|
||||
Трите века (6) |
Конечно копно. Конечно ќе се гази по земја. Доста беше лулање во вода. Земјата е цврста под нозе, па и туѓа да е. Средба со нов свет, со непознат свет. Луѓе јабанџии. Збор да не можеш да им разбереш. Им се приближи човек со наш јазик, од Воденско. Не знаеја сите каде е Воденско, но од зборот знаеја дека човекот е нашинец. Им изгледаше како ангел спасител меѓу сите јабанџии. Тој беше нивниот спроводник. Така го викаа, а тој беше човекот што прв ги воведе во Америка. Тој го знаеше јазикот на тамошните луѓе. Беше меѓу ретките од Македонија во таа далечна земја. Во последно време с# почесто доаѓаа луѓе од македонските краишта, а тој повремено одеше на пристаништето за да чуе што има ново таму. Спроводникот е многу важен човек. Тој ги спроведува во новиот свет. Тој е нивната уста, што може да се разбере со туѓинците, тој е нивниот водач во туѓата земја, тој им обезбедува прифатилиште, храна, им бара работа. Без него е сосема поинаку. С# е несигурно и неизвесно. Им раскажа како некоја група нашици, дојдена есента, заминала со луѓе што не знаат нашински да зборуваат и по два дена ја чуле лошата вест за момчето што немало среќа да ја почне печалбата и останало засекогаш во црната земја туѓинска. Спроводникот бргу им најде работа во рудник. Сите се задоволни од тоа, без оглед на тежината на таквата работа. Дотогаш никој не копал јаглен, ниту некој од групата знаеше како изгледа рудник. За три дена одмор им се поврати малку душата, но им се поврати и поради завршувањето на неизвесноста. Откако заврши патувањето, откако беа прифатени од спроводникот, откако најдоа работа и откако се сместија во бараките, с# беше поинаку. Првите три вечери преспаа кај спроводникот, а по првата вечер преспиена во бараките на рударите беа задолжени со алатки за работа и веќе се упатија на работа. Сите беа луѓе од работа, силни мажи што работеле разни работи и од утро до мрак, само работата во рудникот им беше необична. Никој не се плаши од работа, та за работа дошле, па колку и да е тешка, оти треба да се печали за себе и за семејствата што ги оставиле, ама на оваа работа не можеа лесно да се навикнат. Не затоа што цел ден копаат и туркаат големи колички, туку им беше чудна темнината, и тоа не обична, туку подземна темнина. На почетокот дури страв ги фаќаше оти беа влезени во длабока и темна дупка, а во неа - везден. Имаа страв и од темнината и од земјата - „А, што ако се урне врз нас?“, се прашуваа! - Ми се чини како да си копаме гроб – му вели Станко на Костадина. –Кога влегуваме како да слегуваме во гробот. Сум копал бавчи, ниви, дупки за дрвца и за огради..., ама под земја не сум копал. Ниту бунар не сум копал, фала богу во нашите краишта нема потреба оти саде извори има, ама ова копање многу ме мачи. Полошо ти било и од зандана… - А од кај знаеш како е во зандана? – упадна Стојче. - Ами, исто ти е. Овде си затворен со земја, а таму во ѕидини и барем има малку виделина, па ќе знаеш надвор дали е ден, дали е ноќ. Ако се стрпа земјиштено на нас, ниеден жив нема да излеземе. Ќе нема кој да им каже дома што не снашло. - Ако било толку лошо, нема да работат толку луѓе овде. Гледаш дека не сме само ние. Ако издржуваат овие луѓе, што сме ние па да не издржиме. За с# има навика, како што има од с# одвика – рече смирувачки Костадин. – Господ н# варди - како него никој не е. - Тој не варди, и само тој знае кој е кој од нас, оти вистина не личиме на луѓе кога излегуваме од земја. А, којзнае дали н# познава, зашто овде луѓето поинаку му се крстат и му се молат – дополни Рајко. - Море, Лапајко! Не биди толкав неверник. Господ е еден, а ти се правиш единствен неверник. Како што минуваа деновите с# повеќе веруваа дека таа и не е толку лоша работа, дека за неа даваат по некој американски грош за живејачка. Работата во рудникот им стана секојдневје – и ноќта, и денот, и сиот тамошен живот им беше поврзан со рудникот. Десет години иста работа, иста барака, исти предмети во неа. Не дојде никој од нив куќа да гради, туку куќа да храни. Не поминаа неколку дена откако почнаа да работат, во бараката дојдоа неколку момчиња што зборуваа нашински. Тие дошле порано во Детроит и повеќето од нив работеа во рудникот, ама живееја на друго место, малку подалеку. Цела вечер ја поминаа во разговори за родните краишта. Разговораа и за работата и за животот тукашен што за новодојденците беше смирувачко, зашто од своите земјаци многу работи слушнаа, многу поуки прифатија. Потоа, с# поретко се собираа заедно, оти навистина нема многу време, сите многу работеа, сите дошле со иста намера - да работат, да заработат и што побргу да се вратат кај семејствата. Сепак, на големите православни сведни ќе се собереа и ќе си поприкажеа. Стана обичај да понуди по некоја ракија тој што има домашна слава, да наздрават и да му се препуштат на вулканот од спомени. Тоа беа вечери на меланхолија и носталгија, на тага и радост. На тие сведенски седенки се случуваше Костадин да ја извади гајдата, да & го надуе мешиштето и таа да почне да пишти, да разлева звуци кои за сите нив беа толку разбирливи како да им се обраќа некој директно од родниот крај. Не им беше до песна во Америка, ама во тие моменти таа почнуваше треперливо да излегува од грлото, с# додека издржува грлото, с# додека од очите не се стркала таговна солза, оти и песните што ги пееја најчесто беа таговни. Како нивниот живот. И дома, и во Детроит. Првин беа малкумина Македонци во Детртоит, а како што минуваа месеците и годините, с# повеќе ги имаше, оти с# почесто пристигнуваа. На Костадина и на другарите с# полесно им беше зашто с# повеќе сретнуваа луѓе од македонските краишта, а нив ги чувствуваа како свои. Знаеја понекогаш да се соберат многу, како да се роднини или од исто село, а беа од сета Македонија. Тогаш беа големо друштво, сложно и блиско, зашто ги сврзуваа неколку работи. Во тоа друштво имаше разни луѓе: довчерашни овчари, момоци, занаетчии, но и поп, комити и луѓе избегани од зандани. Еден костурчанец беше прочуен во друштвото по јуначкото бегство од зандана и се лутеше кога ќе го наречеа робијаш. - Не викај ме робијаш, ќе се побунеше. Јас сум бегалец. Бегалец од зандана. Ама штом ќе се вратам и кумита ќе бидам. Затоа кога ќе се вратам назад - ќе се враќам со Костадин војводата. |