|
||||
Трите века (5) |
Зборуваа или за маката или за неизвесноста. Сите си имаа видено маки од турските власти и повеќето од нив од принуда заминале од огништето и се упатиле во сосема непознат свет, а неизвесноста им беше заедничка. & се беа препуштиле на судбината, оти од сите нив никој дотогаш немаше патувано на печалба преку многу мориња. Сите по нешто чуле за Америка, но никој не ја видел. Никој се немаше уверено во тоа што го чул. – Ами, ако не е така, ако сме разбрале грешно, што ќе правиме тогаш таму? – рече едниот од Преспанците. – Барем таму нема турска власт – додаде друг. – Нема турска, ама има тамошна. Сами ќе сме меѓу туѓинци, а не го знаеме ни нивниот јазик. – Ако не те разбира никој, ни Господ не ти помага. Ако никој не ти помагне да го вадиш лебот, од што ќе живееш? Ако немаш работа, не си ни за напред, ни за назад. Америка не е Солун, па да се вратиш пеш. Ако не најдеме работа, нема ни враќање назад. Треба многу пари да се заработат за да се плати бродот за назад... Да не станеме американски кучиња, наместо американски богаташи? – Е, ти многу ја претера. Мора да има нешто вистина, во тоа што се слуша за Америка, а ако е така, тогаш нема за што да береме гајле, додаде Спиро од Битола. – Имајте добра мисла и добро ќе ни тргне – рече утешително Костадин, кој беше најстар во групата. Едно време се дозна дека меѓу нив на бродот има и поп од Струшко. Се распопил од немајкаде оти ги водел селаните за да си ја бараат правдата. Перо Бакалот од Ваташа морал да избега од дома оти на враќање од пазар во Демиркаписко ранил бекче кое барало скапи работи во товарот. Во одбрана му го забодил ножот, но другарите го спасиле и знаеле кој е тој што се обидел да го убие. Оставил и бакалница и семејство за да си ја спаси главата. На бродот како да беа во зандана среде бескрајно голема вода. Немаа слобода на движење, но имаа слобода да зборуваат. Беа далеку од своите, но далеку и од лошите власти. Затоа им се одврзуваше зборот за нив. – Да сум пак на иста мака и на ист срам, пак би го убил гадот, па десет пушки со него да носи – рече Спиро битолчанецот. – Ахаа…, значи и ти си од тие што ги требат лошите луѓе на султанот?, рече Станко по доброволното признание на Спира. Веќе немаше никави тајни меѓу идните гурбетчии. Брзо се дозна и за минатото на Костадина. Сопатниците дознаа дека тој веќе бил комита, дека со пушка в раце и со одбрана дружина гонел и качаци и луѓе на султанот кои не биле од мајка родени. И заради тоа минато, и заради годините оти беше најстар, спрема него сите имаа почит. Всушност, тој беше најавторитетниот во групата и зборот негов најмногу тежеше. Како што се прочу брзо на бродот дека едно момче било поп, така за него брзо се прочу дека бил комита. – Ако сите сме им покажале заби на алчните безбожници, значи сите сме се кренале против власта. Не сме биле комити, ама сме тргнале натаму – рече Спиро битолчанчето и со посебен тон додаде: – Ако сме ние комити, тогаш ти си нашиот војвода? Оттогаш тој беше Костадин војводата. Со „војводата“ почнаа сите да го именуваат. Тоа го потсетуваше на разделбата во Ботуше. „Тато, ние сме твоите кумити“, му рече тогаш најстариот син, десетгодишниот Васил. – Сите сме виделе мака и секаде власта лошо лице си покажала – рече еднаш Костадин кога групата беше расприкажана за положбата на народот. – Во нашиот крај сме виделе многу мака, ама сме покажале и многу сила, па на секој чекор не се врвчи аскер. А дека имало зорт од нив, имало отсекојпат. Турците го имаат запалено селото Александрица и отогај не пркна тоа село. Едно друго село некогаш го имале опустено качаците. Еднаш упаднале качаци во селото, ама селаните – мажи четворни, кога ги добајле – ги испотепале. Се спасиле саде двајца и тие избегале во Дебарско од кај што дошле. По некое време, тие ми ти собрале голема дружина качаци, дошла во селото, го заобиколила и го запалила и така на препад с# што сретнале живо убиле. Останала жива само една жена и еден момок од Крушево кој со козите бил далеку од селото. Тие двајца биле единствените преживеани селани и оставиле род и сегашните селани се нивни потомци. Тие се мажишта и јуначишта и ич не се плашат од качаци и од аскер. Не се многу, ама кога треба веднаш заби покажуваат. Патувањето им беше од долго подолго. Само седат во бродот и патуваат. И дење и ноќе исто. Некогаш во сонот ќе ги разбудеше нишањето на бродот, водата како да поулавила. Се будеа ноќе, спиеја и дење. Не им беше многу до сонот, но без сон не бива. Во долгите и веќе досадни седенки се создаваше с# поопуштена атмосфера. Една приквечер, Костадин ја отвори бовчата и извади нешто што првпат го видоа и неговите другари од Ботуше. Ја извади гајдата, а тие не знаеја дека ја понесол. Не ни помислуваа дека може да ја понесе. – Знам дека не сме тргнати на свадба или на славење сведни, ама може да ни се најде за да ни се ублажи тагата – им рече подоцна. Не му се помислуваше многу на гајдата додека патуваше, но по долгото патување почувствува желба да ја извади. Тој е добар гајдаџија, а гајдата е добра и за веселење и за тагување. Посегна по неа во бовчата за да ја побара утехата од тагата во неа и во песната, а за тоа имаше расположение во друштвото. Нејзиниот звук заменуваше повеќе од илјада зборови за утеха. Кога се носи тагата во себе и кога настапува носталгијата, с# што е роднокрајно трогнува, тогаш секој спомен од крајот роден е драг, а камоли песната која колку што носи радост, толку носи и тага, а уште повеќе буди спомени. Кој веруваше на почетокот на патот дека ќе стигнат и до песна? На монотоното и долго патување веќе заборавија. Подзаборавија колку денови патуваат. Патувањето им се стори бескрајно како бескрајно големата вода. Кога ги забележаа првите птици над морската широчина, некој прокометира дека блиску е копното. Им беше кажано дека набргу пристигнуваат. Да видат – да не веруваат. Имало крај на бесконечното патување. Конечно. Повторно завладеа молк меѓу патниците печалбари. Повторно неизвесноста ги надвладеа. Но, сепак, копно е копно, па што ќе биде нека биде. „Четата“ на Костадин војводата стигна во Америка. Се соочи со непознат свет. Во него овие мажи ќе се фатат за алат и ќе се обидат да ја победат сопствената сиромаштија.
|