|
||||
Ново дело на дипломатот Константин Дораковски |
Неодамна од печат излезе книга со драмски текстови под наслов „Шушулеменко“ од дипломатот Константин Дораковски. Тоа е дело на првиот македонски дипломат во Канада (в.д. генерален конзул на Република Македонија во Торонто,1997-2001, како и прв македонски дипломат во Канбера, Австралија (2003-2006), а потоа повтороно во Канада како министер советник во Амбасадата на РМ во Отава (2010-2013). Константин Дораковски кој потекнува од печалбарско Љубојно, а одраснал во Битола, не е само дипломат. Тој е и писател и автор на повеќе дела, меѓу кои, на романот „Трите брега на душата“ (1995). Низ своите драмски текстови тој пројавува интерес за повеќе теми кои се наметнуваат со актуелниот пристап во современиот временски простор. Тие даваат белег на појавите кои задираат во собитијата на времето низ кое поминува општественото и човековото живеење. Делото „Шушулеменко“ , со поднаслов „Новиот ракопис на Птоломеј додека Сонцето изгрее на Запад“ задира во пројавениот интерес за барање на нашите идентитетските корени во далечните антички времиња и нуди две испреплетени приказни, од една страна се профилираат поедини појави од некои современи ставови и погледи за себенаоѓање во минатите историски етноси и настани, а од друга се осврнува на настаните и влијанијата кои ја издигаат една личност на пиедесталот на историската големина. Додека Сонцето изгрее на Запад, пак, го пренесува секојдневието, надежите и очекувањата на обичниот човек во предвечерието на распадот на поранешната Федерација и рефлексиите од некои од минатите времиња во кои се создавала македонската држава а што оставиле контроверзи и длабоки траги во свеста, меморијата и меѓусебните односи на поедини учесници. Инаку, драмскиот првенец „Шушулеменко“ кој беше подготвен уште во 1972 година претставува фарсична игра за феноменот на моќта, власта и владеењето, подготвуван во Драмски театар Скопје, но не заживеа на јавна сцена (беше одржана само предпремиерна изведба), заради партиската пресметка со појавата на либерализмот во тогашната СФРЈ, а со својата безвремена актуелност за општочовековата опседнатост со моќта на власта останува да опстојува и повторно да си го најде местото на театарската сцена. Овие драмски текстови на Константин Дораковски, создавани во подолг временски период, со темите, актуелноста и пластичноста на опишаните настани и карактери претставуваат предизвик за театарската продукција во Република Македонија. Славе Катин |