|
||||
Свети Илија Мариово |
На иницијатива на Стале Чешелков од село Потолчиште, Мариовско и со помош на сето мариовско население, во 1870 година поставени се темелите на манастирот посветен на Св. Илија а изградбата завршила по две години во 1872 година. Откако завршила изградбата на манастирската црква, биле повикани мијачки зографи од селото Тресонче на цело со со Аврам Дичов син на познатиот легендарен Дичо зограф. Манастирот е изграден во мошне живописни предели на Мариово, непосредно до селото Мелница кое денес не постои поради иселување на жителите. Манастирот е изграден покрај реката Бутурица и патот кој води кон селата Витолиште, Полчиште и Бешиште. Поради природните убавини чистиот воздух и питката планинска вода, не случајно овој манастир бил во минатото омилено место за одмор и летување на Пелагонискиот митрополит Григориј. За големата благодарност кон дедо Стале Чешелков иницијаторор за изградбата на манастирот, месното население го прогласило за ктитор на манастирската црква и за доживотен игумен на манастирот. На барање од месното население кон зографите по нивна желба бил насликан портеретот на дедо Стале на ѕидот на манастирската црква. Имотната состојба на манастирот била добра за егзистенција на манастирските браќа и луѓето кои што работеле на манастирските имоти. Во манастирската црква е сочуван натпис од 1872 година каде пишува дека со помошта на православните христијани од околните села бил изграден манастирот од мајсторот Пере Лауца. Манастирската црква посветена на Св. Илија е живописана во 1881 година, речиси по една деценија од нејзината изградба. Над северната врата од внатрешната страна на црквата се наоѓа уште еден натпис. Сите внатрешни ѕидни површини во црквата се зографисани од раката на зографот Аврам Дичов. Во црквата се наоѓаат и поголем број икони од 19 век, работени од истиот зограф-иконопсец што работел во црквите во селата мариовски. Манастирот е напуштен, а фреските на западниот дел од сводот се одпаднати. Слична е состојбата и со фреските во олтарниот простор и северната страна на тамбурот од куполата. Инаку селото Мелница е родното место на писателот Стале Попов. |