Среда, 12 Јули 2017    PDF Печати Е-пошта
Сполај ти, мајсторе, убаво од тебе, белки се’ ќе излезе како што треба

SavoKostadinovski
Саво Костадиновски

– Сполај ти, мајсторе, убаво од тебе, белки с# ќе излезе како што треба – рече Јанко, поослободен од првичното изненадување по последните зборови што ги слушна од мајсторот.

По неколку дена, на затворање на дуќанот, мајстор Петре го покани Јанка на вечера, му рече дека домаќинката спрема убаво јадење за сите.

Всушност, одоколу го покани на муабет за да му ги соопштат новите планови. Знаеше дека на вечера, кога сите се на трпезата, се соопштуваат најважните семејни одлуки. Претчувствуваше дека вечерта треба да чуе нешто од газдите, го јадеше јанѕата дека конечно мајстор Петре ќе му каже дека на работата кај него & е дојден крајот, а со тоа и на неговата печалба во Солун. Не се надеваше многу дека ако дојде до тоа ќе најде друга работа во големиот град крај Белото Море, оти војната донесе сиромаштија, па при сиромаштијата нема работа за дуќанџиите, а уште помалку за гурбетџиите.

Откако ја стави лажицата во ваганот, што значеше дека вечерата завршила, мајстор Петре со бавни движења си ја забриша устата и се стокми да каже нешто.

Јанко го слушна тоа што го очекуваше, што веќе го имаше чуено од мајсторот, но сега кажано пред неговата домаќина и на домаќинската трпеза.

Никој не беше изненаден од кажаното и никој не беше задоволен.

Тешко им беше и на домаќините и на Јанко.

Повеќе молчеа отколку што разговараа.

Семејството на мајстор Петре повторно требаше да се сели и по третпат да закуќува. Јанко повторно требаше да се подготвува за патување: или да се враќа од каде што штотуку дошол а како да минал покрај пеколот, или пак да замине на долг пат и во голема неизвесност, зашто мајстор Петре и таа вечер му предложи ако сака да замине со нив.

– Штом така велиш мајсторе, каде што ќе одите вие, таму и јас. Друг пат не гледам, назад не ми се враќа, а и татко ќе ме разбере правилно и без негов изим, оти и тој на времето го направил истото и заминал надалеку.

По вечерата завладеа тагата кај сите и не ги напушташе додека не им влезе сонот под клепките доцна во ноќта.

Мајстор Петре имаше неколкумина пријатели во Солун, некои од нив семејни пријатели и повеќетемина беа од неговиот Прилеп, па имаше со кого да се поздрави. Јанко не беше долго заседнат во Солун и немаше со кого да се поздрави на заминување, но кога бродот се одвои од копното, кога се заниша на првите поголеми бранови, се растрепери и неговото срце. Не се делеше од никого, а плачеше. Плачеше тој, плачеа децата на мајстор Петре, плачеше мајсторот, плачеше жена му – плачеа сите. За што? Од што?

Не се поздравија со никого од блиските роднини, но со одењето надалеку, се разделија од својата рода, од својата татковина. Плачењето беше вообичаено кога заминуваа македонските гурбетчии, кога тргнуваа далеку во светот каде што одеа со верба на поарно, затоа што маката беше секојдневје во нивниот живот.

Замина без разделба од најблиската рода, но Јанко успеа да испрати абер до неа. Им остави аманет на пријателите прилепчани – кога ќе отидат во Прилеп да сторат абер по некои пазарџии од Ботуше дека Јанко заминал во Австралија. Не доживеа тешка разделба на пристаништето во Солун, но можеби токму затоа тешко му падна патувањето – сето време силна тага му ја тиштеше душата. Замина непланирано, такаречи одненадеж, без знаење на татка си, но такво беше времето, така течеа работите, што во тој момент тоа изгледаше најразумно решение.

Патуваше долго, со седење во затворен простор – на бродот, а тоа тешко го поднесуваше. Не го собираше ниедно место, стана нестрплив ама немаше каде да оди. „Да скокнам в море па да се вратам, не можам – си мислеше – но можам да се вратам кога ќе наполнам четериесет години. На таа возраст, а кога јас сум имал три месеци, татко ми заминал во Америка. На тие години ја напуштил нашата куќа, а јас на тие години морам да се вратам“.

Тогаш сфати колку му било тешко на татко му кога заминувал на печалба, ја сфати тежината на печалбарските раскажувања на татка си, но се надеваше на полесна печалба и на поподнослива живејачка во туѓина.

Мислата, долга и тешка, го носеше на своите крилја до најоддалечените предели на тагата.

Тагата што сите ја понесоа со себе.

Измешана со носталгија, меланхолија и тегобност.

Тоа им беше најтешкиот товар што го понесоа со себе.

Јанко немаше многу нешта да понесе со себе. Само неколку лични пљачки.

А мајстор Петре?

Покуќнина преку мориња и океани не се носи.

Птиците преселници не носат ништо со себе.

Во нов свет, се создава нов дом, почнува нов живот, с# почнува од ништо.

Сепак, мајстор Петре, на патот на својата неизвесност, понесе нешто повеќе од личните работи на своето семејство.

Не можеше да оддолее да не ги земе полесните алатки од својата работилница. Ниту имаше планови, ниту знаеше што ќе работи во далечната Австралија, но за секој случај ги понесе. Не дека таму нема такви алатки, се разбира доколку продолжи со истиот занает, но се чувствуваше посигурен со нив, полесно му беше напуштањето на работилницата и на домот во Солун, зашто тоа беше алатот што му носеше леб.

Никому не му беше лесно.

Во градите на Јанко нешто силно брануваше, како вечно немирните води на океанот.

Најмногу од с# на бродот имаше време за мислата, мачна и тешка. Неспокојна до немајкаде.

На Петрета му се обраќаше со „мајсторе“. Му беше мајстор што му го даде занаетот, Петре беше негов газда, а патуваше, такаречи, како член на неговото семејство.

Патуваше во неизвесност.

Не знаеше точно каде, знаеше само зошто.

Каде ќе стигнат?

Кој ќе ги прифати?

Патуваше со својот газда, а не знаеше дали с# уште му е газда. Дали и натаму ќе биде негов газда. Дали по завршувањето на овој долг пат по водата секој ќе си фати свој пат?

Патуваше како дел од семејството на мајстор Петре. Со тоа полесно стигнуваа до утехата. Кога ја имаше.

Сепак, никому не му беше лесно.

Просторот им изгледаше бесконечен. Времето бескрајно.

Како да патуваа низ вечноста.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.