|
||||
Не е време за конечно враќање |
Со доаѓањето во Македонија имаше расчистено со една работа: не е време за конечно враќање. Но пред себеси си вети дека ќе го стори тоа за десет години. А по десет години не беше време за патување во Европа, а уште помалку за живеење. Се ширеше нова голема војна, а од таквите проклетства неговата татковина не беше одминувана и поштедувана. На година по враќањето од Македонија ја доби тажната вест во која се велеше дека татко му го напуштил овој свет, а тринаесет години по посетата ја доби веста за смртта на мајка си Евдокија. По завршувањето на втората голема војна веќе дефинитивно немаше доволно силни причини да се врати таму каде што е роден, иако сите години дотогаш носталгијата му ја разоруваше душата. Носталгијата и натаму го немаше напуштено, но неговото ново семејно стебло имаше пуштено длабоки корени во австралиската почва. Васко, Коста и Ева веќе си имаа создадено сопствен свет на живеење. Јасно му беше како бел ден над Сиднеј дека судбината му го одредува животот, а не како што сака тој. Во Солун не дојде за да замине подалеку, ниту во Австралија дојде за да остане. Одеше таму каде што го водеше судбината, а таа мора да си врви. Во годините на големата војна, а уште повеќе потоа, судбината доведе во австралиската земја многумина од јужните македонски краишта. Стигнаа дури и страдалници од родот на Лена. Додека сите тие бегаа од родината, Јанко не можеше да се реши да отпатува таму. Како што минуваше времето кај него с# повеќе тлееше жарот што беше му го оставила носталгијата уште пред цела вечност. Веќе ја имаше спечалено белината на косата и само што го стекна правото на пензија. По петнаесет години одложување на патот до Македонија и по стивнувањето на пукотниците во нејзините јужни краишта, југот влезе во неговата душа, а тој првпат во авион кој надлетува мориња и кој брзо се бори со далечините. х х х Третиот ден откако влезе во авион во Сиднеј Јанко пеш стигна во Ботуше. До неговото родно место с# уште се стигнува по долго пешачење, но стигна во последните мајски денови кога природата под Добра Вода беше разбудена со сета своја убавина исто онолку колку што беше разбранувана душата на Јанко од сета возбуда што по дваесет години повторно го гледа својот роден предел. Наредниот ден по пристигнувањето, кај својата блиска рода во Ботуше се всели нова радост. Синот на брат му Мојсо доби син. Благуна на Сергеј на свет му ја донесе првата рожба, а тој ден ниту дедото, ниту таткото на новороденчето не беа дома. Мојсо беше заминат на пазар во Прилеп, а Сергеј беше на служба во банката во општинскиот центар. Кога третиот ден од раѓањето се вратија дома и двајцата имаа двојна радост – му се радуваа на новороденчето и на драгиот гостин од Австралија. А драгиот гостин од Австралија беше како главен домаќин во домот во Ботуше во отсуство на дедото и на таткото на новороденчето. Дедо Јанко ја имаше премногу почитта кај својата рода, па ја доби честа да кумува. Името на новороденчето го одбра по еден од следбениците на словенските просветители од Солун. Имаше чувство како да се родил повторно. Тоа лето го мина на крилјата на радоста. Намерата го одведе и во Крушево. На ден Илинден. Сакаше да му оддаде почит на брата си Васил. Му беше чест да биде со илинденците, соборците на Васил и на татко им. Долго време го чекаше тој ден, зашто посетата на Крушево му беше планирана уште во Австралија. Таму многу се зборува и им се дава почит на илинденците и на нивното востание. На илинденската прослава отиде со браќата Аврам и Мојсо, а по три дена се врати со мала потиштеност. Очекуваше поголема и подостоинствена прослава и почит од тоа што го виде. Тоа не го оставаше рамнодушен, не можеше да сфати зошто во Сиднеј се организира подобра прослава отколку во Крушево. Не можеше да сфати зошто неговиот народ кога е слободен да избира како ќе слави, тоа не го прави според големината на хероите и на денот. Ниту можеше да сфати зошто не е дозволено и е опасно да зборува за својот револт. Дури ни со своите браќа. Но за среќа тие убаво го разбраа и со молчење го оправдуваа неговиот револт. Зашто сите тројца силно го чувствуваа огнот во себе што го запалиле таткото и најстариот брат. Длабоко во себе уште посилно го чувствуваше своето родно огниште. Како никогаш дотогаш. С# до длабоката старост.
|