|
||||
Манастир Св. Андреа |
Манастирот Св. Андреа се наоѓа на самото езеро Матка 17 km близу Скопје, во клисурата на реката Треска, на самиот брег на езерото Матка, скриен меѓу стрмните и високи карпи. Тој е еден од ретките манастири во кој се зачувани повеќето натписи од времето на подигнувањето и живописувањето на црквата, значајни за нејзината историја.
Другиот син на кралот Волкашин, Андреја, ја подигнал оваа црква во 1389 година. Фреските се дело на митрополитот Јован (брат на познатиот иконописец Макарие) и јеромонахот Григориј, кои се потпишани во проскомидијата. Додека митрополитот е познат како зограф кој работел во околината на Прилеп (меѓу другото, ја има насликано иконата „Исус Христос Спасител и Животодавец“ за манастирот Зрзе во 1384 година), Григориј тука се јавува за првпат. „Тие ја продолжуваат традицијата на дворската иконографска школа.Оставајќи ги животите на Христос и Богородица, тие во фреските прво место им даваат на ликовите на воините, во раскошни воинствени одежди и со истакната мускулатура, необично добро насликана“. Во уметнички поглед овие фрески, според зборовите на стручњаците, претставуваат новина во македонското средновековно сликарство. Сликарите тука јасно ја изразиле тенденцијата за решавање на некои основни сликарски проблеми во перспектива и во поставувањето на фреските во одреден простор. Меѓу фреските секако треба да и се обрне внимание на композицијата „Молитва на маслиновата гора", на јужниот ѕид од црквата. Во натписот, северно од олтарната конха, испишани се имињата на зографите: митрополит Јован, зограф и монахот Григорие. Митрополитот Јован е познат уметник, кој работел со брата си Макарие во околината на Прилеп. Нивната дејност била сконцентрирана во манастирот Св. Спас над селото Зрзе, близу Прилеп, каде се појавуваат и како ктитори на црквата што ја подигнал нивниот дедо монахот Герман. Црквата Св.Андреа преставува комбинација на издолжен триконхос однатре и однадвор слободен крст. северната и јужната конха всушност се апсиди што ја имаат намената на певници, а третата конха на источната страна е олтарна апсида, однадвор петострана. Над централниот простор се издигнува купола на пандантифи. Полукружните ниши, подредеми во два реда, една над друга, ја оживуваат надворешноста на оваа мала по димензии црква. Во внатрешноста живописот е распоредеен во три хоризонтални зони. Притоа, изборот на композициите е намален со оглед на ограничениот простор за живописување. Фреско-декорацијата се издвојува, со своите стилски и уметнички квалитет, како и иконографските особености, од останатите споменици подигнати во Македонија во тоа време. Зографот не се држи до традиционалната иконографска шема, бидејќи во живописот не се застапени ликовите на пустиниците, Христовите чуда, сцени од животот на Богородица итн. Тој ги прикажува темите со поголема јасност, природност и блискост до обичниот верник. Лицата и фигурите на светите воини (св. Ѓорѓие, Димитрие, Теодор Тирон и Теодор Стратилат), прикажани во првата зона во цел раст, се преставени со животна сила и дејствуваат световно во својот израз. Во средната зона, каде што се прикажани сцените од „Маките на Христа“, во работата на уметникот се забележува повеќе зрелост и инвентивност, а во некои од композициите се среетнуваме со теенденција и настојување за решавање на проблемот, перспектива и сместување на фигурите во одреден простор. Во композицијата "Молитва на Маслиновата гора", фигурата на еден од апостолите е компонирана на слободен начин, со скратување, што укажува на посебната смелост и талентираност на зографот од црквата св.Андреа. Се истакнуваат и композициите: „Миење на нозете“, „Тајна вечера“, и „Симнување од крстот“.
Во горната зона се илустрирани сцени од циклусот на големите празници: „Раѓањето на Христос“, „Сретението“, „Крштевањето на Христос“ и други. Зографот Јован ги предава ликовите во една силна изразеност, нагласена волуминозност, во жив колорит. Тој се нафаќа да решава сложени ставови и движења во композициите , веројатно и затоа што тој сигурно владеее со својата сликарска вештина. Тој ја збогатува, иста така, и позадината на сцените, сликајќи ја архитектурата и поместувајќи во неа и по некоја фигура (Тајна вечера). Ваквото толкување за неговата уметничка супериорност во однос на другите мајстори наоѓа одговор во работата на иконата „Исус Христос Спасител и Животодавец“ од 1393/1394 година од иконостасот на манастирот во Зрзе, која се зема како уметничко дело. Оваа икона се смета за продолжување на неговата уметност што е настаната во манастирот св.Андреа. Зографот Јован со работите врз фреско-живописот во Св. Андреја ни се претставува како зрел и способен уметник, личност која што го издигнала ликовното творештво на повиоко ниво кон крајот на 14 век. Тој од една страна се враќа кон основните, проверени вредности и карактеристики на византиското сликарство, а од друга страна остава печат и на извесна оргиналност. Со смртта на митрополитот Јован, кој се смета за еден од најголемите сликари од ова време , настанува извесна празнина во уметничкиот живот на средниот век кај нас. Единствени сликари кои го следеле уметничкиот пат на Јован, биле неговиот брат, јеромонахот Макарие, и неговиот соработник на фреските-монахот Григори. Кон главната црква, во средината на 16 век, е доѕидана припрата, во правоаголна основа, прекриена со полукружен свод. Според зачуваните остатоци од долгиот натпис, кој бил испишан на другата зона од источниот ѕид, припратата била живописана во 1559/1560 година. Живописот е зачуван главно на источниот ѕид. Тука е преставен Деисиз (Богородица, Христос на престол и Јован Претеча), апостолите Петар и Павле, сцени од Богоридичниот акатист и други. Овој живопис се одликува со извесна монументалност, која не е одлика на сликарството од 16 век. Изгледа дека ктиторите настојувале новиот живопис од припратата да се урамнотежи со тој во наосот иако е очевидна временската разлика меѓу овие два живописа. Мајсторите зографи се истакнуваат со својата талеентираност и спремност, меѓутоа, тие не успеваат да го достигнат уметничкото ниво на нивните претходници - зографот, митрополит Јован и монахот Григорие. |