|
||||
Трите века (4) |
Дури откако го виде Солун, Костадин сфати дека има многу поинаков свет, дека ова е поинакво место од сите досега што ги видел, дека и од Прилеп има поголем и многу поубав и побогат град. Куќи големи со многу одаи, бакалници многу – а во нив и од пиле млеко, луѓето убаво облечени по градски. Ако е овде вака, колку може да биде поубаво и побогато во Америка, си мислеше Костадин, кој не можеше да им верува на очите за тоа што го гледа во овој град наспроти сиромаштијата во Порече.
Додека доаѓаше за Солун, не си претпоставуваше каков е градот, иако дотогаш слушнал некои работи за него, тој најмногу си го замислуваше морето, си го поставуваше прашањето за неговата големина, за моќта на бродовите како куќи да одат по него. Кога стигна во Солун како да го подисплаши големината на водата, толку голема што дури ни крајот не & се гледа. „До вчера бев по ридиштата на Добра Вода, си мислеше, а сега треба да влезам во голема вода и во неа да бидам со денови и ноќи. Ќе влезам во параходот и излегување нема, нема рашетување, ќе бидам како во зандана.“ Дури откако го виде морето се чувствуваше подисплашен, вознемирен од неизвесноста, од опасностите среде бескрајноста. Луѓето од северните вилаети во Солун доаѓаа по разни потреби. За нив Солун беше доживување. Откритие. Убавина. Раскош. Луѓето како Костадина кога доаѓаа во Солун за да заминат уште подалеку во душата носеа тежина. И тие го доживуваа Солун, ама на поинаков начин. Како место од каде се одвојуваа и од татковината и од копното. Кога доаѓаа во Солун наместо расположение, во нивните души уште повеќе се вселуваше тага. Затоа и кај Костадина се појави страв од Солун, страв од неизвесноста, страв од морињата. И неговите другари што тргнаа на гурбет немаа видено море. Никој од нив дотогаш не бил во Солун. Ниту некој од неговото село. Ако некој одеше далеку на печалба заминуваше во Србија, Влашко и Бугарија, а најмногу одеа во прилепските или во гостиварските села. Таму работеа мајсторски работи или налето по полето. Од ботушаните во Прилепско често одеа Кузман, Здравко, Коне, Стеван, Виде и Цветан. Понекогаш ќе појдеше и Костадин со нив, но тие беа поголеми гурбетчии од него. Најголем гурбетчија беше Коне. Секое лето одеше по прилепските села. Работеше и мајсторски и полски работи. Како да му легнало при срце рамното поле, дури велеше дека еден ден кога ќе спечали доволно пари ќе се пресели во некое од полските села. Затоа и ботушани го завикаа Полјанец. Бидејќи на печалба се тргнуваше на Благоец, во Прилеп стигнаа еден ден пред да тргне карванот за Солун. Знаеја за денот на тргнувањето на карванот, но еднодневниот одмор им беше добредојден пред напорниот пат до Солун, иако за нив пешачењето не беше толку тешка работа, затоа што секојдневно беа на нога, од утро до вечер, нешто работеа, катадневно ги крстареа ботушките ридишта, ниви и шуми. Иако некои од горнопоречката група биле во прилепските села, малкумина од нив биле на пазар во Прилеп, па некои првпат видоа град – толку многу куќи на едно место, големи куќи и сокаци наредени со камења. Групата на Костадина во Солун допатува со прилепска врска – човекот што ги доведе и што требаше да им помогне да заминат за Америка беше трговец од Прилеп. Ги смести во ан кај свој пријател и како што им рече, уште неодморени од патот ќе им најде брод за Америка. Како трговец, тој познаваше и луѓе што водеа трговија со бродови, кои носеа стока по морињата и кои носеа патници надалеку – во богатите земји. Во Солун останаа две недели, и уште тука како да ја почнаа печалбата. Домашната храна веќе беше потрошена. А за да не ги арчат парите што ги стокмиле за пат, тоа време го искористија за работа. Прилепчанецот им среди да работат на пристаништето – да растовараат и да товараат бродови. За силните планински мажи тоа беше поднослива работа. Освен тоа, заработуваа за храна и за трошокот во анот, но можеби најкорисно за нив беше што се навикнуваа на морето и на бродовите. Едно попладне кога се разбесни морето и кога почна да расфрла бранови, Рајко стана „пишман-аџија“. Човекот толку се исплаши што беше подготвен сам пеш да се врати во Ботуше. Се потсмири дури откако луѓето што веќе одамна работеа на пристаништето го убедија дека бродовите се така направени за да не им можат ништо брановите и дека тие најдобро пловат кога има бранови оти полесно пливаат по водата и оти во морињата и во океаните постојано има бранови и затоа бродовите можат да стигнат до Америка. – Така ти е тоа... ќе се плаши човекот кога никогаш не видел ништо рамно. Ниту поле, ниту море, – промрморе Стојче, кога првпат Рајко призна дека има страв од морето. – Кога ќе те нишаат брановите, замисли дека се нишаш на лулашка на Ѓурѓовден во Ботуше, се обиде Стојче да ја поправи својата иронија. Во Солун Костадин слуша ист јазик, а одвај го разбира. „Овде луѓето малку поинаку зборуваат. А во Америка?“, се прашуваше Костадин. Го мачеше мислата како ќе се снајдат со луѓе што не зборуваат нашински јазик, ќе можат ли да го научат тамошниот јазик. За колку време, а што ќе прават додека го научат, дали само ќе се штуткаат и ќе грчат раменици? – Таму при уста ќе бидеме како без уста, – му рече на Станко кога споденаа муабет за јазикот и за разбирањето. – Ако не им го знаеш зборот, како да си нем. Едно утро на пристаништето се појави прилепчанецот во чие движење се забележуваше горделивост поради завршената работа со обезбедувањето места во брод за Америка. Следното утро веќе беа на бродот. Неколку дена повремено здогледуваа копно. Еднаш и застанаа некаде во Шпанија. Бродот остана цело попладне на пристаништето, а патниците во него. Излегуваа само тие што го управуваа. А потоа? Потоа само вода. Вода и небо. Небо без птици. Бескрајна вода, бескрајно небо. Уште во Солун, само што се одвои бродот од пристаништето, Рајко се соочи со тегоби. Човекот доби уплав од големата вода и при секое занишување на бродот стомакот му зовриваше и му се чинеше дека му доаѓа до грлото. Како што минуваше времето с# повеќе се навикнуваше и по една недела повторно заличи на човек. – Нема умирачка од лулка, – му рече Стојче. – Здрав си како дрен. Во поречките ридишта не те фатил приштот, а нема ни овде кај што е саде вода. Да ти кажам... И мене ми олесна откако тебе ти е полесно. Што ќе правевме ако скинеше конци. Вода не се копа..., – се обидуваше да се пошегува со својата иронија. Но Рајко не беше единствениот што преживуваше мачнини на бродот, ниту поречката група беше единствената што патуваше на бродот. На него имаше многу луѓе, само мажи и сите тргнати на печалба во земјата што била богата. Имаше луѓе од сите краишта на Македонија. Таа пролет, како никогаш дотогаш, на пристаништето во Солун имаше толку многу мажи од сета Македонија. Се качуваа на бродовите и заминуваа далеку. Тие што беа од Горна Македонија некако беа групирани – се групираа уште од патувањето до Солун. Во бродот Поречаните беа заедно со двајца од прилепските села, тројца од Тиквешко, двајца од Битолско и двајца од Преспа. Сите тие беа потиштени, сите од мака заминале, сите само што се разделиле од блиските. Најблиски сега им беа другарите и сопатниците. Групата е голема, утехата е полесна. Првите денови немаше многу зборува¬ње, повеќе молчење, а во молчењето тегоба. Стивнувањето на најголемите бранови на тага и тегоба се забележа кога зачестија меѓусебните разговори. Кога ќе отвореа уста ја отвораа од мака. Сепак, тоа беа воздржани разговори. Разговори од нагон. Човек с# издржува, а кога проговорува му олеснува на душата. Разбирливо, воздржаноста доаѓаше и од маката и разделбата при заминувањето, и од недоволното познавање меѓу себе. Колку што подобро се запознаваа, толку полесно им течеше муабетот.
|