|
||||
Како што минуваше времето, така немаштијата полека минуваше во имаштија |
Како што минуваше времето, така немаштијата полека минуваше во имаштија. Ама не имаштијата како изобилство, ами имаштија на трпезата. Да има секој ден, да не остане гладна душа. Да не дојде нужда за лебот. Во животот на Јанко првпат беше така. Иако некогаш и татко му беше на печалба. Сега му беше полесно, затоа што за домот и трпезата, за своето семејство се грижеше заедно со Лена. Задомувањето му одеше полесно благодарение на благородноста што беше ја имало во душите на родителите на Лена. Тие родните краишта ги напуштиле петнаесетина години порано, набргу по илинденските битки, кога исто така беше тешко да се живее во Македонија. Веќе имаа пуштено корени во новата земја, а на тие корени се потпре и семјеството што го создадоа Јанко и Лена. Ленините родители го прифатија како своја фиданка и тоа семејство за Јанко беше третото што го чувствуваше како свое. Семејното стебло на Јанко растеше брзо, како што растеше јаболковото дрво што го засади во родниот двор во Ботуше на заминување – како што направи и татко му кога се вдаде на пат за Америка. По раѓањето на Васил, Лена на свет му донесе уште едно машко, па женско дете. Со нивните имиња – Костадин и Евдокија, само беше потврдена смислата и беше разубавена крошната на тоа стебло. Васил, Коста и Ева, како што ги викаа, за Јанко беа најголемата врска со својата најблиска рода во старата татковина: нивните имиња секојдневно го навраќаа кон своите најмили и кон детството и младоста, минати на ридишта и падини незамисливо многу далеку од сиднејските прерии. Ветувањето што си го имаше дадено, дека ќе се врати во својата родна земја кога ќе наполни четериесет години, Јанко не го заборави, ниту сакаше да го прекрши. По четеринаесет години минати во Австралија се реши да тргне на пат за родниот крај, ама не да се врати за да живее таму, туку да го посети и да си ја види својата блиска рода. Тој беше човек со корени и во старата и во новата земја и не можеше тукутака да се откаже од својот нов дом. Со дилемата да се вратат или не, живееја многумина доселеници од Македонија. Секоја дилема си има своја причина, како што секоја планина си има своја тежина, ама наспроти носталгијата за родниот дом, главната причина за таквата дилема беа с# уште несредените состојби во македонските краишта кои беа поделени на три дела од војските што до пред неколку години крстосуваа по нив. Иако беа далеку, тие знаеја дека ниту во јужна, ниту во северна Македонија се живее мирно и во благосостојба. Во секој случај, не се живее како што може да се живее во новата земја. Прво да видат како е таму, па потоа ќе решат кога конечно ќе се вратат. На долгиот пат за Македонија, Јанко тргна заедно со Лена и дечињата. Лена уште како дете го имаше напуштено Лерин, па поради тоа со нетрпение очекуваше повторно да ги види пределите од спомените за детството. По пристигнувањето во Солун, прво се упатија за Лерин. Со намера да ја видат родната куќа на Лена. Ја видоа оддалеку. Не го виде Лена тоа што го очекуваше. Како да стапнала во туѓ свет во којшто има само парчиња од своите спомени. Тоа не беше родината од времето кога ја напушти. Нова власт – нов режим за средување на спомените. Во Ботуше осумдесетгодишниот Костадин веќе имаше абер дека тоа лето околу Петровден ќе стигне син му Јанко од најдалечната земја. Затоа Јанковото пристигнување не беше изненадување. Но беше изненаден Јанко од тоа што го гледаше во Македонија и во неговите родни предели. Очекуваше дека во меѓувреме работите многу се смениле на подобро, ама се излагал во своето мислење. Сфати дека борбата на татко му била залудна, зашто наместо многу војска сега во својата родина сретнуваше многу џандармерија. И самиот не знаеше од колку џандарски патроли беше запрен додека не стигна во Ботуше. А таму? Таму с# уште како во турско. Сепак, радоста од доаѓањето беше присутна во душата на Јанко. Ниту тој можеше да се изнарадува што повторно ги гледа татка си и мајка си, браќата Аврам и Мојсо, петте арслани на Мојсо – Богдан, Огнан, Јане, Сергеј и Дојчин, кои беа во заедница со остарените Костадин и Евдокија. Ниту сите тие можеа да се изнарадуваат што го гледаат Јанко со жена си и трите дечиња. Иако мали, Јанко сакаше да ги доведе и своите чеда во својот роден дом, за да имаат и тие спомен од детството што е врзан за родното огниште на татко им, доколку нивната среќа во животот ќе им биде родната Австралија. Немаше граница меѓу спомените и сегашнината. Едно видување – еден век.
|