.

Виа Егнација е повеќекратно важен за македонската историја, пред сè заради фактот дека директно влијаел за создавање нови градови и нивни процут во секоја смисла. Од неа започнувале или се надоврзувале речиси сите римски патишта на Балканот, така што Македонија со право се сметала за една од главните крстосници на Римската Империја. Благодарејќи на Виа Егнација, сите новитети, носени од Стамбол до Рим или обратно, поминувале тука, оставајќи материјални и други траги. Делницата на Виа Егнација низ Македонија интезивно била користена сe до Првата Светска војна, за да се престори потоа во заборавен антички експонат.

Во новопојавената намера на моќниците од новиот светски поредок да ги реактивираат комуникациите на старите империи, Виа Егнација, кај нас познат како Коридор осум, има приоритет. Се разбира, носителите на идејата се потомците на старите Римјани. Имајќи ги предвид честите пресврти во правците на глобализацијата, поблиску до целта се пребогатите западни ексцентрици, кои веќе најавија „оживување“ на античките патишта.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.