|
||||
Многу сакав да слушам за Костадин Војводата, но тогаш ништо не го прашав за него |
Многу сакав да слушам за Костадин Војводата, но тогаш ништо не го прашав за него. По долго молчење, почнав повремено да го прашувам и да му зборувам за нешто друго. Ништо не ми одговараше. Дури подоцна сфатив дека тој воопшто не ме слушал. Во тие моменти тој не бил со мене. Имал средба со минатото. Всушност, тој и наредните денови живееше во минатото. Само за него ми зборуваше, со часови и часови, со денови и денови. Тоа беше негова исповед, симнување на товарот, како што ми рече еднаш, а имаше добар слушател за тоа. Можеби мојата љубопитност уште повеќе ја предизвика таквата опседнатост кај него. Како да беше дојден на аџилак. Тие години на радиото почнав да слушам една песна за Костадин Војводата. Бев сосема уверен дека таа песна се појавила поради кажувањето на дедо Јанко. С# уште сум уверен дека таа песна е токму за него. Оти друг војвода како Костадина немало. Тоа е точно – од дедо Јанко слушнав. С# што слушнав од дедо Јанко, е вистина. Денот прекрши, сонцето се ближеше накај врвовите на Добра Вода, а ние с# уште бевме кај гробиштата. Требаше да дојде попладне за да помине времето на молчење и на средба со минатото за да почне дедо Јанко повторно страсно да раскажува. Сакаше мене да ме сретне со неговото минато. Сакаше с# да запаметам. Раскажуваше ли, раскажуваше. Повремено ќе ме запрашаше дали запаметив. Сакаше с# да ми каже за себе, за семејството, за нашата лоза... Имаше кому да каже, оти јас знаев дека с# што кажува е вистина. Само вистината ја зборуваше. Ми го раскажуваше минатото. Со ред. Лека – полека. Најмногу за татко му. Со куси паузи за воздишки меѓу речениците. За печалбарењето, за комитлакот, за патриотството, за животот некогаш во селото… Ја кажуваше приказната за себе. На враќање дома стигнавме во дворот на куќата на дедо Јанко. Во куќата веќе никој не живееше. Пуста куќата – пуст дворот. Пустина му ја зафати и душата. Јаболницата што ја засадил татко му на заминување за печалба ја немаше.ѝ минал векот. Неговата с# уште стоеше, но потсушена. – Ова ти е дрво со корен, ама со потсушена крошна. И нашиот живот е таков – ми рече. – И животот на селово станува таков. Попладнето го довршивме во дворот со разговори за селидбите. Не го чудеше што и јас, без благослов на родителите, веќе три години бев заминат далеку по работа. Од Славонски Брод дојдов заради него. Првпат по три години. Дури и јас се чувствував како гостин кај дедо ми Дамјан и баба ми Стојанка, во чија куќа татко ми живеел како домазет, а за мене таа беше родната куќа. Во неа ги минав моите први десет години. За поновите селидби, за раселените роднини, јас зборував, а тој слушаше. И двајцата н# притискаше носталгијата. Тогаш му ветив дека приказната за семејната лоза еден ден ќе ја запишам. х х х Тоа трето навраќање во родното место беше настан и за дедо Јанко и за неговите ботушани. Тоа беше видливо уште од мигот кога пристигна. Кога доаѓаше во Ботуше, како да слегуваше Господ на земјата. Така го прифаќавме неговото присуство. Од почит. Утрото на третиот ден по доаѓањето во селото, веднаш по појадокот, излеговме со дедо Јанко под сенката на јаболкницата во нашиот овоштарник. Само што ги распослав ќебињата на тревата, ни се придружи и дедо Дамјан. Набргу пристигнаа баба ми и моите сестри, а потоа и татко ми. Како што минуваше времето, еден по еден почнаа да доаѓаат и соседите, за да го видат деда Јанка и да си поприкажуваат со него. Едно време беа четириесетина луѓе. Како што беше го зафатило иселувањето, тоа беше добар дел од селото. Во сенката под јаболницата се раскажуваше надолго и нашироко. За многу работи. Како и во секој разговор, така и овојпат, дедо Јанко зборуваше за минатите времиња на селото. Многу сакаше да зборува за тоа, а му се приклучија и дедовците – се навратија дури во турско време, на комитлакот, на Костадина, Васила... И на комитлакот на мојот дедо по мајка ми – дедо Дамјан. Дедо Јанко многу често во разговорот се распрашуваше за роднините, за судбината на нашите семејства, за многу луѓе од својата младост, а знаеше и добро, со големо внимание да слуша кога му се раскажуваше нешто. Дедо Дамјан беше најстариот од сите, а неговото семејство не го познаваше доволно. Забележав дека него со посебно внимание го слуша. Дедо Дамјан се присети како со татко му Костадин заедно се враќале од востанието во Крушево. – Со татка ти се враќавме бавно, оти беше ранет – рече. – Јас се вратив без рана на телото, но се здобив со рана во душата – ја отвори дедо Дамјан веќе својата заздравена душа. – Кога стигнав во дворот – моите, наместо да се израдуваат, ги видов со натажени лица: најмладата сестра ја грабнале Турци и ја однесле во непознато место. Овој настан му беше познат на дедо Јанко, но не очекуваше дека од устата на деда Дамјана ќе чуе уште една приказна поврзана за истиот настан. – Пред пет години, продолжи дедо Дамјан, бев на пазар во Гостивар. На враќање, веднаш до градот, во Бањица, го запрев коњот пред едно дуќанче за да се одморам од патот и од годините што ги носам. Дуќанчето е веднаш до болницата, го врзав коњот за оградата на болницата и влегов во дуќанчето да си земам една оранџада за да си ја разладам душата. Кога гледам: внатре – Богдан од Волче. Џамбаз човек, често одеше – стока продаваше во Гостивар, беше разврзал муабет со дуќанџијата Ружди. Ги слушам прават муабет за нивната трговија, им се одврзал јазикот и зборуваат колку можат да се надитруваат во пазарлакот. Повеќе им зборуваше ракијата што ја испиле, отколку итрината, и по некое време слушам се спречкаа за пиењето. Што пиеш ракија кога ти е штетна, му вели Богдан на Ружди. Каков Турчин си ти штом локаш ракија како рисјанин. Па, рисјанин сум – му одврати Ружди. Се спречкаа и за тоа. Кај се видело Турчин да биде рисјанин? Ако не си видел – гледаш сега, ме гледаш мене, му одговара пак. Се спречкаа како на шега, но продолжија сериозно да се убедуваат. Ако не веруваш, да се обложиме – му предлага на Богдана. Еве стариов, твојот земјак ќе биде сведок, ќе сече. Бива? И би. Се обложија. Им тргнав по умот – пресеков. Размуабетениот дуќанџија почна мене да ме распрашува: кој си, што си, од каде си… И така едно време ме прашува како се вика татко ми. Што го интересира сега за татка, бог да го прости, си велем, кај овој ич не мирува ракијата. А тој, пак истото ме прашува. Видов не видов – му реков: Максим. Кога му реков така, се штрекна како змија да го касна. Поголем сведок од овега не можев да ти најдам – му вели на Богдана, а мене ми се заврте: Па..., ти знаеш..., ти си ми вујко?!?! Како гром да ме удри. Вујко? Јас сиот среќен, тој среќен, среќен и Богдан, иако го загуби обложувањето. Од среќа, наместо од облогот да биде честен, Ружди почна да чести.
|