|
||||
Саво Костадиновски |
По бесконечното патување, конечно на земја. На континентот што тие години прифати многу луѓе од европските краишта каде што се пукаше многу, се страдаше многу и завладеа голема беда. Бегајќи од пеколот во Европа, новодојденците имаа чувство дека се упатиле во земјата на спокојот и надежта да се направи нешто ново и убаво во животот. Уште со доаѓањето во Солун Јанко забележа неспоредлива разлика од своите краишта. А пак со доаѓањето во новата земја различноста беше уште поголема. Таа за него беше навистина нов свет, поинаков од сето она што дотогаш го знаеше, иако, небото и природата му изгледаа исти како во македонските предели. Нова земја, нов свет, нови обичаи, друг јазик. А нов дом? Не можеше да замислува нов дом. Преокупиран беше со исчекувања и неизвесности. Во новата земја, сепак, не беа тргнати и не беа стигнати потамина. Имаше некаков ред во прифаќањето на луѓето што првпат стапнуваа на нејзината почва. Мајстор Петре и овојпат ја презеде грижата за Јанко. Како за своето семејство, така и за него. Заедничко им беше патешествието, заедничка им беше и неизвесноста. По еден час возење по малку правлив пат и многу подобар отколку што се патиштата во неговата родна земја, со автобус, во каква што машина дотогаш се немаше возено, Јанко и семејството на Петре од Сиднеј стигнаа во едно гратче кое со поглед можеше од едниот да му се види другиот крај. Не беше големо ниту колку Солун, ниту колку Сиднеј, па на Јанко му се чинеше како згодно место за живеење. Се разбира, ако е тука крајот на нивното патешествие. А дали е крајот зависеше од многу работи, а најмногу од тоа дали ќе имаат среќа и дали Господ ќе им помогне да се сместат добро и да најдат некаква работа за да си ја обезбедат живејачката. А сполај му на Бога, си мислеше Јанко, што на овој свет има земја што прибира вакви страдалници. Во таа земја со нови страдалници со сонови за нови домови, и Јанко и мајстор Петре најдоа работа во истото гратче, на исто место – во една фабрика во којашто се правеше хартија. Ниту едниот ниту другиот дотогаш виделе и знаеле како се прави хартија, ниту едниот беше мајстор, ниту другиот калфа, туку и двајцата работеа работи што им беа подносливи и што им се допаднаа повеќе од мајсторската работа, затоа што си обезбедуваа парче леб и можеа малку да му се препуштат на спокојот. Тука само што им почна сонот за новиот живот, за новиот дом, иако за почеток убаво им изгледаше заедничкото живеалиште што им го даде новата земја. По првото писмо што го имаше напишано во животот, кога им го предаде на познаниците прилепчани како абер до неговите роднини во Ботуше, а пред да го напушти Солун, Јанко реши да им напише уште едно на таткото Костадин и мајката Евдокија. Оти премногу го навјасала мислата за нив, за нивното здравје. За далечината и за туѓината. Им пишуваше за сите свои патешествија. И за сите новини, што му се случија. „Оваа книга е најдоброто здраво-живо што можам да ви го пратам“, им пишуваше. Од толку далеку ништо друго засега не може да се испрати. „Толку е далеку! Не можам ни да си замислам колку. Од Солунска Глава не може да се гледа толку далеку“, им пишуваше. Им пишуваше дека дури и на другата страна на светот има луѓе нашинци и тоа му ја олеснува живејачката и разбирачката со овдешните. Им пишуваше и за планот за враќање кој веќе го сковал веднаш штом пристигнал. Им пишуваше и за многу други работи, за да си олесни себеси и да им олесни малку на татка си и на мајка си во Ботуше. Дури откако пристигна на толкава далечина од своето огниште, можеше сосема да разбере низ што поминал татко му по Америката, зошто растел без него, зошто во раните детски денови не узнал и не видел татков лик, зошто мора да биде таков животот… По три години Јанко го напиша третото писмо со три новини во него. На мајка Евдокија и на татко Костадин прво им ја соопшти најстарата вест – дека пред две години се оженил со Лена, нашинка од Лерин, потоа дека таа само што му родила машко дете, а тоа е крстено Васил, исто како најстариот брат на Јанко што загинал во крушовските кории. Од татка си не можел да добие благослов за женидбата, но ја добил од мајстор Петре. Дотогаш тој му беше како татко. Од тој момент беше кум на семејството на Јанко.
|